Министрите од ДУИ поднесоа оставки од Владата ама не се безусловни

„Ние, министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција, поднесуваме оставки од функциите што во моментов ги извршуваме. Оставките, премиере, автоматски се ефективни во моментот кога опозицијата ќе ги изгласа уставните измени“, пишува во дел од писмото што лидерот на ДУИ, Али Ахмети го испратил до премиерот Димитар Ковачевски.

Во писмото уште пишува дека Македонија, е во критична фаза имајќи ја во предвид тежината на интеграцијата во последните 20 години.

„Легитимно избрани по волја на албанскиот гласач, свесни за надежите и соништата на луѓето да станат дел од големото европско семејство, имајќи во предвид дека Демократската Унија за Интеграција и јас остануваме посветени на определбата дека евроатлантските интеграции, со целосни права на државата, освен во НАТО, исто така и во Европската Унија, како и непрекинатото сојузништво со Соединетите Американски Држави, беа, се и остануваат најголем интерес на сите наши граѓани, без разлика на нивната национална и верска припадност. Затоа министрите и владините функционери од редовите на Демократската Унија за Интеграција поднесуват оставки од функциите што во моментов ги извршуваат. Оставките, премиере, ќе се материјализират автоматски во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставни измени.“, пишува во писмото на Ахмети испратено до премиерот Ковачевски.

Дека ДУИ е подготвена да излезе од Владата најави министерот за надворешни работи, Бујар Османи веднаш по одржувањето на лидерската средба помеѓу премиерот Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на почетокот на јуни годинава.

Османи вчера на средба со новинарите повтори дека понудата е на маса ако опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги гласа уставните измени во Собранието.

ДУИ во Владата има седум министри. Бујар Османи, министер за надворешни работи, Фатмир Бесими, министер за финансии, Крешник Бектеши, министер за економија, Јетон Шаќири, министер за образование и наука, Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација, Кренар Лога, министер за правда и Артан Груби, министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Вооедно, Груби ја извршува и функцијата прв заменик на претседателот на Владата.

Total
0
Shares
Поврзани објави