Забрана за увоз на јаглед од Русија и други сет санкции поради војната во Украина

Европската комисија (ЕК) предложи петти пакет санкции против Русија, по снимките од злосторствата во Буча, град во близина на главниот град Киев. Според претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен, најновиот пакет има шест столба.

Забрана за увоз на јаглен од Русија во вредност од четири милијарди евра годишно, целосна забрана за трансакции за четири клучни руски банки, забрана за пристап до европските пристаништа на руски бродови, таргетирани забрани за извоз во вредност од 10 милијарди евра, во области каде Русија е ранлива, како што се квантните компјутери и напредните полупроводници, но и чувствителните машини и транспортната опрема.

Пакетот санкции вклучува и конкретна нова забрана за увоз, вредна 5,5 милијарди евра, за да се намали приливот на пари од Русија и нејзините олигарси, на производи од дрво до цемент, од морска храна до алкохолни пијалоци. Понатаму, санкциите вклучуваат забрана на ЕУ за руските компании да учествуваат во јавните набавки во земјите-членки и исклучување на каква било финансиска поддршка, без разлика дали е европска или национална, од руските јавни тела.

Претседателката на Европската комисија најави и проширување на списокот на поединци на кои ќе им биде забранет влез во ЕУ. Неколку функционери на постојаната мисија на Руската Федерација во Европската Унија се прогласени за персона нон грата.

„Но, тоа не е се. Работиме на дополнителни санкции, вклучително и увоз на нафта и разгледуваме некои идеи презентирани од земјите членки, како што се даноците или специфичните канали за плаќање како депозитна сметка“, соопшти Фон дер Лајен.

Инаку, овој предлог на Европската комисија треба да го потврдат и земјите членки на Европската унија, на состанокот што ќе се одржи на 6 април.

Последниот пакет санкции против Русија доаѓа откако Украина на 2 април објави слики од мртви цивили на улиците на градот Буча лоциран 37 километри северозападно од Киев.

Украинските сили ја вратија контролата врз целиот регион на Киев и ги ослободија градовите од руските трупи.

Според Фон дер Лајен, овие злосторства не можат и нема да останат без одговор, а како што рече, сторителите на овие грозоморни злосторства не смеат да останат неказнети.

„Русија води сурова и безмилосна војна, не само против храбрите трупи на Украина, туку и против нејзиното цивилно население. Важно е да се направи притисок врз Путин и руската влада“, рече Фон дер Лајен при објавувањето на предлогот за нови санкции.

Според неа, првите четири пакети санкции сериозно влијаеле и ги ограничиле политичките и економските опции на Кремљ и рече дека „резултатите се веќе опипливи“.

Total
0
Shares
Поврзани објави