По струјата, Русија од утре ја прекинува испораката на гас за Финска

Од финскиот државен гигант за гас „Гасум“ соопштија дека добиле известување од руски „Газпром“ оти снабдувањето со природен гас од Русија ќе биде прекинато во сабота наутро. Од компанијата соопштија дека и натаму ќе продолжат да ги снабдуваат со гас своите клиенти од Финска, но од други извори преку балтичкиот конектор на гасоводот

Овој потег од Русија следува само неколку дена откако земјата прекина да ја снабдува Финска со струја

Откако ја прекина испораката на струја во Финска, во сабота наутро Русија ќе ја прекине и испораката на гас во земјата, соопшти денеска финскиот државен гасен гигант „Гасум“, откако земјата одби да му плати на рускиот снабдувач „Газпром“ во рубљи.

„Попладнето во петокот, 20 мај, ‘Газпром експорт’ го извести ‘Гасум’ дека снабдувањето со природен гас за Финска според договорот за снабдување со ‘Гасум’ ќе биде прекинато в сабота, 21 мај, во четири часот наутро“,

се вели во соопштението од финската компанија.

Оттаму соопштија оти компанијата и натаму ќе продолжи да ги снабдува со гас своите клиенти од Финска, но од други извори преку балтичкиот конектор на гасоводот.

Според „Гардијан“, извршниот директор на „Гасум“, Мика Вилјанен, се обидел да ги убеди клиентите дека ќе има доволно гас во наредните месеци.

„Внимателно се подготвивме за оваа ситуација и се погриживме да нема прекини во гасоводната мрежа. Ќе можеме да ги снабдуваме корисниците со гас во наредните месеци“,

рече тој.

Поради одлуката да поднесе барање за членство во НАТО, Финска беше критикувана од руските власти кои се заканија со можни последици.

Total
9
Shares
Поврзани објави