Петстотини луѓе го искачија врвот Клепа во чест на трагично загинатите Александар и Калина

Околу 500 учесници беа дел од петтото зимско искачување на врвот Клепа (1.150 м.н.в.), што, според организаторот, е најмасовен ваков настан во земјава. Освен од Македонија, годинава имало учесници и од Србија и Бугарија.

Искачувањето е во чест на трагично починатите планинари Александар Миновски и Калина Велевска, кои на 10 февруари 2018 го загубија животот на грчката страна на Кајмакчалан, а само една седмица претходно биле дел од турата на Клепа. Тоа е највисокиот врв на средно-високата планина во средишниот дел на Македонија, јужно од Велес.

Должината на патеката е 18 километри, се тргна од селото Сирково, а крајната точка беше манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Долно Чичево, каде што сите учесници беа послужени со ручек приготвен од АРМ.

Претходните денови, во шумата посветена на Александар и Калина биле засадени илјада садници багрем и аризонски чемпрес, дел од нив донација на ЈП „Македонски шуми“. Бидејќи поголем дел од садниците кои изминатите години биле засадени се оштетени од говедата кои таму пасат, шумата сега е заштитена со ограда.

Организатор на настанот е СПЕД „Клепа Росоман“ од Росоман, заедно со ЕГ „Грин пауер“ и КПС „Азот“, а финансиски е помогнат од општините Росоман и Градско.

Total
0
Shares
Related Posts
Повеќе

Собранието ги подготви заклучоците за францускиот предлог, нема потреба од промени во преговарачката рамка

Собраниските служби ги подготвија предлог заклучоците за владината информација за францускиот предлог. Според она што го подготвува собраниското…