Мало покачување на струјата за граѓаните, големо намалување за малите компании

Регулаторната комисија за енергетика ја намали цента на струјата за првите два блока на граѓани, но со враќање на ДДВ-то од 5 на 10 отсто сметките од 1 јануари сепак ќе бидат повисоки. Според пресметките на РСЕ, во првиот блок ќе има зголемување од 0,4 отсто по киловат час, а за вториот за 2,95 проценти. Само кај малите компании ќе има големо намалување на цената на струјата.

Минимално ќе поскапе струјата за првиот и за вториот блок на домаќинствата, односно за повеќе од 90 проценти од граѓаните, покажуваат пресметките на Радио Слободна Европа, откако Регулаторната комисија за енергетика ги објави новите цени на електричната енергија од 1 јануари.

Малите потрошувачи како фризерници, мали кафулиња и продавници од Нова година ќе добијат сметки пониски за 20 отсто, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

Регулаторна, која ги пресметува цените на струјата без да вклучи ДДВ, всушност ги намали цените за првиот и за вториот блок за домаќинства, меѓутоа од 1 јануари почнува да важи мерката за враќање на ДДВ-то од 5 на 10 проценти, па сметките ќе бидат речиси исти како и досега.

„Ќе се сконцентрираме за да им помогнеме на малите потрошувачи коишто се на регулираниот пазар. Вкупната цена за електрична енергија на малите потрошувачи, во кои се вкалкулирани и енергијата и мрежарината, од 1 јануари се намалува за 20,15 проценти. Оваа цена ќе се применува за 70 илјади компании во државата, коишто во минатиов период се соочуваа со зголемени трошоци за електрична енергија“, рече Бислимоски.

Со новата одлука на РКЕ, кај домаќинствата кои повеќе штедат ќе се намали цената на електрична енергија. За првиот блок цената на струјата ќе се намали за 4,11 проценти, а за вториот блок ќе има намалување од 2,95 проценти.

Од друга страна, оние кои трошат повеќе ќе добијат зголемена цена. Така, цената на третиот блок се зголемува за 0,85 проценти, додека за четвртиот ќе има зголемување за 7,65 проценти.

„99,2 проценти од домаќинствата во држава ќе имаат намалени цени на електрична енергија. Доколку продолжат домаќинствата да штедат, многу мал процент ќе имаат зголемени трошоци за електрична енергија. Тоа се конкретни мерки коишто ќе помогнат на граѓаните за да им се подобри нивниот животен стандард“, рече Бислимовски.

На пример ако семејство троши 630 киловатчаса скапа струја, сметката од Нова година ќе му биде повисока за 1,2 проценти. Или ако сметката досега ви била 3000 денари, од 1 јануари ќе ви биде за 35 денари повисока.

Поголемо поскапување ќе има за оние кои трошат повеќе струја, односно за потрошувачите од трет и четврт блок.

Според одлуките на регулаторите, цената на струјата се зголемува, но поевтинува надоместот за пренос и дистрибуција, па затоа во конечната цена има мали промени.

Total
0
Shares
Поврзани објави