Побуната на „Вагнер“ е предавство, рече Путин и вети сурова казна

Рускиот претседател Владимир Путин ги предупреди платениците од групата „Вагнер“ дека вооружената побуна е предавство и секој што ќе земе оружје против Русија ќе биде казнет.

Путин вети, во вонредно телевизиско обраќање, дека ќе преземе решителна акција за стабилизирање на Ростов на Дон, град на југот на Русија, каде што шефот на Вагнер Евгениј Пригожин рече дека неговите сили ја презеле контролата врз сите воени постројки.

„Тоа е удар за Русија, за нашиот народ. И нашите постапки за одбрана на татковината од таква закана ќе бидат сурови. Сите оние кои намерно стапнаа на патот на предавството, кои подготвија вооружен бунт, кои тргнаа по патот на уцена и терористичките методи, ќе претрпат неизбежна казна, ќе одговараат и пред законот и пред нашиот народ“, рече Путин, нарекувајќи ја акцијата на групата „Вагнер“ „нож во грб“.

Претходно во саботата, Русија соопшти дека во Москва е воспоставен режим на антитерористичка операција, откако Пригожин вети дека ќе го собори руското воено раководство.

Русија апелира до платениците на „Вагнер“ да се откажат од организацијата и нејзиниот водач.

Руското министерство за одбрана во соопштението, објавено на Телеграм, упатено до борците платеници, рече дека тие биле измамени и вовлечени во „криминална авантура“ организирана од Пригожин.

Пригожин рано во саботата рече дека неговите сили ја презеле контролата врз штабот на руската армија во Ростов и дека неговите сили ги контролираат воените локации во градот.

„Ние сме во штабот (армискиот) 7:30 часот. Воените локации во Ростов, вклучително и аеродромот, се под контрола“, рече Пригожин во видеото на Телеграм.

Пригожин и неговите борци преминале од Украина во Русија и влегле во Ростов, без отпор од граничарите.

Пригожин рече дека неговите луѓе се подготвени да одат „до крај“ против руската војска и дека ќе го уништат секој што ќе им застане на патот.

„Сите кои ќе се обидат да пружат отпор… ќе го сметаме за закана и ќе го уништиме веднаш, вклучително и сите контролни пунктови што ќе ни бидат на патот и секој авион што ќе го видиме над нашите глави. Ги молам сите да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации, останете во своите домови. Пожелно е да не се излегува надвор од рутата на нашето движење“, продолжи тој.

„Откако ќе го завршиме започнатото, ќе се вратиме на фронтот да ја браниме нашата татковина“, рече Пригожин.

„Ние сме 25.000 и ќе сфатиме зошто оваа земја е во таков хаос. Дваесет и пет илјади се очекуваат како тактичка резерва, а стратешката резерва е целата армија и целата земја. Секој што сака мора да ставиме крај на овој срам“.

Официјални лица во Воронеж во саботата известија дека воена колона се движела по федералниот автопат М4 Дон, но оти не е јасно во која насока се движи колоната.

Дополнително, градоначалникот на Москва најави дека „се спроведуваат антитерористички мерки“ во главниот град, при што евентуално се поставуваат контролни пунктови на патиштата.

Белата куќа соопшти дека го следи судирот меѓу највисоките руски воени претставници и силите на Вагнер и дека ќе се консултира со сојузниците и партнерите за развојот на настаните, изјави во петокот за Гласот на Америка портпаролот на Советот за национална безбедност Адам Хоџ.

Британските власти во саботата рекоа дека ја следат ситуацијата во Русија.

„Во текот на следните часови, лојалноста на руските безбедносни сили, а особено на руската Национална гарда, ќе биде клучна за тоа како ќе се одвива кризата. Ова е најзначајниот предизвик за руската држава во последно време“, соопшти британското Министерство за одбрана.

Пригожин во петокот рече дека полските кампови на „Вагнер“ биле погодени од ракети, хеликоптери и артилериски оган по наредба на началникот на Генералштабот на војската, генерал Валериј Герасимов. Тој обвини дека Герасимов ја издал наредбата по состанокот со министерот за одбрана Сергеј Шојгу, на кој решиле да ја уништат „Вагнер“

Руското Министерство за одбрана ги отфрли тврдењата на Пригожин.

Пригожин, пак, рече дека советот на командантите на „Вагнер“ ветил оти ќе го казни Шојгу.

Дел од информациите во текстот се од АП, Ројтерс и Франс-прес

Total
0
Shares
Поврзани објави