Отсега секој граѓанин ќе може да произведува електрична енергија од обновливи извори за сопствена потрошувачка, најави Бектеши

На сите граѓани, домаќинства и компании во државата ќе им виде овозможено да произведуваат електрична енергија од обновливи извори на покривите на своите домови, а произведената енергија да ја користат за сопствена потрошувачка. Вишокот од произведената електрична енергија, пак, ќе може да му ја продаваат на откупувачот или дистрибутерот на електрична енергија.

Ова денеска го најави министерот за економија Крешник Бектеши кој кажа дека ги потпишал измените и дополнувањата на Правилникот за обновливи извори на енергија со кои се предвидува производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка.

„Со овој Правилник за обновливи извори на енергија донесен од страна на Министерството за економија, кој утре ќе биде објавен во ‘Службен весник’, а согласно реформите што ги направивме во Законот за енергетика за 2019 година се воведуваат производителите потрошувачи како нови учесници во пазарот со електрична енергија“,кажа министерот за економија.

Согласно Правилникот, како што истакна Бектеши, секој потрошувач производител, кој може да изгради постројка за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, ќе може произведената енергија да ја користи за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведената електрична енергија го предава во дистрибутивната мрежа.

„Со последните измени, ќе биде обврска на универзалниот снабдувач за сите оние што ќе одлучат да стават такви инсталации на своите кровови да ја преземе електричната енергија или поконкретно вишокот електрична енергија, со тоа што ќе може на секои шест месеци да се направат дополнителни фактури каде што ќе им се намалат сметките или согласно договорот треба директно да им се плаќа на домаќинствата или на правните субјекти кои ќе направат вакви инвестиции“, додаде тој.

До овој момент, како што посочи министерот, инсталираната сила била четири киловати за домаќинствата, а сега е зголемена на шест киловати. За малите потрошувачи била 20 киловати, а сега е зголемена на 40 киловати. Бектеши посочи дека домаќинствата ќе може да ги користат сите шест киловати, може да користат и помалку киловати, а вишокот да оди во мрежата.

„Дополнително, како Министерство за економија, согласно Буџетот кој е предвиден, а не е скратено со ребалансот, ќе почнеме и со мерка каде што до триесет отсто од трошоците за инсталирање вакви технологии на крововите на домаќинствата ќе ги покрие Министерство за економија до 1 000 евра“,додаде министерот.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ЕВН ќе треба да инсталира поинакви броила, Бектеши кажа дека тоа треба да се направи, но оти тоа е обврска на универзалниот снабдувач и дека граѓаните не треба да плаќаат за тоа. Со предлог на Министерството за транспорт и врски, како што додаде министерот, дополнително ќе се намалат процедурите за ваквите технологии да бидат инсталирани.

„Ова уште еднаш покажува дека во време на енергетска криза наврмено ги носиме сите одлуки со цел да се зголеми инсталираниот капацитет на производство на електрична енергија од обновливи извори, а со тоа да се зголеми вкупното производство на електрична енергија во нашата држава“, заклучи Бектеши.

Секое домаќинство, мал потрошувач, правен субјект, посочи Бектеши, од први јули ќе може да почне со вакви инвестиции.

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Земјотрес во Охрид

Утрово во 3:26 часот бил регистриран земјотрес во близина на Охрид со јачина од 3,1 степен според Европската макросеизмичка скала. Епицентарот бил…
Повеќе

Прва тужба за учебник од високо образование – жената е обвинета за виновник за разводи, истополиви врски се забеганост …

Коалицијата „Маргини“ и Мрежата за дискриминација поднесоа тужба за утврдување на дискриминација во учебникот „Основи на персонологија 2“…