Владата го разреши Марјан Спасовски од директорската функција на Управата за извршување на санкции

Директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски е разрешен од својата функција.

Ваквата куса информација без дополнителни објаснувања преку писмено соопштение попладнево ја објави владиниот прес-центар во врска со одлуките донесени на денешната редовна седница на Владата.

Информацијата за разрешувањето на првиот човек на Управата за извршување санкции следува еден ден откако премиерот Димитар Ковачевски на вчерашната прес-конференција во Владата изјави оти почнал процес за селекција на нов директор на Управата бидејќи, како што рече, не е задоволен од работата на актуелниот, Марјан Спасовски.

Процесот за избор на нов директор на Управата, која е под надлежност на Министерството за правда, доаѓа неколку дена по бегството на 36-годишниот Беким Мемети, за кое со кривични пријави во притвор завршија тројца затворски полицајци и командир на смена во затворот „Идризово“.

Изјавата на Ковачевски, со која информира за промената на раководната позиција во Управата за извршување санкции, беше дадена одговарајќи на новинарско прашање во врска со бегството на Мемети и дали некој од раководството на засегнатите институции ќе понесе одговорност.

Total
0
Shares
Поврзани објави