Навивачот на грчки АЕК (29 години) починал од повеќе прободи со нож кои му биле нанесени во тепачката со хулиганите на Динамо Загреб, која се случи синоќа на улиците на Атина во пресрет на денешниот меч од 3. квалификациско коло од Лигата на шампионите (ЛШ) помеѓу овие два тима.
Тој веднаш бил пренесен во болница, но лекарите не можеле да сторат ништо за да го спасат со оглед што му била оштетена артеријата и загубил премногу крв.
„Хулиганите од Загреб му ја пресекле артеријата на раката, поради што искрвави на лице место и му немаше спас иако беше пренесен во болница. Како да не беше тоа доволно, тие продолжија да го газат и да го удираат со безбол палки по глава додека неподвижен лежеше на асфалтот“, изјавува сведок на крвавиот настан.
Грчките медиуми истакнуваат дека конвој од 25 автомобили дошол од Загреб во Атина.
„Хулиганите дојдоа во грција со намера да убијат. Имаа ножеви и палки за да предизвикаат нереди. Околу 120 жестоки хулигани тргнаа од станицата ‘Пефикакиа’ кон стадионот. Голем број навивачи на АЕК панично избегаа. Еден од Хрватите извадил нож и избодел го во раката на 29-годишникот, крвавење беше незапирливо“, наведуваат Грците.
По нередите, грчката полиција приведе 96 хулигани со цел да го идентификува сторителот на грозоморното убиство и да ги расветли деталите за случајот.