Објавени тарифните блокови за ново мерење и пресметка на потрошувачка на електрична енергија

Од следниот месец домаќинствата и малите потрошувачи ќе бидат поделени во четири тарифни блокови според потрошувачката на електрична енергија. Регулаторна го објави новиот модел. Првиот е за домаќинства кои трошат малку, односно од нула до 210 киловат часови месечно. Вториот блок е од 210 до 630, третиот од 630 до 1.050 потрошени киловат часови. Последниот четврт блок за тарифирање се домаќинства кои трошат најмногу, односно над 1.050 киловати. Експертите кои го изработија новиот тарифен систем уверуваат дека најголемиот дел од домаќинствата ќе имаат намалени сметки за струја.

ТАРИФНИ БЛОКОВИ:

0 – 210 KW
210 – 630 KW
630 – 1.050 KW
над 1.050 KW

„Зимно време, 98,8 отсто од домаќинствата ќе бидат во третиот блок. Само девет и пол илјади домаќинства ќе бидат во четвртиот блок, од кои само пет илјади ќе имаат по денешниве цени повисоки сметки од еден до 70 проценти“, рече Рубин Талески, универзитетски професор.

Претседателот на Регулаторна Марко Бислимовски најави дека во среда ќе ја соопшти и новата цена на струјата, а со неа и цените на блок тарифите по кои ќе се прави индивидуалната пресметка за секое домаќинство. Секој блок ќе си има своја фиксна цена.

„За првиот блок, цената ќе биде иста за сите домаќинства, доколку влезе во вториот блок, ќе ја плати само разликата и нема да ја плати цела потрошувачка. Доколку отидат во четвртиот блок, апсолутно ќе има цена блиска како пазарната“, рече Бислимовски.

Од Регулаторна апелираат доколку во една куќа која е на повеќе ката и во неа живеат повеќе членови или семејства, што поскоро да се поделат во неколку броила за да не ги надминат потрошените киловати, а со тоа и да избегнат добивање на енормно високи сметки за струја.

Total
0
Shares
Поврзани објави