Поранешна сопственичка на погребна куќа во Колорадо е осудена на 20 години затвор, откако беше обвинета за продажба на делови од мртви тела. Нејзината мајка е осудена на 15 години.
Mеган Хес признала дека е виновна. Таа управувала со погребна куќа и служба за донирање органи од истата зграда во Монтроус, Колорадо.
Нејзината мајка, Ширли Кох, исто така се изјаснила за виновна и беше осудена на 15 години затвор. Таа имала задача да ги сецира телата, според судските записи, според извештаите на Гардијан и РТС.
„Хес и Кох понекогаш го користеа погребниот дом за да украдат тела и делови од тела користејќи лажни и фалсификувани донаторски обрасци. Нивното однесување предизвика огромна емоционална болка кај семејствата и најблиските“, рече обвинителот Тим Неф во судската пријава.
Федералниот случај беше поттикнат од истражувачката серија натписи на Ројтерс помеѓу 2016 и 2018 година за продажба на делови од тело во САД.
Поранешни работници изјавија за Ројтерс дека Хес и Кох го извршиле неовластено распарчување, а неколку недели по објавувањето на приказната од 2018 година, ФБИ изврши рација во нивните канцеларии.
Судијата нареди веднаш да бидат испратени во затвор.
Во САД е нелегално да се продаваат органи како што се срца, бубрези и тетиви за трансплантација, иако тие можат да се донираат. Но, продажбата на делови од телото како што се главите, рацете и рбетот, што го направи Хес, за употреба во истражување или образование не е регулирано со федералниот закон.