Полска повеќе нема да и дава оружје на Украина

Еден од најголемите поддржувачи на Украина од почетокот на руската инвазија, Полска, објави дека веќе нема да ѝ праќа оружје откако ескалираше дипломатскиот спор околу украинското жито. Премиерот Матеуш Моравјецки изјави дека место тоа, Полска ќе се фокусира на модернизирањето на сопствената армија.

Ова следува откако пораснаа тензиите помеѓу двете земји. Полска вчера го повика украинскиот амбасадор поради изјавите на Володимир Зеленски во Обединетите нации. Тој таму кажа дека некои нации глумеле солидарност со Украина, што Варшава го осуди како „неоправдано во однос на Полска, која ја поддржува Украина од првите денови на војната“.

Веќе нема да ѝ праќаме оружје на Украина, зашто сакаме да ја вооружиме Полска со модерни оружја“, кажа Моравјецки во ТВ-обраќање.

Спорот околу житото почна откако поради руската инвазија беа блокирани бродските патишта за извоз преку Црното Море, па Украина мораше да пронајде алтернативни копнени патишта. Поради тоа, големи количества жито завршуваа во централна Европа, па Европската Унија привремено го забрани увозот во Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка, за да ги заштити локалните земјоделци. Забраната истече на 15 септември и ЕУ не ја обнови, но Унгарија, Полска и Словачка одлучија да ја задржат.

Оваа недела, Украина поднесе тужба против овие земји во Светската трговска организација, тврдејќи дека ги кршат меѓународните обврски.

Полска ѝ даде голема воена помош на Украина од почетокот на војната, што вклучува и тенкови „леопард 2“, а вети и борбени авиони.

Total
0
Shares
Поврзани објави