Предложен новиот состав на Антикорупциска комисија на чело со ревизорката Татјана Димитровска

Ревизорката Татјана Димитровска во следните пет години e предложена да биде претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), а членови ревизорите Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, вработените во Антикорупциската комисија Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи, судијката Софија Спасова-Медарска и Сервет Демири од ревизијата на претпристапната помош за ЕУ. Ова се седуммина лица кои по тридневно јавно интервјуирање ги изгласа Комисијата за избор на ДКСК во Собранието. Ранг листата беше објавена пред полноќ.

За да станат членови на ДКСК нив потоа треба да ги изгласаат пратениците на пленарна седница. Новата Комисија треба да почне со работа на 8 февруари 2024.

Претседателката Димитровска 19 години работи во Државниот завод за ревизија (ДЗР), а од пред две години е помошник на главниот ревизор, меѓу другото, како што рече и за ревизија на политички партии, ДКСК, АВМУ, ДИК и други.

За членови на Антикорупциската комисија беа пријавени 41 кандидат. Од нив дел ревизори, вработени во ДКСК, во други владини и јавни установи, судии, обвинители.

Јавното интервјуирање траеше три дена. На 23, 24 и 25 ноември кандидатите ги испрашуваше Комисијата за избор, пратениците и претставници на граѓанскиот сектор. Во Комисијата членуваа пратеници од СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ, од ДУИ, од Демократско движење, како и Јован Андоновски како претставник на Народниот правобранител и претставниците на Советот за соработката меѓу невладините организации и Владата Снежана Камиловска-Трповска и Никола Додов.

Ова е вторпат комисијата да се бира на ваков начин, преку јавни интервјуа кои одложено се емитуваат на собранискиот канал.

Мандатот на актуелните членови на ДКСК – Билјана Ивановска, Владимир Георгиев, Софка Пејовска-Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеноски и Шемси Салаи истекува на 7 февруари 2024 и тие немаат право на повторен избор.

Total
0
Shares
Поврзани објави