Шокантната елиминација на Новак Ѓоковиќ уште во третото коло на Ју-Ес опен, разбирливо, е главна вест буквално на сите светски медиуми, особено во неговата Србија, каде што веќе се појавија и текстови со кои се бараат и наоѓаат причините за неговиот пораз.
Според нив, главна причина за ужасната игра на популарниот Ноле биле проблемите со стомачните мускули, кои ги имал и на претходниот дуел против Ласло Ѓере. Неговата пресметка против Алексеј Попирин доцнеше речиси 90 минути во однос на предвидениот термин, па телевизиската програма морала да се пополни, па во ТВ преносот беше виден детал кој инаку можеби немаше да стигне до екраните.
Камерите тајно го снимиле Ѓоковиќ како лежи на земја, додека неговиот физиотерапевт, Миљан Амановиќ, му помага со масажа и притисок на болното место. Таа фотографија набрзо се прошири на социјалните мрежи и покажа дека многумина се сомневаат дека проблемот е уште посериозен. Многумина сметаат дека тоа е причината за ужасниот настап на Новак, пред сѐ кога е во прашање сервисот (првиот сервис го погодуваше под 50-отсто), но и форхендот, кој беше далеку од препознатливата разорна моќ.