Обвинителскиот тим кој постапуваше внимателно го анализираше целокупниот прибран доказен материјал и денеска до Основниот суд во Кочани поднесе Обвинителен акт против 34 физички и три правни лица за кривични дела со кои заеднички со учество во дејствие на извршување на кривично дело или со друг особен придонес кон извршување на делото, предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери на место каде што се собрани поголем број луѓе, односно на 16.03.2025 година, при настапот на музичката група ДНК во угостителскиот објект „КЛУБ ПУЛС“ Кочани каде во пожар 62 лица го загубија животот, со тешки телесни повреди се здобија 157, а со телесни повреди уште 54 лица.
Обвинетите делото го сториле со свесно непостапување според прописите и техничките правила за заштита, а дел од нив и со директно општоопасно средство и дејствие со кое бил предизвикан пожарот.
Тројца обвинети во својство на одговорни лица, сопственици и управители на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги КЛАСИК ДМ ДОО Кочани со подружницата Кабаре ПУЛС Кочани, односно Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ММММ КАФЕ ДООЕЛ Кочани со подружницата на правното лице КЛУБ ПУЛС Кочани, од 13.12.2012 година до 16.03.2025 година во наведениот објект вршеле угостителска дејност, иако:
– објектот не ги исполнувал минимално техничките услови за вршење угостителска дејност согласно чл.6 од Законот за угостителска дејност,
– за тоа немале решение за одобрение за реконструкција со пренамена од градоначалникот на Општина Кочани согласно чл.97 ст.5 од Законот за градење,
– објектот не бил предвиден за намена Б3 односно големи угостителски единици
– за објектот немало основен проект за реконструкција со пренамена согласно Член 47, став (1) од Законот за градење, со соодветни архитектонски, градежни (статика со сеизмика), електротехнички сообраќајни, термотехнички и други проекти и елаборати согласно намената на градбата, како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи согласно член 70 од Законот за заштита и спасување,
– не донеле и изработиле план и процена на загрозеност и план за заштита и спасување согласно чл.13 и чл.39 од Законот за заштита и спасување.
Првообвинетиот во временскиот период во 2012 и 2024 година во повеќе наврати преземал градежни дејствија со кои извршил реконструкција со пренамена на објектот при што неконтролирано без стручен надзор вградувал несоодветни материјали-синтетички, полимерни материјали и полиуретански сунгер кои носат ризик од лесно започнување и брзо ширење на пожар и други опасности од пожар, па во наведениот објект не биле исполнети минимално-техничките услови ниту основните стандарди и барања за заштита од пожар и за безбедност и заштита од пожар за да во него се врши угостителска дејност. Практично, во објектот не бил испочитуван ниту еден пропис во однос на квалитетот на вградените материјали, носивоста и стабилноста на конструктивните елементи, бројот и големината на излезите за евакуација, бројот на паркинг места, преградувањата на објектот, но и во однос на предвидување, располагање и употреба на соодветни уреди и инсталации за заштита од пожари и експлозии, друга противпожарна опрема, средства за гаснење на пожари и противпожарни апарати.
Обвинетиот сопственик на објектот во кој функционирал клубот со умисла помогнал така што дозволил и учествувал во градежните активности за вршење угостителска дејност, иако знаел дека објектот во негова сопственост нема таква дозволена намена ниту пак како сопственик поднел барање за реконструкција со пренамена.
Обвинет е и братот на првообвинетиот, како одговорно лице за продажба на влезници и контролирање на бројот на посетители и нивната возраст, бидејќи континуирано во договор со својот брат, не постапувал според прописите и техничките правила за заштита согласно на чл.12 ст.5 од Правилникот за минимално-техничките услови за вршење на угостителската дејност, не водел сметка и продавал поголем број влезници со што овозможувал влез на поголем број посетители од дозволениот во клубот. Воедно не постапувал согласно чл. 35 ст.3 од Законот за угостителска дејност и дозволувал во објектот да влезат лица помлади од 18 години, иако бил свесен дека објектот не исполнува никакви безбедносни услови за заштита од пожари и знаел за незаконските дејствија на реконструкција со пренамена со кои биле прекршени прописите и техничките правила за заштита.
Обвинета е сопственичка и правно лице од Кочани, преку кои во 2012 година на барање на првообвинетиот, спротивно на член 47 од Законот за градење бил изготвен проект за пренамена на објектот во кој не биле содржани сите фази односно делови и елаборати кои задолжително мора да ги содржи основниот проект. Во 2023 година, повторно незаконски, таа му изготвила основен проект, користејќи го како образец претходниот документ при што ја сменила насловната страна како да е документот изготвен во 2023 година, за да може обвинетиот и инвеститорот ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани понатаму незаконито да го користи документот како основа за вршење на угостителска дејност и добивање лиценца.
Тројца обвинети во својство на службени лица – овластени градежни инспектори во Општина Кочани, иако биле самостојни во вршењето инспекциски надзор, со непостапување според прописите и техничките правила за заштита, спротивно на своите права и должности предвидени во Законот за градење и Законот за инспекциски надзор, во целиот период кога биле овластени градежни инспектори воопшто не покренале и не воделе постапка за инспекциски надзор по службена должност за утврдување на фактичката состојба и изведување докази, не наредиле отстранување на неправилностите, и не донеле решение за да го задолжат сопственикот за враќање на објектот во првобитна состојба. Свесни биле дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, но се согласиле со нејзиното настапување и овозможиле ПУЛС незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност – кабаре.
Обвинети се три лица кои во периодот од 2012 до 16.03.2025 година ја извршувале функцијата градоначалник на Кочани, бидејќи иако согласно Законот за локалната самоуправа ја застапувале и претставувале општината и биле должни да се грижат за спроведување и почитување на деталниот урбанистички план за општина Кочани, знаеле дека објектот таканаречено кабаре Клуб Пулс, претставува безбедносно опасен објект за вршење на угостителска дејност, бидејќи не ги исполнувал законските услови согласно член 97 ст.1 од Законот за градење, а Деталниот урбанистички план на Општина Кочани не дозволувал на таа локација да постои угостителски објект кабаре, сепак не презеле никакви службени дејствија за утврдување на неправилности, санкционирање и затворање на угостителскиот објект Кабаре Пулс, па така со своето непостапување му овозможиле на првообвинетиот и правното лице незаконито да вршат угостителска дејност. Во услови кога сопственикот на објектот никогаш не поднел барање за реконструкција со пренамена, градоначалниците не наредиле надзор на овластените градежни инспектори во рамките на инспекциската служба во состав на Општина Кочани спротивно на Законот за инспекциски надзор, не донеле Годишна програма и не подготвиле месечни планови за работа на овластените градежни инспектори за вршење инспекциски надзор на наведениот објект засновани на проценката на ризик со оглед да објектот е место каде што се собираат поголем број посетители и постоела опасност по нивните животи и здравје. За постоењето и работењето на објектот Клуб Пулс никогаш не ги известиле Дирекцијата заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија дека објектот работи без да ги исполнува законските услови за таа намена. Воедно, спротивно и на неколку члена од Законот за заштита и спасување, иако постоел континуиран ризик не презеле мерки за превенција, за ублажување и спречување на настанување на можните опасности од други несреќи и не предложиле план за заштита и спасување кои задолжително се применуваат во објектите за вршење на туристичко угостителска дејност. Без овој објект да биде впишан во регистарот на општината согласно чл.4, чл. 4-а и чл. 4-б од Законот за угостителска дејност, овозможиле на првообвинетиот да плаќа надоместок за вршење на угостителска дејност-кабаре во износ од 4.000 евра, од кои половина биле уплаќани на сметка на општината.
Обвинение за 34 лица за пожарот во дискотеката во која загинаа 62 лица – детали од обвинението

