Најмалку 38 лица смртни случаи се поврзани со снежната арктичка бура со многу ниски температури која ги зафати САД и Канада

Најмалку 38 лица смртни случаи се поврзани со снежната арктичка бура со многу ниски температури која ги зафати САД и Канада. Според властите, 34 лица загинале во САД, најголемиот дел од нив во Бафало во сојузната држава Њујорк, додека четири жртви се случиле во Канада кога автобус се превртел на замрзнат пат.

Оваа снежна бура, која е една од најголемите во поновата историја, се протега од Канада па се` до реката Рио Гранде на југот на САД. Според метеоролозите се очекува јачината да се намали во следните неколку дена, но и понатаму остануваат на сила препораките да се избегнуваат патувања кои не се неопходни.

Веќе неколку дена бурата предизвикува хаос, а дел од погодените градови останаа без струја. Илјадници летови беа откажани, а повеќе од 55 милиони Американци се наоѓаа на локации каде беше издадено предупредување од властите за опасност од ниски температури.

„Циклонската бомба“, која настанува кога драстично опаѓа атмосферскиот притисок, предизвикува голем снежен нанос и силни ветришта. Според гувернерката на Њујорк, Кети Хошул, ова е една од најужасните бури кои го погодиле Бафало.

„Ова е како одење во воена зона, а бројот на автомобили покрај патиштата е шокантен“, изјави таа за новинарите синоќа.

Покрај во Њујорк, смртни случаи поврзани со бурата се регистрирани и во Вермонт, Охајо, Мисури, Висконсин, Канзас и Колорадо. Температурите во Јужна Флорида паднаа на толку ниско ниво што можеле да се забележат смрзнати игуани кои паѓаат од дрвјата.

Западната сојузна држава Монтана беше најпогодена од студот и таму температурите паднаа до -45 степени целзиусови.

Според експертите ваквите температури можат да предизвикаат мрзнење на кожата за само 5 или 10 минути. Оштетувања на кожата настанува кога е намален крвотокот, најчесто во прстите на рацете и нозете, носот или образите. Недостатокот на топла крв може да води кон мрзнење на ткивото и пукање, а во некои случаи дури и ампутација.

Во Канада скоро 120.000 корисници останале без струја во текот на вчерашниот ден, а според надлежните ќе бидат потребни неколку дена за дел од домаќинствата да се поврзат повторно на електричната мрежа.

Total
0
Shares
Поврзани објави