Три 16-годишни момчиња синоќа скоро четири часа останале заробени на островче од песок и чакал на средината на реката Треска во близина на скопски Сарај, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Пријавата, како што додаваат од ЦУК, стигнала во 19:12 часот, по што веднаш биле информирани во полициската станица Сарај и од нив било побарано да се упатат на местото каде што се заробени трите момчиња и доколку има можност да помогнат за нивно безбедно извлекување.
Момчињата останале заробени на островчето откако дошло до зголемување на водотекот на реката Треска поради испуст на водата од хидроцентралите „Матка“ и „Козјак“, што е редовен процес за континуирано производство на електрична енергија.
„Поради наглото покачување на реката Треска, трите момчиња останале заробени на специфичен повисок песочно-чакален дел на средина на реката, на своевидно островче и немале можност да преминат на безбеден брег бидејќи биле опкружени од двете страни со силна и брза вода“,се вели во информацијата од ЦУК.
Поради големото количество надојдена вода, додаваат од ЦУК, неуспешен бил обидот момчињата да се спасат со чамец. Од Центарот за управување со кризи било побарано од диспечерите во хидроцентралите „Козјак“ и „Матка“ веднаш да го намалат истекот на вода за да се овозможи извлекување и спасување на момчињата.
Откако истекувањето на водата од двете брани било сопрено, околу 23 часот специјалните тимови на МВР и жителите од селото Грчец успеале со чамец момчињата безбедно да ги префрлат од другата страна на реката, кон селото Грчец.
По спасувањето на момчињата, ЦУК ги известиле диспечерите во хидроелектраните „Козјак“ и „Матка“ дека може непречено да се продолжи со испуштање вода за производство на електрична енергија.