Кривичен го осуди Јанушев за кинеските автобуси со условна казна по став кој станува непостоечки

Со преземените дејствија обвинетиот Игор Јанушев го сторил кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 1, во врска со член 22 од Кривичниот законик (КЗ). Согласно претходно цитираните одредби, судот на обвинетиот му изрекува алтернативна мерка условна осуда така што му изрекува казна затвор во траење од две години и истовремено определува дека казната затвор нема да се изврши ако во рок од пет години не стори ново кривично дело.

Вака пред малку гласеше изрекувањето на пресудата за актуелниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, во случајот „Дизајн“ кој се однесува на набавката на кинеските автобуси за јавниот превоз во Скопје во 2010 година.

Јанушев не се појави да ја слушне пресудата чие изрекување паѓа во сенка на измените на Кривичниот законик што на „брза лента“ вчера беа изгласани во Собранието.

Токму ставот 5 од членот 353 (злоупотреба на службената положба и овластувања) наскоро може да стане непостоечки бидејќи со законските измени што вчера ги аминуваа пратениците тој ќе се избрише.

Ставот 5 во актуелното законско решение пропишува дека ако злоупотребата е направена на штета на Буџетот или други народни пари, сторителот ќе се казни со затворска казна од најмалку пет години, при што не е одредена горна граница за максималната казна.

„Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.

Меѓутоа, со измените, овој член се брише, па наместо него се додаваат два нови кои гласат:

„(5) Со казната од ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице на странско правно лице што има претставништво или врши дејност во Република Северна Македонија или лице што врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото посебно овластување или должност.

(6) Прибавената имотна корист се одзема“.

Бришењето на ставот 5 од членот 353 значи дека ќе нема затворска казна од најмалку пет години за лицата кои ќе бидат осудени за злоупотреба на службената положба затоа што го сториле делото при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот. Поточно, за ваквите кривични дела ќе си важат останатите ставови од членот 353 од Кривичниот законик.

За тие ставови, пак, со измените максималната казна затвор станува пет години, што ако се има предвид дека периодот на кој се однесуваше обвинението е 2008-2010 година, досега поминале повеќе од 10 години (повеќе од двојно подолго од максималната казна) што е услов за настанување апсолутна застареност на делото.

Total
0
Shares
Поврзани објави