Кои се „Rainbow Gatherings“ – секта или група странци кои кампираат во Маврово

Молскавично се рашири веста дека во Македонија поточно покрај Мавровското езеро во близина на село Леуново, се собрале неколку стотини лица, главно странци од повеќе држави да кампираат во земјава, палејќи логорски огнови и изведувајќи свои ритуали. Станува збор за групата „собири на виножитото“ (Rainbow gatherings), неформална организација основана во САД уште во шеесеттите години од минатиот век.

„Лабаво организирана трупа од нудисти, хипици и патници, кои се состануваат секое лето за едномесечна љубов, ќе прочитате за нив на Википедија. – Најголемата најдобро координирана неполитичка организација на истомисленици на планетата“, пишува на интернет за нив. Нивните собири се бесплатни и отворени за секого.

Во Македонија, ќе останат до 16 август во 12.38 часот, кога по втор пат ќе ја прослават полната месечина и по церемонијата сите ќе си заминат дома.

„Тоа се собири на секакви луѓе некаде во природа, каде што заедно готват, пеат околу огновите, организираат некакви работилници, споделуваат искуства и се здружат како ‘едно семејство’. На собирите нема никаква трговија, не се заработува и нема одговорно лице“, пишува за нив на интернет.

Toaлетите секогаш биле сериозен проблем на ваквите собирања. На неколку вакви собири во САД и Европа се појавила и епидемија на дизентерија, што секогаш предизвикувало голем револт кај локалното население.

Локалното население реагира дека, во ек на сезона на опасност од шумски пожари, само дваесетина дена откако Владата донесе забрана за движење низ шумите во државава токму поради зголемената опасност од палење на сувата вегетација поради високите температури, полицијата и надлежните од Национален Парк Маврово го толерираат овој собир и палењето огнови и тоа на приватен имот на граѓани, кои за тоа не дале согласност.

„Овие лица ја запоседнаа локацијата Црн Камен крај село Леуново, и сместени се на ливада која е во моја сопственост, и тоа со знаење и одобрение од Национален парк Маврово“, вели за ТВ Телма, Владо Лазаревски, кој воедно е и претседател на месната заедница во селото. Лазаревски вели дека група граѓани и МЗ Леуново го пријавиле случајот во полиција, но оттаму не било интервенирано.

Од СВР Тетово за Телма информираат дека се работи за пријавен собир на луѓе од странство, за кој тие се информирани, а дозволата за користење на локацијата ја издал Национален парк Маврово, како и тоа дека се работело за државно земјиште.

Во одговорот на јавната установа Национален парк Маврово на прашањата на МКД.мк за тоа што преземаат во однос на присуството на околу 300 лица кои на диво кампуваат и палат оган кај Црн Камен, се вели дека тие од почеток ја следеле ситуацијата и дека во соработка со полицијата и општинарите им понудиле на камперите од Жировница да се преселат во близина на Леуново.

„Од почеток ја следевме ситуацијата со присуството на поголема група странски гости кои пред дваесетина дена, по нечија покана, ги запоседнаа планинските падини на Дешат над селото Жировница, во пограничниот појас и зона на строга заштита на територијата на паркот. Донесените мерки од страна на Владата за забрана за движење во шума беа доволен аргумент управата на НП Маврово, заедно со командирот на пограничната полициска станица во село Жировница, месната заедница на селото и со раководителот на Одделението за заштита во паркот да ги посетат присутните на локацијата и да стапат во контакст со два члена од групацијата (Денис и Леа) од нашата држава“, се вели во одговорот на НП Маврово.

Локацијата под локалниот пат Леуново – Никифорово, по извршената проверка на е-катастар е приватна сопственост, па сопствениците имаат право да реагираат за користење на приватниот имот“, се вели во одговорот на НП Маврово.

Total
0
Shares
Поврзани објави