Во тек е надзор во Основното обвинителство во Струга и во Вишото во Битола за предметите за Мерко

Четворица јавни обвинители од републичкото обвинителство денеска вршат контрола во Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Струга, но и во Вишото во Битола, под чие подрачје спаѓа струшкото, за предметите што се поврзани со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, од ДУИ.

„Четиричлена комисија од јавни обвинители од Јавното обвинителство на РСМ денеска врши надзор на постапувањето во предметите во ОЈО Струга и ВЈО Битола. По целосните проверки на постапувањето, Комисијата ќе изготви извештај“,велат од Јавното обвинителство.

Мерко заедно со неговото семејство пред една недела (на 20 јуни) беше ставен на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција и, како што објави Стејт департментот, поради присвојување средства и мешање во судски и во други јавни процеси.

По ова и по реакциите во јавноста за непостапувањето на домашните институции, од Јавното обвинителство ги најавија денешните контроли со цел да се утврди дали имало нестручно постапување од обвинителите.

„Јавното обвинителство на Република Северна Македонија исклучително сериозно ги зема предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на ова лице врз постапките. Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание, ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана“,рекоа од Јавното обвинителство на 22 јуни.

Оттаму објавија и список со предмети во кои има кривични пријави за Мерко – станува збор за шест активни предмети од кои најголемиот дел се за злоупотреба на службената положба и овластувања, а биле оформени по кривични од здруженија на граѓани, адвокати, Управата за финансиска полиција… Најстариот датира од 2015 година, но сè уште не е затвор бидејќи од 2020 сè уште се чека дополнително вештачење кое треба да го направи Бирото за судски вештачења.

Total
0
Shares
Поврзани објави