Писмото од Агелер доведе до судир во Судскиот совет: се бара разрешување на Дамева, таа тврди дека e порадии избор на судии – Ке си одам со крената глава

Потпретседателот на Судски совет Селим Адеми побара претседателката Весна Дамева да биде разрешена на денешната седница. Тврди дека таа го криела писмото од американската амбасадорка Анџела Аглеер и не им го давала на членовите. На ова одговори Дамева, која рече дека била на одмор, а тој како нејзин заменик го примил писмото и требало да го презентира. Му посочи дека целта е нејзино разрешување поради други причини, а писмото е само повод. На Адеми, пак, му пречело што и медиумите дошле до одредени информации од Судскиот совет, па и за тоа побара одговорност.

„Зошто Вие, претседателке, нè ставивте во заблуда и писмото од амбасадорката на Америка не ни е доставено на време, туку по две недели? Кој го криел писмото за ние да не знаеме. Дали сме ние членови на Судскиот совет и треба ли да знаеме за тоа сериозно писмо доставено до Судскиот совет? А ние не знаеме, ниту дознавме од медиумите, за пред два дена вие да кажете: ‘Дали сакате да го пипнете тоа писмо или не’. Дали може писмо од амбасадорка да чека две недели. Сите да го имаат, а ние да го слушнеме од медиумите? Дали одредени портали кажуваат име и презиме? Вие денеска за ваква информација, со име и презиме да се пишуваат членови, да се шири хронолошки, за доверлив материјал, Вие најмалку требаше да кажете: ‘Јас, колеги, не сум го кажала тоа, ви кажувам искрено’. Но, кој го направил? Првиот човек треба да има одговорност“, рече Адеми.

Веднаш врати Дамева. Рече дека сакаат да ја разрешат пред да се гласа за сензитивни точки ставени на дневен ред, како што е утврдување одговорност кај судии.

„Сега се отвора Пандорината кутија со недокажани реченици, со флоскули, со извртени факти и апсолутно неаргументирани. Ќе ве демантирам за писмото до Агелер, кое ниту се криело ниту имало намера да се крие. Моите заложби се тие, да се подобри состојбата во судството, да се постигне самостојност и независност најпрвин кај членовите на Судскиот совет, а потоа кај судиите. Првин членовите да постигнат интегритет, потоа судиите. Јас сум разочарана и се согласувам со содржината. Судскиот совет како да влегува во амбис, како да се сака да се растури тело во кое членовите се поделени во смисла на гласањето. Тоа некому не му одговара. Писмото е стигнато на 11-, наредниот ден бев на одмор. Зошто писмото стигнато на 11 не го презентиравте кај колегите? На крајот, 17 беше неработен ден, 18 – седница. Ова не е за да се правдам оти немам намера, но стојам зад сите заложби на меѓународната заедница дека не сме на прав пат. Без разлика дали има писмо или не. Потоа го поделив писмото во копија. Овој претседател ќе се бори да бидат разрешени нечесни судии и да бидат избрани најдобрите“, рече Дамева.

Селими посочи дека можеби треба да се избере претседател од редот на судиите.

„Од друга страна, има и одлука на Уставниот суд, со која одредува дека претседател може да биде само член од редот на судиите. Ред е да се почитува и таа одредба, можеби е дојдено времето претседател на Судскиот совет, па и заменик да биде од редот на судиите“, посочи потпретседателот.

Дамева додаде: „Целта е да се бара разрешување оти има сензитивни точки“.

„И да си одам и да го изгласате моето разрешување, ако има законски основ, ќе си одам. Но, со гордо крената глава. За овие четири месеци, признале или не, овој Судски совет се отвори за јавноста, има добра работа со меѓународната заедница. Ако не сакаме на европскиот пат, сакаме да одиме по патот на заборав. Не знам што ќе се случи натаму со Судскиот совет, за понатаму не знам. Додека сум претседател, нема да има простор за влијание. Знам, ќе го оспорите ова, јас кажувам – не се плашам од притисоци и закани, па по цена и да си одам. Ако ова е крајот, треба да утврдите моја одговорност, па да наведете основ зошто ми го одземате мандатот, а не поради ваши желби и желби на ваши блиски луѓе“, посочи Дамева.

Total
0
Shares
Поврзани објави