Најмалку три жртви во невремето во Словенија, ситуацијата со поплавите и натаму критична

Силното невреме што ноќеска ја зафати Словенија и големите поплави кои ги предизвика однесоа најмалку три човечки животи. Информацијата ја објави словенечката новинската агенција СТА (STA), повикувајќи се на полицијата.  

Од словенечката полиција за агенцијата изјавиле дека едно лице – словенечки држвјанин загинал кај Камник, додека двајца државјани на Холандија ги загубиле животите во планините во областа Крањ. Точните околности за нивната смрт, како што информирале од полицијата, сè уште се утврдуваат.  

„Во Камник смртта можно е да последица на поплавите, а на планините од удар на гром. Околностите за смртните случаи сè уште се утврдуваат“,изјавила Маја Адлешич Циперле од Генерланата управа на словенечката полиција.  

За смртта на словенечкиот државјанин полицијата била известена утрово, додека синоќа таа била алармирана дека двајца холандски државјани исчезнале во планините во областа Крањ, пренесува Н1.  

Повеќе информации ќе бидат достапни кога полицијата ќе заврши со увидот, додала Адлешич Циперле. 

Регионалните медиуми јавуваат дека во невремето паднале 200 литри дожд на квадратен метар во северна, северозападна и во централна Словенија. Станува збор за количество дожд кое во просек наврнува за еден месец, а кое во невремето што ја погоди Словенија се истури за само 24 часа.

Словенечката агенција за животна средина – АРСО, издаде метеоролошки аларм на највисоко ниво. 

Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, изрази сочувство до семејствата на жртвите и апелираше до граѓаните „да останат поврзани и да се поддржуваат едни со други во овој тежок момент и да се грижат за старите и за другите ранливи луѓе на кои им е потребна нашата помош и поддршка“, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.  

Поради тешката ситуација премиерот на земјата Роберт Голоб го прекинал својот годишен одмор.  

Во моментов, јавува Н1, најтешка е состојбата во Горење, Корушка и Штаерска, а се очекува да се влоши и во другите делови на Словенија бидејќи дождот продолжува да врне.  

Бројни екипи се на терен, а според извештаите на репортерот на Н1 од Словенија, пожарникарите забрзано полнат вреќи со песок, но тешко стигнуваат да им помогнат на сите загрозени.  

Спсасувачки екипи со хеликоптери извлекуваат граѓани заглавени во своите домови / Фото: Н1

Во спасувачките напори е вклучена и словенечката армија која им помага на екипите на службите за итни интервенции во операциите за спасување и рехабилитација.  

Според извештаите на локалните медиуми, многу места се поплавени, стотици пожарникари и членови на други служби за итни случаи се на терен, а насекаде се слушаат сирени кои предупредуваат за опасност. 

Во североисточна, северозападна и во централна Словенија е во сила црвен метеоаларм. 

Како што пренесува словенечката новинска агенција СТА, во текот на ноќта пожарникарите испумпувале вода од поплавените згради, заштитиле неколку одрони, извадиле остатоци од под мостовите и спасиле потопени возила од поплавените коловози. Биле евакуирани и три кампа.  

Екипи на словенечката полиција во спасувачка акција / Фото: Словенечка полиција / Фејсбук

Патот во градот Пољана синоќа бил поплавен, а поројот бил толку силен што однел автомобил во кој се наоѓала една жена, јави регионалната ТВ Н1. 

 Според податоците на Управата за заштита и спасување, во последните 12 часа се регистрирани над 1 000 инциденти, а на помош излегле пожарникари од 168 противпожарни единици. 

Total
0
Shares
Поврзани објави