ВМРО-ДПМНЕ попладне треба да ги утврди и објави имињата на кандидатите за министри во идната влада

На седници закажани за денеска доцна попладне, Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ треба да ги утврдат кандидатите за министри од коалицијата „Твоја Македонија“ што пред партиските тела ќе ги претстави лидерот на партијата и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски. 

Најавата за седниците, по кои се очекува да биде заокружен списокот на кадровските решенија што ќе ја сочинуваат идната владата, неделава во изјава за медиумите ја соопшти Мицкоски. Официјалниот состав на идната влада со министерските позиции и програмата за нејзината работа ќе бидат доставени во Собранието во вторник, на 18 јуни. 

Од партијата што ја предводи коалицијата „Твоја Македонија“ досега формално не ги соопштија кадрите кои ќе седнат во министерските фотелји на Илинденска број 2, иако во јавноста се шпекулира со конкретни имиња. 

Владата, која по донесувањето на Законот за нејзина реорганизација, наместо досегашните 16 ќе брои 20 министерства, ќе биде составена од преставници на коалициите „Твоја Македонија“ и „Вреди“ и од „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“, чиј лидер е актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.  

Опозиција, како што изјави мандатарот Мицкоски на 12 јуни, ќе бидат коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, „Колацијата за европска иднина“ на СДСМ и политичката партија Левица.  

Инаку, своите кандидати за министерските и заменик-министерските позиции во идната влада досега официјално ги соопштија Движењето Беса, Алтернатива, кои се дел од коалицијата „Вреди“ од албанскиот политички блок и партијата на Максим Димитриевски – ЗНАМ. 

Синоќа, од Алтернатива преку писмено соопштение информираа дека централното претседателство одногласно донело одлука за министер за европски прашања да го предложат ексдиректорот на МЕПСО и на „Македонски железници-Транспрот, Орхан Муртезани, а Лулзим Алиу и Сафије Садики-Шаини се кадрите што партијата ги предлага за заменик-министри во министерствата за образование и наука и заетнички заедници.

Завчера своите предлози за министри министерствата за правда и за јавна администрација ги соопшти Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, од каде за министер за правда е предложен Игор Филков, додека кандидат за прв човек во Министерството за јавна администрација е  Горан Минчев. 

Total
0
Shares
Поврзани објави