Започна постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски

Министерството за правда од надлежните турски власти побара Љупчо Палевски да биде задржан во притвор поради екстрадиција сè до завршувањето на постапката. „Очекуваме од Република Турција веднаш да постапи по нашето барање“, информираат од министерството.

Изутринава (6.12) е добиено официјално известување од Интерпол, дека Палевски, кој се бара со меѓународна потерница е уапсен во Турција.Министерството за правда веднаш ја отпочнало постапката за екстрадиција. По комплетирањето на документацијата и преводот на списите на турски јазик, тие ќе бидат доставени до турските органи. 

„Во координација сме со сите засегнати институции за да постапиме веднаш и нема да чекаме да измине рокот од 40 дена за да го доставиме барањето за екстрадиција“, велат од министерството.

Барањето за екстрадиција треба да го потпише министерот за правда, Кренар Лога или лице овластено од него. Кога постои опасност дека лицето чијашто екстрадиција се бара ќе побегне или ќе се сокрие, министерот може да бара против тоа лице да се преземат законските мерки заради негово привремено притворање.

По завршување на постапката во Турција и откако ќе биде одобрена екстрадицијата, ќе биде договорено кога и каде да биде преземен Палевски. Засега нема официјални информации дали постои некаква пречка за екстрадиција на осомничениот за две убиства.  

Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во вторникот (5.12) беше уапсен во Турција, а Јавното обвинителство отвори истражна постапка за две убиства на свиреп начин по кривичната пријава добиена од МВР.

Истражната постапка се води против пет лица, од кои четворица како соизвршители сториле две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин, од кои едно на малолетно лице и едно од користољубие, додека, петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело грабнување на малолетно лице.

Total
0
Shares
Поврзани објави