Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничениот за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски мирно ја поминал првата ноќ во затворот „Скопје“, каде што синоќа беше спроведен по екстрадицијата од Турција извршена во текот на вчерашниот ден.
Палевски, како што вели за „360 степени“ директорот на затворот во скопската населба Шуто Оризари, Филип Андов, е примен во затворот и досега се нема пожалено на некакви здравствени проблеми.
„Сепак, домскиот лекар во текот на денот ќе изврши преглед за да се види дали лицето има некакви хронични заболувања за кои е потребно да се внимава на терапијата. Другите процедури се спроведуваат според протокол“,ни изјави директорот на затворот.
Она што сега се очекува, додава тој, е да се види дали Судот и истражните органи ќе преземат некакви активности во доменот на своите надлежности.
Во затворот, според директорот, досега немаат информации дали Палевски побарал адвокат или има некакви други потреби и барања за посети.
„Оставени му се листови хартија и пенкало во случај ако сака да напише некаква молба, дали бара адвокат или се откажува од правен застапник, како што впрочем се прави и со секој друг притвореник“,вели Андов.
Тој потврди дека осомничениот за двете убиства кои ја шокираа јавноста во земјава, но и во регионот, е сместен во посебна ќелија, во посебен блок од затворот каде се сместени и други притворени поврзани со делото.
„Обезбедувањето во ходникот на блокот е засилено. Во него се влегува со картичка, има посебни камери за видеонадзор и се знае точно кои стражари се ангажирани таму, кој влегува и кој и кога излегува и кога точно се отвора и се затвора вратата“,ни изјави Андов.
Во однос на облеката, Палевски нема добиено затворски комбинезон и не му е избричена главата, како што тоа беше случај со дел од останатите осомничени во случајот, што јавноста можеше да го види додека беа спроведувани на распит во Основниот кривичен суд Скопје по нивното апсење на почетокот на декември, минатата година.
Ова, според директорот на затворот, било случај затоа што тогаш осомничените се жалеле на повреди и биле со несоодветна облека и фризури.
Од друга страна, Палевски не се жалел на никакви повреди и бил соодветно облечен.
„Ако побара да биде шишан, тоа и ќе биде сторено“,додава Андов.
Љупчо Палевски-Палчо, по околу пет месеци поминати во притвор во Турција, вчеравечер беше екстрадиран во земјава и веднаш беше спроведен во затворот „Скопје“, бидејќи Основниот кривичен суд веќе му одреди 30-дневен притвор уште додека беше во Турција.