Во соседна Грција е регистриран првиот потврден случај на метапневмонија, односно на вирусот ХМПВ, јавуваат грчките медиумите, кои истовремено пренесуваат и смирувачки пораки од водечките научници во земјата дека нема простор за паника, бидејќи станува збор за познат вирус.
Според грчкиот национален радиодифузер ЕРТ, случајот е регистиран на подрачјето на Солун кај 71-годишен маж, кој бил хоспитализиран и интубиран во болницата „Папаниколу“ со симптоми на пневмонија.
Пациентот, како што пишува „Катимерини“, првично бил препратен на приватна клиника, но поради сериозноста на состојбата бил префрлен во болницата „Папаниколу“, каде поради влошената здравствена состојба е интубиран.
Според информациите на кои се повикува грчкиот весник, мажот бил тестиран, по што кај него бил дијагностициран вирусот ХМПВ, кој во моментов бележи пораст во Кина и се лекува во изолација.
Грчките медиумите јавуваат дека мажот најверојатно се заразил од неговата ќерка која била на неколкудневен одмор во Кина. Неколку дена откако се вратила, на нејзиниот татко му се влошила здравствената состојба.
По информациите за случајот, грчкиот министер за здравство Адонис Георгијадис, утрово во гостување на телевизијата Антена излегол со смирувачки пораки, велејќи дека нема причина за загриженост, бидејќи метапневмонијата не е нов, тук познат вирус кој ги погодува луѓето со нарушено здравје и малите деца.
„Во овој момент побаравме темелна анализа на случајот. Да видиме дали има сој за кој не сме знаеле или има некои опасни карактеристики. Бидејќи оваа епидемија ја има во Кина, нема шанси да не се прошири. Во моментов се чини дека тоа не е нешто за што треба да бидеме загрижени. Метапневмовирусот не е нешто ново, како што беше ковид во 2019 година, кога започна од Кина. Станува збор за познат вирус кој напаѓа луѓе што се со нарушено здравје или мали деца, кои сè уште немаат развиено имунитет“,изјавил Георгијадис.
Смирувачки тонови дошле и од грчките научници, кои, исто така, велат дека нема простор за загриженост.
Професорот по епидемиологија на Медицинскиот факултет во Атина, Гикас Мајоркинис во изјава за ЕРТ, исто така, посочил дека метапневмовирусот ХМПВ не е нов вирус.
„Тоа е вирус за кој знаеме најмалку од 2001 година и за кој студиите покажаа дека е кај луѓето со децении. Всушност, една студија покажа дека антитела на вирусот се откриени уште од 1958 година. Исто така, студиите покажаа дека во Холандија сите деца се заразени до петтата година од животот. Така, веројатно сите сме го имале кога сме биле мали, и тоа не е ништо ново“,рекол тој.
Според Мајоркинис, барем досега не станува збор за особено опасен вирус, иако може да доведе до компликации кај деца и возрасни лица што припаѓаат на високоризични групи.
Тој посочил дека не е развиена вакцина или специфичен третман за ХМПВ, бидејќи се смета дека предизвикува релативно блага респираторна инфекција.
Коментирајќи ја загриженоста што е предизвикана од зголемениот број на случај на метапневмонија во Кина, професорот рекол дека врз основа на податоците со кои располагаат, најверојатно станува збор за „фама“ на социјалните мрежи, без реална основа.
Според Центарот за контрола и превенција на болести во Соединетите Американски Држави, ХМПВ е чест вирус кој предизвикува инфекција на горните дишни патишта и претставува сезонско заболување кое најчесто се јавува во зима и рана пролет, пишува „Катимерини“.