Покрај другите, во учебникот по албански јазик за петто одделение е наведена и кратенката за владејачката партија ДУИ. Од МОН најавија одговор во текот на денот, додека од опозициските партии од албанскиот блок побараа повлекување на учебникот, но и повлекување на министерот Јетон Шаќири од функцијата
По неколкунеделните реакции во јавноста за грешките кои се најдоа во новите учебници за основно образование, почнаа реакции и за новиот учебник по албански јазик за петто одделение.
Имено, во лекцијата каде што учениците учат како правилно да пишуваат датуми и скратеници на земји или организации чии имиња се состојат од два, три или повеќе збора, меѓу другите, како пример се најде и кратенката ДУИ – Демократска унија за интеграција.
Освен оваа, како примери се наведени и кратенките РСМ, САД, МОН и ООН.
„Кога имињата на земји, на различни организации итн. се состојат од два, три или повеќе збора, се користат кратенки.Овие ознаки се пишуваат и изговараат со кратенки, користејќи ги првите букви од зборовите. Пример РСМ (Република Северна Македонија), САД (Соединети Американски Држави), МОН (Министерство за образование и наука), ООН (Организација на Обединетите нации), ДУИ (Партија Демократска унија за интеграција) итн.“,се наведува во лекцијата.