Ковачевски: Правосудните органи ќе треба да ги испитаат наводите за Мерко и да се запрашаат како САД дознале за нив, а тие не

Ставањето на струшкиот градоначалник на американската „црна листа“, според премиерот е само уште една потврда дека на истражниот и правосудниот систем на државата му е потребен ремон. Прашан дали ќе бара од советничката група на СДСМ во Општина Струга да му ја откаже поддршката на градоначалникот Мерко, премиерот со став дека околу тоа добро ќе треба да размислат сите советнички групи во општината

На ставовите на Ковачевски веднаш реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата упатија неколку прашања до премиерот со порака дека со тоа што не бара оставка од Мерко и вината ја префрла на судските и обвинителските органи ја навредува интелигенцијата на народот

Истражните и правосудните органи во земјава ќе треба да ги испитаат наводите на кои се заснова одлука на Соединетите Американски Држави за ставање на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на „црна листа“ и да се запрашаат како САД дошле до такви сознанија, но и не и нашите органи, се двете пораки што денеска ги упати премиерот Димитар Ковачевски, а кои како што рече произлегуваат од вчерашното соопштение на Стејт департментот.

„Вчера го прочитав соопштението на Стејт департментот и можам да извлечам неколку клучни пораки. Прво САД се нашиот стратешки партнер од првиот ден на нашата независност и тие помагале, помагаат и ќе помагаат во најразлични сфери на нашето општество особено во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и јакнењето на институциите. Второ наводите кои се наведени како основ за ставање на црна листа на градоначалникот на Струга и неговото семејство се сериозни. Станува збор за неколку основи и од тоа пораката е дека нашите институции, зборувам за истражните и правосудните органи треба да ги испитаат наводите кои се наведени во самото соопштението на Стејт депратментот. Исто така треба да се запрашаат и тоа како Соединетите Американски Држави дошле до такви информации на коишто ја базирале својата одлука, а се наоѓаат на неколку илјади километри од тука, а нашите органи не дошле до такви податоци во текот на сите изминати години“,изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање по денешниот настан за доделчување на социјални станови на семејства во Виница.

Ова, како што додаде тој, е само уште една потврда дека на истражниот и правосудниот систем на државата му е потребен ремонт, став кој премиерот го искажа и вчера, прашан за најавата на министерот за правда Кренар Лога дека ќе има разговори со опозицијата за распуштање на Судскиот совет по последните контроверзни случувања во ова тело.

Прашан дали ќе бара од советничката група на СДСМ во Општина Струга да му ја откаже поддршката на градоначалникот Мерко, премиерот со став дека околу тоа добро ќе треба да размислат сите советнички групи во општината, бидејќи се избрани од граѓаните.   

„Во однос на правните и на етичките аспекти, во однос на мандатот на градоначалникот на Струга тој ќе мора да одговори на тоа прашање, бидејќи тој е избран функционер на непосредни избори. Во однос на динамиката на советничките групи во Општина Струга сите ќе треба добро да размислат како ќе продолжат понатаму со оглед на наводите кои што се наведени, бидејќи да не заборавиме дека тој градоначалник бил градоначалник во повеќе мандати и во тие мандати соработувал со сите советнички групи во општината без исклучок. Затоа ќе треба да седнат да размислат како ќе продолжат понатаму бидејќи сите тие се избрани од граѓаните да ги штитат и да ги унапредуваат правата на граѓаните“,рече Ковачевски.

Инаку, Рамиз Мерко е кадар на Демократската унија за интеграција (ДУИ) која е коалициски партнер на СДСМ и на централно и на локално ниво.

Total
0
Shares
Поврзани објави