Ирачки демонстранти ја запалија шведската амбасада во Багдад поради палењето на Куранот

Стотици демонстранти синоќа го зазедоа главниот влез на шведската амбасада во ирачката престолнина Багдад како одговор на полицијата во Стокхолм која даде дозвола за демонстрации на кои организаторите наводно планираат уште едно палење на муслиманската света книга Куранот, јави Си-ен-ен.

На видеата објавени на социјалните мрежи се гледаат голем број демонстранти околу шведската амбасада, како и црн чад и оган што доаѓа од зградата.

Протестот во Шведска, закажан за денеска, доаѓа само неколку недели откако еден човек запали страници од Куранот пред главната џамија во Стокхолм, што доведе до широко распространет бес и осуда низ светот, вклучително и во Ирак.

Според АФП, шведската полиција вчера соопшти дека дала дозвола за да се одржи протест пред ирачката амбасада во Стокхолм, а медиумите објавија дека организаторите планирале да ја запалат муслиманската света книга.

Стокхолмската полиција за АФП изјави дека дала дозвола за „јавен собир“ пред ирачката амбасада, но не сакаше да даде дополнителни коментари за тоа што планираат демонстрантите. Шведската полиција нагласи дека дава дозволи само за луѓето да одржуваат јавни собири, а не и за активностите што се спроведуваат за време на собирот.

На протестот во Багдад, очевидци за Си-ен-ен изјавија дека демонстрантите се повлекле од околината на шведската амбасада откако запалиле дел од неа „откако ја пренесоа својата протестна порака против чинот на палење на Светата книга Божја“.

Ирачкото Министерство за надворешни работи соопшти дека го осудува палењето на шведската амбасада во Багдад. Оттаму додаваат дека инцидентот е дел од загрижувачкиот и веќе вопоставен начин на однесување со напади врз дипломатските мисии што претставува значителна безбедносна закана.

Се додава дека ирачката влада презела брза акција, давајќи инструкции на надлежните безбедносни органи да започнат итна истрага – „мерки со цел да се откријат околностите за инцидентот, да се идентификуваат сторителите и да се повикаат на одговорност пред законот“.

Инаку, на крајот на јуни годинава, маж запали копија од муслиманската света книга пред џамијата во Стокхолм, предизвикувајќи масовни осуди низ муслиманскиот свет. Снимките покажаа дека на настанот тој бил единственото лице, освен неговиот преведувач. Моментот се совпадна со муслиманскиот празник Курбан Бајрам, еден од најзначајните датуми во исламскиот календар.

Total
0
Shares
Поврзани објави