Да се вклучат странски експерти од УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ во работата на Историската комисија со Бугарија побараа денеска нејзините поранешни членови, кои Владата завчера ги смени.
Тие сметаат дека само така ќе се тргнат политичките влијанија од работата на Комисијата. Во отвореното писмо до јавноста, поранешните членови велат дека комисијата била постојана мета на политички напади. Наместо да помогне во надминување на проблемите меѓу Македонија и Бугарија, неодговорното однесување на политичарите во двете држави, некои бугарски колеги и политички мотивираната оставка на сегашниот претседател на македонскиот дел од комисијата, таа беше злоупотребена за политички и партиски цели и интереси во двете земји, велат екс членовите.
Тие го обвинија премиерот Мицкоски, но и шефот на дипломатијата Муцунски, за кој велат дека ја прогласил комисијата за политичко тело.
– Минатите неколку недели бевме сведоци на неаргументирани, обвинувачки и навредливи изјави на премиерот за работата на поранешните членови на Комисијата со кои тој ги дели граѓаните на „заштитници“ и „незаштитници“ на националните интереси согласно со неговите лични погледи. Уште пострашно е што премиерот свесно испраќа авторитарна и заканувачка порака дека оној што нема да ги исполнува неговите очекувања и политички погледи ќе биде етикетиран дека не ги штити националните интереси. Тоа е неодговорно и несериозно и за еден премиер и за еден професор.
За премиерот Мицкоски, писмото е полно со политички флоскули. Тој нема ништо против стрнаски експерти, но најави контрола на трошењето пари во комисијата.
На иста линија со сменетите членови е и лидерот на СДСМ Венко Филипче.
Вербалната војна меѓу сменетите членови на комисијата и премиерот почна пред неколку недели, кога Мицкоски обвини дека комисијата ги предала националните интереси. Кулминираше завчера, кога е избран нов состав, на чие чело е професорот Ванчо Ѓорѓиев, наместо досегашниот Драги Ѓорѓиев. Историската комисија треба да ги испегла историските и образовните разлики меѓу двете земји.