Меџити до Таравари: Ти не ја напушташ, ти ја предаде Владата

Претседателот на Демократското движење и еден од лидерите во коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, преку објава на социјалната мрежа Фејсбук, го коментира излегувањето на Алијанса за Албанците (АА), предводена од Арбен Таравари, од владината коалиција.

Меџити напиша дека Арбен Таравари не ја напуштил Владата, туку ја предал и го оцени неговото заминување како разочарување за сите Албанци што гласале за промени.

„Ти не донесе промена. Ти не се враќаш кон народот. Ти се враќаш кон црната листа. Ти не ја напушташ Владата. Ти ја предаде Владата“,напиша Меџити на својот фејсбук-профил.

Тој додаде дека коалицијата ВЛЕН продолжува по патот на промените и ги повика сите активисти, симпатизери и гласачи кои се чувствуваат измамени и оставени без насока да им се придружат.

„Ти не го претставуваш духот на членството во АА. Го измами членството во АА. Ти не си херојот на оваа приказна. Ти си очајот на секој Албанец – интелектуалец или необразован, работник или бизнисмен, маж или жена – ти си разочарувањето на секој активист и симпатизер, на секој Албанец“,додава Меџити во објавата.

Изјавата на Меџити доаѓа откако лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, синоќа по состанокот во Тетово објави дека неговата партија ја напушта владината коалиција и ќе дејствува како опозиција. Таравари како причина за ваквата одлука ги наведе разочарувањето од неиспорачаните промени и недовербата меѓу партнерите во власта, особено во контекст на преговорите за локалните избори.

„Констатиравме дека минатата година со гордост ја донесовме промената во албанскиот блок после 20 години. Меѓутоа, промените што ги ветивме за жал не ги испорачавме и затоа секојдневно граѓаните не критикуваат. Затоа ние одлучивме да се вратиме кај граѓаните. Да побараме од нив доверба во октомври за локалните избори. Со ВЛЕН се обидувавме околу шест недели да изнајдеме начин за меѓусебна поддршка за кандидатите за градоначалници, меѓутоа, не успеавме во тоа и денес констатираме дека доколку има недоверба во тие што се членови на владата, доколку има конспирации и секакви сомнежи немаме што да бараме таму. Подобро е да бидеме надвор, да се вратиме кај граѓаните, да го слушнеме нивниот глас“,изјави Таравари.

Total
0
Shares
Related Posts
Повеќе

Прва тужба за учебник од високо образование – жената е обвинета за виновник за разводи, истополиви врски се забеганост …

Коалицијата „Маргини“ и Мрежата за дискриминација поднесоа тужба за утврдување на дискриминација во учебникот „Основи на персонологија 2“…