Владата денеска го усвои Предлогот за пристапување кон промена на Уставот

Владата денеска го усвои Предлогот за пристапување кон промена на Уставот, односно ги усвои предлог уставните амандмани со кои во Преамбулата ќе се додадат Бугарите, Хрватите, Црногорците, Словенците, Евреите и Египќаните.

Како дел од предлогот е и образожението во кое се објаснува потребата од носење на овие уставни измени, односно дека Република Северна Македонија во согласност со својата стратешка определба за полноправно членство во Европската Унија е решена да ги спроведе обврските преземени во рамките на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија што започнаа со одржувањето на првата Меѓувладина конференција, одржана на 19.7.2022.

-Овој Предлог за измена и дополнување на Уставот, Владата го предлага поаѓајќи и од уставното начело дека граѓаните на Републиката мора да ја негуваат одговорноста спрема сегашноста и иднината и дека се свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби за создавање на самостојна и суверена држава Македонија, како и дека се одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на се што е вредно од богатото културно наследство и на се што е определено како специфична уставна вредност од Илинденското востание во 1903 година преку Народноослободителната борба од 1941 година до 1944 година заклучно со формирањето на современата независна и суверена македонска држава во 1991 година, стои во делот за образложение.

Понатаму во образложението стои дека Република Северна Македонија во својата уставно правна традиција им ја гарантира слободата на изразување, негување и развивање на идентитетот и особеностите на своите заедници. Во рамките на таа гаранција, Република Северна Македонија ја афирмира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници.

-Оваа уставно правна традиција е започната уште во државно правните традиции на Крушевската Република, како и со правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ, а продолжи со донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година, како и со амандманите на Уставот што произлегоа од Охридскиот рамковен договор од 2001 година. Оттаму, овие уставни традиции се дел од стремежот на нашата држава за целосна интеграција во европското семејство на државите и народите, како демократска држава на рамноправни граѓани, стои во Предлогот кој денеска го усвои Владата.

Total
0
Shares
Поврзани објави