Забрана за увоз на пилешко месо од Бразил е воведена поради птичји грип, изјави денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов. Тој потврди дека оваа одлука е веќе стапена во сила.
Миланов исто така напомна дека пред пет дена, со цел да се превенира потенцијалното ширење на чума кај малите преживари (PPR), АХВ донесе одлука за забрана на увоз и транзит на живи домашни и диви мали преживари, семе, јајце клетки и ембриони од домашни и диви мали преживари, месо од домашни и диви мали праживари, производи и преработки од месо од домашни и диви мали преживари, млеко и производи од млеко од домашни и диви мали преживари, како и нуспроизводи од домашни и диви мали преживари од Албанија. Оваа мерка беше донесена откако во областа Дебар, место Кастриот, на фарма со 200 кози, се појави ново жариште на болеста, по пријавувањето на првиот случај во областа Скадар.
Според директорот, досега, во рамки на контролите што АХВ ги спроведува заедно со полицијата, е откриен и криумчарење на живи животни. “Пред пет дена донесовме Решение за забрана за увоз од Албанија поради чума кај малите преживари”, рече Миланов.
Тој додаде дека се алармирани полицијата, армијата, сите ветеринарни друштва и официјалните ветеринари, кои мора да бидат претпазливи. “Минатата година болеста ја имаше во Грција, за еден ден беа уништени околу 16 000 грла, но ние успеавме да не дозволиме да се појави кај нас”, потенцираше директорот.
Одговарајќи на новинарски прашања пред трибината за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната, Миланов рече дека АХВ се надополнува со инспектори. “Во моментов имаме 186 инспектори. Во АХВ веќе завршија дел од огласите, но ќе имаме уште огласи до крајот на годината додека. Зацртан ни е бројот од уште 50-на инспектори”, информираше Миланов.
Во однос на храната што ја консумираме, тој уште еднаш истакна дека е безбедна и најави засилени контроли поради летниот период, особено во туристичките места. “Никаде во светот и никој не може да гарантира дека јадеме безбедна храна. Граѓаните јадат безбедна храна, сега со зголемување на температурите зголемен е и бројот на туристи и на транзит, а Агенцијата покрај редовните, врши и вонредни надзори. Периодов акцент ќе биде ставен на туристичките места како Струга, Охрид, Преспа, Дојран,. . .”, рече Миланов.
Во врска со поминатиот рок на производите, тој дополни дека одговорност имаат, пред се, операторите со храна кои мора да ги почитуваат законските и подзаконските акти. “АХВ по дојава на граѓани, по редовни и вонредни контроли казнува и ја уништува храната со поминат рок, но операторите се должни таа роба заедно со официјален инспектор да ја однесат на соодветните депонии”, истакна директорот на АХВ.