Израелската армија ја нападна Сирија откако падна дрон во јужен Израел

Израелската армија во петокот објави дека пресретнала ракети истрелани на израелска територија и дека ја нападнала Сирија откако се урна беспилотно летало во јужното летувалиште Еилат.

„Дрон падна врз училиште во Еилат во четвртокот, нема повредени, а како одговор израелската армија „ја погоди организацијата што го изврши нападот“ од Сирија“, соопштено е на мрежата Х, пренесува Франс прес.

Името на организацијата не беше спомнато, ниту од каде е истрелан дронот, но беше предупредено дека Израел „го смета сирискиот режим целосно одговорен за каков било терористички акт од сириска територија“ и дека „силно ќе одговори на секој обид да се повреди територијата на државата Израел“.

Дронот го оштетил училиштето, а седум лица претрпеле шок.

Десетици илјади луѓе се евакуирани во Еилат од северот на Израел и областа во близина на границата со Појасот Газа, каде што продолжуваат судирите меѓу израелската армија и припадниците на милитантниот Хамас.

Војската, исто така, во четвртокот соопшти дека користела ракета со долг дострел „Arrow 3“ за пресретнување ракети од областа на Црвеното Море, а јеменските бунтовници Хути ја презедоа одговорноста за истрелување балистички ракети кон Израел.

Ова е првпат да се користи системот „Arrow 3“, кој заеднички го произведуваа Израел и САД, а беше распореден во 2017 година. Војската соопшти дека исто така пресретнала „сомнителна ракета“ на југот на земјата во четвртокот користејќи противвоздушни ракети „Патриот“.

Како што се наведува, објектот не навлегол на израелска територија.

Јеменските бунтовници блиски до Иран во последните недели тврдат дека извршиле неколку напади со беспилотни летала врз Израел како одговор на израелското бомбардирање на Појасот Газа.

Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари на брифинг со новинарите рече дека заканата не е само Јемен и дека се следат сите закани во регионот, вклучително и против Еилат, бидејќи тие можат да доаѓаат од неколку места.

Израелската војска сугерираше дека „продолжува со операциите за уништување на инфраструктурата на либанскиот Хезболах“, проиранска организација и сојузник на Хамас.

Војната меѓу Израел и Хамас, предизвикана од нападите на екстремистите на оваа милитантна организација на израелска територија на 7 октомври, ги поттикна стравувањата од регионален конфликт.

Повеќе од 1 400 луѓе беа убиени на израелска страна, од кои повеќето цивили на првиот ден од нападот. Израел потоа го бомбардираше Појасот Газа, а на 27 октомври започна копнена офанзива. Според Министерството за здравство, кое го води Хамас, повеќе од 10 800 луѓе загинале во Газа, вклучувајќи околу 4 400 деца.

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Илјадници луѓе се понудија да го посвојат бебето Аја, кое кога го пронајдоа спасувачите во Сирија се уште беше поврзано со папочна врвца со нејзината мајка

Илјадници луѓе се понудија да го посвојат девојчето кое се роди под урнатините на урната зграда во северозападна…