Преспанскиот договор денеска на дневен ред на Уставниот суд

Уставниот суд денеска ќе ја одржи 40. седница на која е предвидено да се дискутира за осум иницијативи за оценување на уставност и законитост.

На дневен ред е иницијативата со која е оспорена Одлука за прогласување на Уставниот закон за спроведување на Амандманите XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата, која е поднесена од Здружението „Светски македонски конгрес“ и Солза Грчева, се наведува дека со оспорената Одлука се повредува владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните. Се спори дека меѓународниот договор не бил потпишан од страна на претседателот на Републиката, туку од министерот за надворешни работи кој според нив не поседува активна легитимација и надлежност. Според наведеното подносителите пишуваат дека меѓународниот договор е ништовен, бидејќи е во колизија со меѓународното право.

На дневен ред е и иницијативата со која е оспорена одредба: член 31 став 6 од Закон за вршење на сметководствени работи. Во иницијативата се наведува дека правото на работа и слободен избор на вработувањето е предвидено во Законот за работни односи, а во овој случај на оспорената одредба се пропишува полното работно време како услов за вработување за целите на финансиското известување, при што се ставаат во нееднаква положба кандидатите за вработување сметководители и овластени сметководители кои поради лични околности бараат работа на пазарот на труд со неполно работно време. Подносителот наведува дека полното работно време не е доказ за нивните стручни способности и ги дискриминира лицата кои не можат да работат со полно работно време и со наведување на полното работно време како услов за вработување се воведува присилна работа која е забранета со Уставот.

На денешната седница ќе се дискутира и по иницијативата со која се оспорува член 364 од Законот за кривичната постапка.

Според подносители на иницијативата Александар Ристески и Рајна Наумовска-Марковска, адвокати од Скопје, оспорениот член е спротивен на членовите 8, 9, 11, 13, 98, 106 и 118 од Уставот и со него е воспоставен дуализам, се промовира диференцијација во постапувањето на кривичните судови во случај на недоаѓање на тужителот или јавниот обвинител. Се наведува дека член 364 ги доведува граѓаните во дискриминирана, нерамноправна положба во кривичната постапка, без оглед на причините за отсуство на некоја од страните.

На дневен ред на денешната седница ќе се најде и иницијативата со која е оспорен член 72 од Законот за судски совет на РСМ („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/19), поднесена од Петар Баришиќ.

Подносителот наведува дека оспорената одредба е противуставна затоа што Судскиот совет не е суд кој одлучува по жалби на разрешени судии. Се наведува дека не смее со закон донесен од страна на ⅔ мнозинство во Собранието да се уредува постапка во Судски совет, наместо да се одлучува во судска постапка.

Судиите ќе дискутираат и по иницијативата за оспорениот член 3 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот, потоа иницијативата со која е оспорен член 47 став 5 и 6 од Законот за земјоделство и рурален развој и чл.3 став 24 од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2023 година, иницијативата со која е оспорен Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот и методологијата за утврдување референтни цени на лекови („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.77/23), како и иницијативата со која е оспорена Одлуката бр. 08-882/19 од 28.12.2022 година од Советот на Општина Неготино за Буџет на општина Неготино за 2023.

Total
0
Shares
Поврзани објави