ПРЕСУДАТА ВО ЦЕЛОСТ: Васил имал два станови каде држел марихуана и кокаин, бесплатно давал на другари, а негова соработничка продавала

Кривичниот суд ја објави интегрално пресудата за Васил, возачот кој ја усмрти Фросина на пешачки кај Силбо. Васил претходно се гонел за кривични дела поврзани со дрога. Пресудата ја пренесуваме во целост интегрално.

ВО  ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ

НА РСМ

            ОСНОВНИОТ КРИВИЧЕН СУД С., како првостепен кривичен суд преку судијата Даниела Алексовска-Стојановска како претседател на совет и судиите поротници Весна Цветкоска и Милисав Таневски како членови на советот со записничар Маја Богатиноска, постапувајќи по обвинителниот акт со предлог за продолжување на мерката притвор на Основното јавно обвинителство С. КО.бр.1354/24 од 21.05.2024 година,  против обвинетиот В.Ј. од С., за едно кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по чл.215 ст.1 од КЗ и едно кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по чл.215 ст.1 в.в. чл.22 од КЗ, по одржаната главна, јавна и усна расправа, која започна на 24.07.2024 година, продолжи на 29.07.2024 година и заврши на 31.07.2024 година, во присуство на Јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство С., Ана Стојковиќ Димитровска, обвинетиот В.Ј., спроведен од КПУ Затвор С.-С. и неговиот бранител П.Н. адвокат од С., на 31.07.2024 година, го донесе и јавно објави следното

Р Е Ш Е Н И Е

ОБВИНЕТИОТ

В.Ј. со ЕМБГ … од татко …, мајка …, роден на … година во С., со адреса на живеење на …… бр…. С., со завршено средно образование, студент на А.К., Македонец, државјанин на РСМ, неосудуван, не се водат постапки за други кривични дела.

В И Н О В Е Н  Е

ЗАТОА ШТО

  1. На 29.03.2024 година, во станот на ул.„…“ бр…. во С., кој привремено го користел обвинетиот, неовластено заради продажба, држел наркотична дрога марихуана и кокаин, на начин што полициски службеници од НТ, при легитимирање на сведоците И.Н. од С. и М.Д. од С., поточно на паркинг просторот позади зграда …, пронашле кај истите паковки со растителна материја-марихуана, па откако сведоците посочиле од каде ги зеле, по добиена Наредба за претрес КПП бр.190/24 од 29.03.2024 година, од судија на претходна постапка при Основен кривичен суд С., во станот кој обвинетиот го користел се пронајдени 1-една ќеса во која има 14-четиринаесет зипер ќесички со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со поединечна нето маса од 1,24 грама, 1,19 грама, 1,38 грама, 1,31, грама, 0,58 грама, 1,14 грама, 1,22 грама, 1,28 грама, 1,27 грама, 1,14 грама, 1,21 грама, 1,27 грама, 1,21 грама и 1,17 грама и 2-две најлонски паковки со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со вкупна нето маса од 23,95 грама и 1-една паковка со бела прашкаста материја со нето маса 0,24 грама која претставува дрога кокаин, кои се одземени.
  2. На 29.03.2024 година во станот на ул.„…“ бр…. во С., во кој привремено престојувала сега обвинетата Л.Ј., за која е раздвоена кривичната постапка, по претходен договор со обвинетиот В., заедно неовластено заради продажба држеле наркотична дрога марихуана и кокаин, на начин што откако обвинетата Л. излегла пред влезот од зградата и пришле сведоците И.Н. и М.Д. од С., па најпрво се доближила И. која и се обратила со зборовите „Еј Л. ти ли си“, а М. и се обратил со зборовите „За тоа што се договоривме со В.“, обвинетата им одговорила „Да, да“ и од џебот извадила една ќесичка со растителна материја со нето маса од 1,24 грама која претставува опојна дрога марихуана, по што пристапиле овластените службени лица и ја одзеле дрогата, а по издадена наредба за претрес од судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд С., КПП бр.189/24 од 29.03.2024 година во станот во кој привремено престојувала обвинетата Л.Ј. на ул.„…“ бр…., се пронајдени: 1-една бела поголема најлонска ќеса со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со нето маса од 38,2 грама, 1-една поголема најлонска ќеса со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со нето маса од 12,8 грама, 1-една најлонска ќеса со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со нето маса од 101,0 грама, 1-една помала бела ќеса со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со нето маса од 24,6 грама, 2-две најлонски ќеси од кои едната со 33-триесет и три зипер ќесички со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со поединечна нето маса од по 0,82 грама до 1,34 грама, а другата со 35-триесет и пет зипер ќесички со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со поединечна нето маса од по 1,15 грама до 1,38 грама или сите со вкупна нето маса 83,90 грама, 1-една хартиена кутија во облик на срце со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со нето маса од 18,8 грама или се со вкупна нето маса од 279,3 грама наркотична дрога марихуана, како и 1-една зипер ќесичка со бела грутчеста материја со нето маса од 16,43 грама која претставува дрога кокаин и 2-две дигитални ваги со остатоци од наркотична дрога кокаин и марихуана, кои со потврда за привремено одземени предмети се одземени од обвинетата.

Со горните дејствија обвинетиот В.Ј.сторил едно кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсории од чл.215 ст.1 од КЗ и едно кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсории од чл.215 ст.1 в.в. со чл.22 од КЗ, па согласно овие одредби и членовите: 4, 6-а ст.2, 29, 30, 31, 32, 39, 40, 41 и 44 од КЗ, како и членовите 21, 39, 40, 48, 60 и 71 од Закон за правда на децата, судот му изрекува воспитна мерка:

ЗАВОДСКА МЕРКА 

УПАТУВАЊЕ ВО ВОСПИТНО-ПОПРАВЕН ДОМ Т.

Согласно чл.48 ст.3 и ст.4 од Законот за правда на децата, обвинетиот во воспитно поправниот дом останува најмалку 6-шест месеци, а најмногу 5-пет години, односно до наполнети 23 години, поточно најмногу до 12.08.2027 година.

Согласно чл.48 ст.4 од Законот за правда на децата, времето поминато во притвор на обвинетиот В.Ј., сметано од 02.04.2024 година до 31.07.2024 година, се засметува во времетраењето на заводската мерка -Упатување во воспитно поправен дом.

Согласно чл.102 и чл.105 ст.1 од ЗКП, СЕ ЗАДОЛЖУВА обвинетиот В.Ј. од С. да плати на име судски паушал износ од 5.000,00 денари на жиро сметка број 100000000063095, сметка на буџетски корисник 2901000973, единка 631, корисник 10, приходна шифра 724132, програма 20, начин 2, примач Основен Кривичен суд С., депонент НБРСМ, согласно чл.102  ст.2  т.6  од ЗКП, како и да ги надомести трошоците на постапката, така што да плати износ од 3.233,00 денари на име трошоци за спровод на глава расправа од 29.07.2024 година и износ од 3.240,00 денари за спровод на главна расправа од 31.07.2024 година, согласно два трошковника-профактура од КПУ Затвор С.-С., а солидарно со обвинетата Л.Ј., за која е раздвоена кривичната постапка, да ги надомести и трошоците во вкупен износ од 10.160,00 денари, од кои износ од 3.000,00 денари на име трошоци за увид, превозни и други трошоци за службени лица, согласно два трошковника од Министерството, Секторот С., Одделението за К.Т., како и трошоците за спровод од КПУ Затвор С.-С. пред ОЈО С. на 16.04.2024 година во износ од 3.920,00 денари и трошоците за спровод на глава расправа од 24.07.2024 година, во износ од 3.240,00 денари, согласно два трошковника-профактура од КПУ Затвор С.-С., се во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата, а под страв на присилно извршување.

Согласно чл.215 ст.7 од КЗ, од обвинетиот В.Ј. СЕ ОДЗЕМААТ: 1-една платежна картичка „Visa“ на име на обвинетиот В.Ј., 1-една ќеса во која има 14-четиринаесет зипер ќесички со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со поединечна нето маса од 1,24 грама, 1,19 грама, 1,38 грама, 1,31, грама, 0,58 грама, 1,14 грама, 1,22 грама, 1,28 грама, 1,27 грама, 1,14 грама, 1,21 грама, 1,27 грама, 1,21 грама и 1,17 грама и 2-две најлонски паковки со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со вкупна нето маса од 23,95 грама и 1-една паковка со бела прашкаста материја со нето маса 0,24 грама која претставува дрога кокаин, одземени со Потврда за привремено одземени предмети од Министерството, Секторот, С.  бр.23.21.15.1-62 од 29.03.2024 година. 

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

            Основното јавно обвинителство С. до овој суд поднесе обвинителен акт со предлог за продолжување на мерката притвор XIII КО.бр.1354/24 од 21.05.2024 година, против обвинетиот В.Ј. од С., за едно кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсории од чл.215 ст.1 од КЗ и едно кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсории од чл.215 ст.1 в.в. со чл.22 од КЗ и против обвинетата Л.Ј. од С., за едно кривично дело–Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни суспстанции и прекурсори по чл. 215 ст.1 в.в. со чл.22 од КЗ. Врз основа на обвинителниот акт на ОЈО С., во кривичната писарница при овој суд е оформен кривичен предмет VI К.бр.1378/24.

Судот постапувајќи по погорецитираниот обвинителен акт, закажа главна, јавна и усна расправа на ден 24.07.2024 година, која се одржа во присуство на Јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство С., Ана Стојковиќ Димитровска, обвинетиот В.Ј., спроведен од КПУ Затвор С.-С., неговиот бранител – адвокат О.М. од С., обвинетата Л.Ј., спроведена од КПУ Затвор С.-С. и нејзините бранители В.С. и Д.П., двајцата адвокати од С.. На одржаната главна, јавна и усна расправа, по воведниот говор на Јавниот обвинител, обвинетата Л.Ј. согласно чл.381 ст.1 од ЗКП, даде изјава за признавање на вина, со која децидно, категорично и недвосмислено потврди дека го сторила предметното кривично дело за кое се терети, а обвинетиот В.Ј., даде негативна изјава за признание на вина, поради што судот по испитување на ЈО од ОЈО С., во смисла на чл.29 од ЗКП, донесе решение, со кое ја раздвои кривичната постапка, која спрема обвинетата Л.Ј. продолжи под веќе оформениот број на предмет, а спрема обвинетиот В.Ј., постапката продолжи откако во кривичната писарница на овој суд беше оформен нов кривичен предмет, на кој му беше доделен нов работен број К.бр.1439/24.

Застапникот на обвинението во завршен збор наведе дека доказите  изведени на главната расправа од страна на ОЈО, имаа за цел да ги потврдат наводите во обвинителниот акт од причина што во обвинителниот акт се содржани две кривични дела за кои се обвинува В.Ј., а за кои истакна дека ќе се осврне преку анализа на доказите за секое дело поединечно. Во однос на кривичното дело под т.1 каде на товар му се става дека во стан на ул.”…” неовластено држел заради продажба наркотична дрога која е наведена поединечно по вид и количина, застапникот на обвинението истакна дека постои разлика во анализата на доказите помеѓу ОЈО и одбраната меѓу клучните факти. Имено, за ова кривично дело неспорно е дека на 29.03.2024 година е направен претрес во просториите во станот на бр….,  на оваа улица и од таму е одземена наркотичната дрога марихуана во вкупна количина од 23,95 гр. и една паковка бела прашкаста материја која со вештачењето произлегува дека е кокани во нето маса од 0,24 гр. кокаин. Благодарение на исказите на сведоците И. и М. се доби реконструкција за тоа што се случувало критичната вечер пред и по претресот на наведениот стан, па така исказите на сведоците во делот дека тие земале наркотична дрога марихуана од станот и потоа биле пресретнати од ОСЛ, на чие прашање од каде ја набавиле дрогата им го покажале предметниот стан. Овој дел од исказот го следат и материјалните докази и тоа потврда за привремено одземени предмети за една паковка од И.Н. и две паковки од сведокот М.. Од записник за претрес на дом и други простории бр.23.21.15.1-390 од 29.03.2024 г., ЈО истакна дека исто така неспорно произлегло дека при претресот извршен на ул…. бр…., е одземена и платежна картичка ВИЗА на име на В.Ј.. Што е спорно во овој кривично правен настан во смисла на докажување на кривичното дело, се прашањата кој е држател на станот, односно кој ја држал наркотичната дрога за продажба. Кој е држател е фактичко прашање кое што се утврди преку исказите на сведоците и иако тие беа конфузни, на моменти противречни сами на себе, во моменти спротивни на исказите дадени пред ОЈО во некои делови, сепак застапникот смета дека она што може да се извлече како заклучок е дека В.Ј. критичниот период располагал со предметниот стан во смисла дека го држел. Ова не произлегува само од исказите на сведоците, туку е потврдено токму и од обвинетиот, дека е пронајдена и одземена платежна картичка од тој стан, а исто така е поткрепено и со цитираната забелешка каде е наведено „Пронајдените предмети, предметните лица М. и И. појаснуваат дека се на држателот на станот В.Ј.“. ЈО истакна дека сведокот И. се обидуваше да прикаже дека станот е на сите заедно и на никој посебно, но како од нејзиниот исказ, така и од исказот и на другиот  сведок, тие кажуваа дека го прашувале за дозвола токму обвинетиот В., дали може да влезат во станот и дали може да земат од наркотичната дрога, при што и двајцата не негираа дека предметната наркотична дрога е всушност на В.. Анализирајќи ја теоријата на одбраната, според застапникот на обвинението, нивната  интенција била дека В. не ја продавал дрогата, туку ја  држел за сопствена употреба и од неа другарски им давал на уживање на другите деца, 19 годишни, но сепак млади, како и на сведоците И. и М.. Па оттука, за размислување е спорното прашање дали предметната дрога била држена за продажба. Обвинетиот во својот исказ исто така се обиде да прикаже дека не само тој, туку и неговиот другар Н., заеднички го држеле предметниот стан, меѓутоа ова не наоѓа поткрепа во ниту еден материјален или вербален доказ и според застапникот наобвинението треба да се отфрли како неосновано. Од друга страна пак, ЈО истакна дека потребно е да се цени судската пракса на овој суд, како и на сите судови во РСМ, дека пршањето дали наркотичната дрога е за продажба, тесно е поврзано со количината на истата и начинот на кој таа е пакувана, па во таа смисла ако се земе во предвид фактот дека во предметниот стан наркотичната дрога марихуана била пакувана во 14 зипер ќесички и во две други најлонски ќесички во вкупна грамажа од 23,95 грама, меѓутоа секое поединечно пакување има апроксимативно од 1 грам, 1,58 до 1,28 грама, што доведено во корелација со исказот на сведокот М. дека не му е познато колку е потребно за конзумација, дека една паковка се смета од 1 грам, неспорно произлегува заклучокот дека ваквата наркотична дрога била држена за продажба. Обвинетиот во својот исказ се обиде да прикаже дека заедно со неколку другари давале по 500,00-600,00 денари и си набавувале наркотична дрога заради нивно уживање и уживање на нивни пријатели, но и ваквата одбрана не наоѓа поткрепа заради тоа што ако се земе во предвид дека количината на 0,5 грама марихуана цената се движи од 300,00-500,00 денари и да се земе за точно дека тие 4-5 луѓе со нивните 500,00-600,00 денари набавувале дури 10 грама марихуана, а сепак тоа е  различно од пронајдените скоро 24 грама и останатата количина на кокаин. Ова во корелација со фактот што обвинетиот е многу млада личност од 19 години, невработен, па се стекнува заклчучок дека ваквата одбрана е нереална спротивна на животната ситуација, бидејки сите тие млади луѓе кои се невработени не би можеле да набавуваат толкава количина на дрога одеднаш за свое сопствено уживање, ниту пак да се проверува дека обвинетиот е невработен, таквата количина на дрога без никаков надомест ја раздавал на другарите. Оттука, имајќи ги предвид сите изведени докази, неспорно се наметнува едниствениот заклучок кој упатува дека надвор од разумно сомнение обвинетиот В. наркотичната дрога пронајдена на ул…. ја држел заради продажба.

Во однос на второто кривично дело опишано под т.2 во диспозитивот на обвинителниот акт на ОЈО, застапникот на обвинението истакна дека исто така на главната расправа се изведени доволно докази кои ги потврдуваат  наводите на обвинението. Теоријата на одбраната за ова кривично дело е дека, обвинетиот В. немал никаква врска со обвинетата Л., освен што купувал од истата наркотична дрога. Одбраната тврдеше дека тој немал никаква друга соработка со неа, туку за свое уживање од истата купувал наркотична дрога, а често пати за возврат наместо да и плаќа и го шетал клучето и и помагал во други работи. Сепак материјалните докази доведуваат до поинаков заклучок. Имено, во записникот за претрес на дом и други простории бр.23.21.15.1-56/391 од 29.03.2024 година, за претрес извршен на ул.”…” бр…., во стан кој што повторно не е сопственост туку само држен од обвинетата Л.Ј., поименично се наведени видот и количина на наркотична дрога одземени од тој стан, а со потврдата за привремено одземени предмети, од  обвинетата Л.Ј. е одземена една зипер ќесичка, кое според ЈО го потврдува делото, а од исказите на сведоците се утврдува како е дојдено до претресот на конкретниот стан.

 Од извештај од вештачење ТД 3235/24 при анализа на дрога на траг означен со бар код NTD 24669205199-7, ЈО истака дека произлегува дека материјата во полиетиленска ќесичка со 33 зипер ќесички со растителен материјал спакувани поединечно, со вкупна нето маса од 39,87 грам пронајдена и одземена од стан на ул.”…”, претставува наркотична дрога марухуана. Од извештај  од вештачење ДКТ 496/2024 произлегува дека трагот со бар код NTD 24669205199-7 предизвикан од траг од папиларни линии на проѕирна најлонска ќеса за замрзнување (7-5-1), во која имало 33 мали зипер ќеси, кои во вештачењето се означени како Л6, Л7, Л8 и Л9, се всушност траги од папиларни линии идентификувани со отпечатоци од обвинетиот В.Ј. и тоа Л6 од показалец на лева рака, Л7 од дланка на лева рака, а Л8 и Л9 траги кои потекнуваат од палецот на десната рака од обвинетиот В.Ј.. ЈО истакна дека, овие анализи докажуваат дека, отпечатоци од рацете на В.Ј. се најдени на ќесата каде има поединечно спакувани 33 ќесички со наркотична дрога марихуана во станот кој го држела обвинетата Л.. Ова секако е во спротивност кон наводите на одбраната дека В. само купувал од Л., а не и дека продавал заедно со неа, инаку зошто би имал потреба да држи толкава количина на дрога и тоа во нејзиниот стан. Од друга страна пак, ЈО истакна дека овој материјален доказ е на иста линија со сведочењето на сведокот И., која иако на главна расправа се обиде да го ретерира она што  го кажала на записник пред ЈО, од чиј што исказ произлегува дека на истата и било познато дека В. соработува со Л. во друг стан и дека таму ја пренел цела роба, па од тие причини во станот на ул.”…” останало помала количина на дрога. Наводите на обвинението дека обвинетиот В. соработувал со обвинетата Л. за дрогата која е пронајдена во станот кој е наведен во обвинението, во својот исказ го потврди и сведокот М. кој пак вели дека на него му било познато дека обвинетите В. и Л. соработувале во продажба на наркотичната дрога. Застапникот на обвинението истакна дека сепак,  не е од помало значење и фактот што обвинетата Л. пред овој судски совет призна вина дека токму таа, заедно со обвинетиот В. ја држеле наркотичната дрога пронајдена и одземена од станот на ул.”…”, за продажба.

Имајќи ги предвид сите овие докази застапникот на обвинението смета дека тие упатуваат на заклучок дека обвинетиот В. е виновен и за кривичното дело под т.2 од обвинителниот акт. ЈО истакна дека, кога се разгледуваат околностите под кои се случени двете кривични дела, неизбежно е да се забележи начинот на извршување кај двете, скоро идентичен и соодветствува со тоа како се соочуваме ние како систем за ова кривично дело во поново време. Имено, наркотичната дрога неслучајно се држи во станови кои не се ниту сопственост, ниту формално под закуп на обвинетите, ниту пак некој од конзументите доаѓа во становите внатре, со единствна цел да не би можело обвинетите да се поврзат со становите во кои наркотичната дрога се држи заради продажба и тоа како и во овој случај останува да биде фактичко прашање да се решева пред судот. Меѓутоа истиот овој факт говори дека на обвинетиот му било добро познато за противправноста на дејствијата кои ги преземал. Истрајноста во истите, држење наркотична дрога, не во еден туку и во уште еден друг стан ја оформува неговата свесност односно намера да се занимава со држење на наркотична дрога, заради продажба кое што е основен елемент на ова кривично дело.

При одмерување на видот и висината на санкцијата, ЈО истакна дека судот би требало да ја цени личноста на обвинетиот која за жал во овој предмет е контрадикторна во смисла на неговата возраст, општествен статус и држење пред судот. ОЈО има сознанија дека тој неколкку пати пред настанот е прегледуван и му е одземана наркотична дрога која се третирала за употреба, но и во еден наврат и тоа од ПМВ кое го управувал му била одземена и вага. Застапникот на обвинението истакна дека со неприфаќање на признание за вина обвинетиот всушност ја пропушти можноста доброволно да ги прифати последиците од своето однесување и со тоа да не убеди нас како претставници на системот, особено судот, дека го сфатил значењето на своите постапки и дека е подготвен да преземе одговорност. Напротив, во текот на целата главна расправа тој покажа манипулативно однесување и негирање на материјалните докази, а манипулативно однесување и кон вербалните докази. Од друга страна неспорно е дека обвинетиот е многу млад и до сега не бил во судир со законот, па во овој комплексен предмет најмногу заради возраста на обвинетиот и фактот што потекнува од современо функционално семејство, на судот му останува задачата да определи најдобра санкција, со која ќе му се влијае на обвинетиот да сфати дека преземал противправни дејствија, но најмногу санкција со која ќе му се влијае на обвинетиот да во иднина го поправи своето однесување и да се врати на прав пат.

Бранителот на обвинетиот, П.Н. адвокат од С., во завршен збор наведе доколку се анализира обвинителниот акт, произлегува дека обвинетиот В.Ј. е обвинет за две кривични дела- Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супатаци и прекурсори по член 215 став 1 од КЗ, од кои за второто кривично дело е обвинет заедно со сега неправосилно осудената Л.Ј.. Доколку пресудата на второбвинетата Л.Ј. веќе станала правосилна,  во делот кој се однесува на точка 2 од обвинението, каде што обвинетиот В.Ј. е опфатен како соизвршител, од една страна има утврдена фактичка состојба за тој дел, а од друга страна изведените вербални докази во оваа постапка на кои се темели и тој дел од обвинението, а кои вербални докази се дадени искази од страна на сведоци на обвинителството, кои сведоци самото обвинителство при нивниот распит на главна расправа ги прогласува за непријателски сведоци. Сето ова говори дека евентуалната утврдена фактичка состојба во делот од обвинението од точка 2 за обвинетиот В.Ј. се темели на исказ на лице кое имало интерес да даде признание со цел да има повластена положба во овој предмет и на искази на сведоци кои од страна на обвинителството се прогласени за непријателски и кои на главна расправа посочиле дека од обвинетиот В.Ј. не купувале наркотични средства. Тоа произлегува и од исказот на И.Н., но исто така и од исказот на М.Д.. ОЈО С., определувајќи ја правната квалификација за овој кривично-правен настан претендира на обвинетиот В.Ј. да му стави на товар две кривични дела по член 215 став 1 од КЗ, притоа освен вербалните докази, се обидел тоа да го докаже и со фотодокументација, потврди за привремено одземени предмети, сите од 29.03.2024 година, записник за извршен претрес на лице, превозно средство или багаж од 29.03.2024 година, наредба за претрес на дом и други простории од 29.03.2024 година,  издадена од Основениот кривичен суд С., извештај од вештачење изготвен од Министерството на РСМ, Бирото и потврда од казнена и кривична евиденција на обвинетиот В.Ј.. Од казнената евиденција на обвинетиот В.Ј., произлегува дека ова лице не е евидентирано во казнената евиденција како сторител на други кривични дела, ниту против него се водат други постапки. Останатите докази предложени од ОЈО и тоа, фотодокументацијата како и потврдите за привремено одземени предмети, ниту една не се однесува на обвинетиот В.Ј., туку се однесуваат на лицата кои биле сослушани како сведоци во постапката. Извештајот од вештачење е изготвен од Министерството на РСМ, Бирото, поточно од оној орган кој за водел предистаргата. Како долгогодишен адвокат, познато му е дека нејголемиот дел од вештачењата во кривичните постапки, особено оние кои се однесуваат на утврдување на било какви податоци, папиларни линии, ДНК итн, кои се однесуваат на утврдување на идентитет на лица, се уште ги врши Министерството, но се поставува прашањето дали концептот на Законот за кривична постапка, кој оваа постапка ја дефинира како контрадикторна, може да се темели на вештачење изготвено од страна на некој што учествува во фазата на предистрага, ова ако се има во предвид дека вештачењето согласно ЗКП треба да биде изготвено стручно и непристрасно и кое ќе се заснова на знаења со кои судот не располага, дотолку повеќе што и други правни субјекти го вршат тој тип на вештачења. Одбраната нема сомнение за стучноста на органот кој го изготвил ова вештачење, но секако по природата на работата се сомнева во непристрасноста на овој извештај токму од наведените причини. Бранителот истакна дека, видно од обвинителниот акт, ОЈО претендира да докаже дека обвинетиот В.Ј. како сторител на кривично дело нормирано во член 215 став 1 од КЗ, користел два стана, во кои  чувал одредена количина на наркотични средства заради продажба, кои биле во близина на одредени угостителски локали, кои ги посетуваат претежно млади луѓе и дека истиот од едниот стан самостојно, а во другиот заедно со обвинетата Л.Ј., оваа количина на наркотични средства ја пуштале во промет. Во кратки црти ова е теорија на случај на ОЈО, но доколку овие дејствија на извршување наведени во обвинителниот акт се споредат со изведените докази во текот на постапката, особено оние докази кои се однесуваат на обвинетиот В.Ј., би се заклучило дека станува збор за поприлично амбициозна теорија на случај, која според одбраната, не се темели на правно релеванти факти и докази кои би ја докажале вината на обвинетиот В.Ј..

Според бранителот, ОЈО не успеало да докаже дека кај обинетиот В.Ј. е пронајдена било каква количина на наркотични средства и психотропни супстанци, во списите на предметот на постоела потврда за привремено одземени предмети со која се потврдува дека од В.Ј. е одзмена било каква количина на наркотична дрога, особено не поголема количина на наркотични средства и психотропни супстанци која количина би можела да се смета како количина за продажба, ниту пак кај обвинетиот В., кој е на возраст од неполни 20 години, не бил пронајден износ на парични средства кој би потекнувал од продажба на наркотични средства. ОЈО не приложило правно релевантен доказ од кој со сигурност ќе се утврди дека становите во кои наводно ја чувал дрогата, која служела за продажба на било каков начин се поврзани исклучиво со В.Ј., кој во тој контекст би можел да се именува како држател на простор за складирање на поголема количина на наркотични средства која би служела за продажба. Според наведеното, одбраната заклучува дека, на обвинителството му недостасуваат докази од таков карактер за да докаже дека обвинетиот В.Ј. е трговец со наркотични средства и психотропни супстанци. Од друга страна од оние докази на кои се темели обвинителниот акт од точка 1, исклучиво сведоците И.Н. и М.Д., а за точка 2 овие два сведока и обвинетата Л.Ј., доколку истите се анализираат ќе се дојде до еден заеднички именител, а тоа е дека сите тројца кај кои впрочем и е најдено одредено количество на наркотични средства, во своите искази не настапуваат како сведоци кои даваат свои непоредни сознанија за одреден настан или сторител, напротив нивните искази наликуваат на давање одбрана, ова особено се однесува на исказите дадени во истрага, а во еден дел и на исказите дадени на главна расправа. Така по однос на исказот на сведокот М.Д., на прашање на обвинителот на рочиштето за главна расправа одржано на ден 24.07.2024 година, тој вели ни ги земаа паковките и се договоривме со полициските службеници да соработуваме за да нема пријава за нас. Веднаш се поставува прашањето овој сведок на што ја темели опасноста да има пријава за него и И.Н., а исто или слично е  сведочењето и на сведокот И.Н., која на прашање на одбраната-во делот од вашите одговори наведовите дека кога заедно со М. и полицијата сте и пристапиле на Л., М. и се обратил со зборовите дека вие сте тие кои што со В. договориле петче, ќе се сложите со мене, ова било измислица, на кое сведокот И. одговара тоа беше измислица за да ние си ја олесниме работата. Бранителот истакнува, која работа да си ја олеснат сведоците , доколку не сториле ништо.

Бранителот истакна дека во точка 1 од обвинителниот акт на обвинетиот В.Ј. му се става на товар дека во станот на ул.”…” бр…. С., кој привремено го користел, неовластено заради продажба држел наркотична дрога, марихуана и кокаин. Во овој дел од обвинението, обвинителството не се обидело да докаже врз основа на кои факти и докази произлегува дека тој стан привремено го користел обвинетиот и што тоа привремено значи како термин во временска смисла и врз основа на кои докази утврдил дека токму В.Ј. неовластено заради продажба во тој стан држел наркотична дрога, марихуана и кокаин. Сето ова обвинителството во текот на оваа постапка се обидело да го докаже со сведочењето на сведоците И.Н. и М.Д.. По однос на фактот чиј бил станот на ул.”…” бр…. С., бранителот се повика на исказот на сведокот М.Д., кој на прашање на Јавниот обвинител,  изјавил дека станот бил отклучен и празен и немало лица и дека тогаш В. бил во друг град, односно во О.. На оваа околност и сведокот И.Н. изјавила „станот никогаш не бил платен, знам дека луѓе  работеле како преизнајмување на станови, кога некој ќе отиде во странство“, а наведеното го дознала од лицето Д., од кој што дознала дека тие си седеле во станот и истиот и дал клуч од станот, поточно станот имал сандуче со пин и тие сите како друштво го користеле станот и сите го знаеле пинот. Оттука, според одбраната, можело да се заклучи дека, обвинителството описот на дејствието од точка 1 од обвинителниот акт го темели на претпоставки кои не произлегуваат ниту од исказите на сведоците, ниту пак тоа произлегува од некој друг доказ во форма на формален акт-договор, преддоговор, плаќање, поседување на клуч или било кој друг посреден или непосреден доказ кој би упатувал на фактот дека токму В.Ј. во моментот на извршениот претрес е законит држател на тој стан. Оттаму, за одбраната индикативно е на чие има гласела наредбата за претрес на стан, па бранителот смета дека овој факт и на судот ќе му даде одговор по однос на тоа дали В.Ј. имал било каква формална или неформална поврзаност со станот на ул.”…” бр…. С..

            По однос на делот од обвинението од точка 2, на обвинетиот В.Ј. му се става на товар дека во станот во кој привремено престојувала обвинетата Л.Ј., по претходен договор со обвинетиот В., заедно неовластено заради продажба држела наркотична дрога, марихуана и кокаин. И овој факт обвинителството се обидело да го докаже со истите сведоци на начин што за да го инволвира и во оваа точка од обвинението обвинетиот В., обвинителството ги употребува зборовите со кои М.Д. наводно и се обратил на Л.Ј. со зборовите за тоа што се договоривме со В.. Бранителот истакнува дека, доколку обвинителството само врз основа на оваа наводно изговорена реченица се обидува да докаже тргување со наркотични средства, тогаш тоа останало недокажано, иако обвинителството има на располагање голем број на истражни мерки како што се следење, следење на телефонски комуникации и друг сет на посебни истражни мерки кои би биле применливи во оваа ситуација со кои истражни мерки несомнено би се утврдило сторувањето на кривичното дело. За одбраната, овој дел од обвинителниот акт е нејасен и се базира на претпоставки за што се договориле Л. и В. и не е јасно на кој В. се мисли. Одбраната повторно се повика на исказите на сведоците И.Н. и М.Д., за кои наведе дека ниту тие не знаеле чиј е тој стан. Очигледно е дека обвинителството се обидува овој факт да го докаже преку исказот на веќе обвинетата Л.Ј. која имала интерес да го признае сторувањето на кривичното дело, со кое ќе го опфати и обвинетиот В.Ј. како соизвршител.

            Бранителот истакна дека, ЗКП во своите одредби нормира дека товарот на докажување во кривичната постапка е на овластениот тужител, затоа и презумпцијата на невиност е втемелена како врвен цивилизациски стандрад. Според одбраната, при вака срочено обвинение кое се темели на претпостапки и кое се темели на искази на сведоци, кај кои е пронајдена количина на наркотични средства, а исто така и на еден осуден, односно обвинет кои своите искази и во истрагата и на главната расправа пред овој совет во најголемот дел ги давале во форма на сопствена одбрана, додека на главна расправа, обвинителството тие сведоци ги проглаасило за непријателски, не може да биде правен акт кој ќе влезе во правен промет и кој ќе предизвика изрекување на затворска казна за такво тешко кривично дело, какво што му се става на обвинетиот В.Ј..

            Од друга страна пак, бранителот наведе дека сосема основано се поставува прашањето дали млад човек од 19 години, за кој обвинителство тврди дека е сторител на вакво кривично дело, кој по критериумите на обвинителството скоро и да создал мрежа за тргување со наркотични средства, можел да подведе и злоупотреби возрасна жена, која по своите години можела да му биде мајка и која превзела обврска спрема неговите родители да ги известува за тоа дали В.Ј. е уживател на опојни дроги.  Обвинителството не истражувало кој е добавувачот, ниту пак доставило докази, дека во тие два стана се вршело и производство. Во контекст на сето погоре наведено, одбраната смета дека обвинителството не успеало да докаже надвор од разумно сомневање, дека обвинетиот В.Ј. е сторител на двете кривични дела кои му се ставаат на товар. Од тие причини предложи овој совет врз основа на член 403 став 3 од Законот за кривичната постапка да донесе ослободителна пресуда. Трошоци предјави и тоа: за состав на жалба против решение V КПП.бр. 192/24 од 02.04.2024 година на Основен кривичен суд С. преку судија на претходна постапка-износ од 21.060,00 денари, за состав на жалба против решение  КСП.бр. 270/24 од 20,06.2024 година на Кривичниот совет на Основниот кривичен суд С.-износ од 21.060,00 денари, за состав на предлог за определување гаранција-износ од 11.700,00 денари, за присуство на 3 рочишта за главна расправа, секое по 14.040,00 денари или вкупно износ од 42.120,00 денари, 17.269,00 денари ДДВ на наведените износи од овој трошковник согласно член 8 глава 5 точка 4 од Тарифа за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите или вкупни трошоци во износ од 113.209,00 денари.

Обвинетиот В.Ј. во завршен збор наведе дека се чувствува виновен и има грижа на совест, особено жали за неговите родители, пред се за тоа каква непријатна ситуација и каков срам им предизвикал. После сите овие месеци поминати во размислување, сфатил дека конзумацијата на “трева” го довела на многу лош пат, каде што дури е доведен во ситуација да се терети за многу тешки кривични дела. Во однос на кривичните дела кои му се ставаат на товар, остана на првично изразениот став дека не се чувствува виновен, бидејќи никогаш не заработувал од нечесна работа и продажба на дрога.  Затоа го замоли судот да ги разгледа доказите и да добие ослободителна пресуда. Уште еднаш нагласи дека се кае за целата ситуација. Истакна дека сега не конзумира дрога, ниту пак користи некаква терапија за одвикнување од зависност од дрога.

На одржаната главна расправа, по воведниот говор на застапникот на обвинението, откако обвинетиот В.Ј. се произнесе со негативна изјава за вина за предметните кривични дела кои му се ставаат на товар, во доказна постапка, беа изведени доказите по редослед утврден во чл.382 ст.2 од ЗКП, па така на предлог на застапникот на обвинението беше испитан сведокот М.Д. на записник за главна расправа од 24.07.2024 година и  сведокот И.Н. на записник за главна расправа од 29.07.2024 година, потоа беа изведени и материјаните докази предложени во листата на докази од ОЈО, така што беа прочитани и се изврши увид во: известување во врска со проследување на доказен материјал  рег.23.21.15.1-294-1 од 30.03.2024 од Министерството, Бирото, Секторот, ЕНТ ОЕКР, два  фотоалбуми и тоа со 8 фотографии SК-1173-2024 од 29.03.2024 г., и SК-1174-2024 од 29.03.2024 г., со 14 фотографии, три потврди за привремено одземени предмети бр.23.21.15.1-60, бр.23.21.15.1-61 и бр.23.21.15.1-62 сите од Министерството, Секторот С. ЕНТ од 29.03.2024 година, записник за извршен преглед на лице, превозно средство или багаж бр. 23.21.15.1-391 од 29.03.2024 година, наредба за претрес на дом и други простории КПП.бр.190/24 од 29.03.2024 г., записник за претрес на дом и други просотрии бр.23.21.15.1-390 од 29.03.2024 г., потврда за привремнео одземени предмети бр.23.21.15.1-63/391од 30.03.2024 г., наредба за претрес на  дом и други простории КПП.189/24 од 29.03.2024 г., записник за претрес на дом и други простории бр.23.21.15.1-56/391 од 29.03.2024 г., потврда за привремено одземени предмети бр.23.21.15.1-64/391 од 30.03.2024 г., извештај од вештачење ТД 3235/24 од 30.03.2024 од  Министерството, Бирото, извештај од вештачење ДКТ – 496/2024 од 05.04.2024 година од Министерството БЈБ , потврда од казнена и кривична евденција КР-14332/24 од 30.03.2024 година, на име на обвинетиот, а како доказ беа изведени и записник за испитување на сведок М.Д. пред ОЈО С. КО.бр.1354/24 од 30.03.2024 година и записник за испитување на сведок И.Н. пред ОЈО С. КО.бр.1354/24 од 30.03.2024 година, а потоа на предлог на одбраната, согласно чл.391 од ЗКП, беше испитан и обвинетиот В.Ј., па ценејќи ги овие докази секој посебно и сите заедно во склоп на една доказна целина, по слободно судиско убедување, судот ја утврди следната фактичка состојба:

Обвинетиот В.Ј. е млада личност, роден на … година во С., со адреса на живеење на …… бр….. С., со завршено средно образование, студент на А.К., Македонец, државјанин на РСМ, неосудуван, не се водат постапки за други кривични дела

На 29.03.2024 година, во станот на ул.„…“ бр…. во С., кој привремено го користел обвинетиот, неовластено заради продажба, држел наркотична дрога марихуана и кокаин, на начин што полициски службеници од НТ, при легитимирање на сведоците И.Н. од С. и М.Д. од С., поточно на паркинг просторот позади зграда бр…, пронашле кај истите паковки со растителна материја-марихуана, па откако сведоците посочиле од каде ги зеле, по добиена Наредба за претрес КПП бр.190/24 од 29.03.2024 година, од судија на претходна постапка при Основен кривичен суд С., во станот кој обвинетиот го користел се пронајдени 1-една ќеса во која има 14-четиринаесет зипер ќесички со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со поединечна нето маса од 1,24 грама, 1,19 грама, 1,38 грама, 1,31, грама, 0,58 грама, 1,14 грама, 1,22 грама, 1,28 грама, 1,27 грама, 1,14 грама, 1,21 грама, 1,27 грама, 1,21 грама и 1,17 грама и 2-две најлонски паковки со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со вкупна нето маса од 23,95 грама и 1-една паковка со бела прашкаста материја со нето маса 0,24 грама која претставува дрога кокаин, кои се одземени.

На 29.03.2024 година во станот на ул.„…“ бр…. во С., во кој привремено престојувала сега обвинетата Л.Ј., за која е раздвоена кривичната постапка, по претходен договор со обвинетиот В., заедно неовластено заради продажба држеле наркотична дрога марихуана и кокаин, на начин што откако обвинетата Л. излегла пред влезот од зградата и пришле сведоците И.Н. и М.Д. од С., па најпрво се доближила И. која и се обратила со зборовите „Еј Л. ти ли си“, а М. и се обратил со зборовите „За тоа што се договоривме со В.“, обвинетата им одговорила „Да, да“ и од џебот извадила една ќесичка со растителна материја со нето маса од 1,24 грама која претставува опојна дрога марихуана, по што пристапиле овластените службени лица и ја одзеле дрогата, а по издадена наредба за претрес од судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд С., КПП бр.189/24 од 29.03.2024 година во станот во кој привремено престојувала обвинетата Л.Ј. на ул.„…“ бр…., се пронајдени: 1-една бела поголема најлонска ќеса со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со нето маса од 38,2 грама, 1-една поголема најлонска ќеса со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со нето маса од 12,8 грама, 1-една најлонска ќеса со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со нето маса од 101,0 грама, 1-една помала бела ќеса со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со нето маса од 24,6 грама, 2-две најлонски ќеси од кои едната со 33-триесет и три зипер ќесички со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со поединечна нето маса од по 0,82 грама до 1,34 грама, а другата со 35-триесет и пет зипер ќесички со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со поединечна нето маса од по 1,15 грама до 1,38 грама или сите со вкупна нето маса 83,90 грама, 1-една хартиена кутија во облик на срце со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со нето маса од 18,8 грама или се со вкупна нето маса од 279,3 грама наркотична дрога марихуана, како и 1-една зипер ќесичка со бела грутчеста материја со нето маса од 16,43 грама која претставува дрога кокаин и 2-две дигитални ваги со остатоци од наркотична дрога кокаин и марихуана, кои со потврда за привремено одземени предмети се одземени од обвинетата.

Ваквата фактичка состојба судот ја утврди од изведените вербални и материјални докази, од кои се утврдија релевантните околностите под кои делото е сторено, местото, времето, начинот и последиците од истото.

Сведокот М.Д. испитан на главна расправа пред овој суд, наведе дека се познавал со обвинетиот В. уште од трета година средно училиште, бидејки заедно учеле во средното училиште А.. Сведокот наведе дека порано конзумирал марихуана и дека имал разговарано за тоа со В., но дека за набавка на марихуана не разговарале. Познато му било дека обвинетиот живеел во Влае, но се сретнувале на други места, поточно на “…”, каде што се случил настанот и каде што обвинетиот живеел, колку што му било познато на сведокот. Појасни дека бил во станот каде се собирале со друштво за да пијат, јадат, да се дружат, а други пушеле канабис. Сведокот потврди дека бил во станот заедно со обвинетиот В., но дека тој  поодамна веќе не конзумирал марихуана и дека од обвинетиот В. не набавувал марихуана. Со сведокот И., критичната вечер биле во станот на “…”, од каде што земале три паковки марихуана, а во станот останале уште неколку паковки. Сведокот И. се договорила со обвинетиот В. да земе од дрогата, а станот бил отклучен и празен, а за дрогата претпоставува дека била на обвинетиот В.. Критичниот ден обвинетиот бил во друг град, поточно бил заминат во О.. Откако ги земале паковките марихуана, им биле одземени од полициски службеници. Потоа соработувајќи со полициските службеници, отишле во станот на ул.“…“, каде бил извршен претрес на станот, при што биле пронајдени повеќе паковки со канабис. Потоа се упатиле во стан, каде престојувала обвинетата Л.Ј., која сведокот изјави дека не ја познавал, но имал слушнато дека е повозрасна жена и одреден период, отприлика 1-2 месеци пред настанот, продавала канабис. На сведокот му било познато дека обвинетиот В. соработувал со обвинетата Л. во продавање на канабис. Сведокот наведе дека не биле во контакт со обвинетата Л., а таму отишле затоа што знаел отприлика каде живее, па во договор со ОСЛ се упатиле кон неа и кога пристигнале таму, имало возило кое на полциските службеници им изгледало сомнително. Таму ја сретнале обвинетата Л., за која што сведокот И. знаела дека имала куче и ја видела како го шета кучето, па ја прашала „Вие ли сте Л.?“, таа рекла „Да, да што треба?“ Сведокот и рекол ако може една паковка да ни дадете канабис, па во тој момент кога му пружила паковка канабис, истата била лишена од слобода. Сведокот појасни дека една паковка е стандардна количина од еден грам. Сведокот немал претходно договор со обвинетиот, а станот во Ц. му бил познат, бидејќи еднаш таму поминал со другар за да тој си земе дрога, а еднаш бил таму и со обвинетиот за да зборува со обвинетата Л.. Сведокот потврди дека обвинетиот имал контакт со обвинетата Л., токму во тој стан во Ц. на ул.”…”, меѓутоа не му е познато дали и други луѓе имале сознание за тој стан. Сведокот наведе дека првично мислел дека обвинетиот продавал дрога, но потоа кога се распрашал, дознал дека всушност обвинетиот само давал дрога на поблиски другари и другарки и дека не е сигурен дали истиот и продавал. Дополни дека во станот имало и пари, нешто ситно околу 500,00 денари.

            Имајќи го во предвид исказот кој што сведокот го даде на главната расправа во однос на исказот што претходно го дал пред ОЈО, согласно ЗКП, застапникот на обвинението го прогласи овој сведок за непријателски, поради што истиот беше вкрстено испитан од страна на застапникот на обвинението. Откако претходно од страна на судот му беше предочен записникот за испитување даден пред ОЈО С., истиот потврди дека лично се потпишал на записникот.

Од страна на застапникот на обвинението, на сведокот му беше предочен дел од неговиот исказ даден пред ОЈО С., каде што изјавил „Тој стан колку што ми е познато е на друго лице, кој му го дал на В., а лицето од кое го земал станот на користење мислам дека се вика Д.. Познато ми е дека В. продава наркотична дрога марихуана, а мислам дека продава и кокаин. Конкретно синоќа на 29.03.2024 година, јас заедно со И. се договоривме да одиме да пушиме марихуана, таа претходно се слушна со В., кој и кажал дека тргнал на кај О., мислам дека и таму одеше за да продава дрога и кажал на И. за да одиме да си земеме слободно, бидејќи станот бил отклучен. Колку што ми е познато овој стан постојано стоеше отклучен зошто таму одеа повеќе луѓе другари на В. кои само уживаа дрога кога одеа, а продажбата обично се одвиваше надвор откако В. ќе се договореше со лицата кои сакаа да купат, а ова мислам за да не дознаат каде точно се наоѓа станот. Знам дека В. воопшто не се криеше дека работи со продажба на дрога, па кога бев во станот насекаде имаше пари, марихуана и други видови дрога, мислам кокаин“. Со оглед дека сведокот на главната расправа тврдеше  дека не знаел дали обвинетиот продавал дрога, на прашање од застапникот на обвинението што е точно, сведокот наведе дека точно е тоа што најпрвин го изјавил пред ОЈО, бидејќи меморијата му била многу лоша, со оглед дека после  тој период могу пиел.

Сведокот појасни дека кога со сведокот И. заедно влегле во станот, истиот бил отклучен, а подоцна во станот било влезено со налог за претрес. Во однос на тоа дали обвинетиот имал соработка со обвинетата Л., сведокот наведе дека не можел со сигурност да потврди каква соработка имал, но дека било нешто поврзано со дрога. Изјави дека обвинетиот на него лично не му продал дрога, единствено критичната вечер земале паковки без пари, пред се заради другарскиот однос. Дополни дека не присуствувал на средба каде обвинетиот продавал дрога, ниту пак видел такво нешто. Критичната вечер кога земале дрога од станот, не оставиле пари, за прв пат бил во станот да земе паковка дрога и не знаел колку чини. Откако на сведокот му беа предочени двете потврди за привремено одземени предмети бр.23.21.15.1-61 и бр.23.21.15.1-62 од 29.03.2024 година, потврди дека потписот на истите бил негов.

На записникот составен пред ОЈО С., КО бр.1345/24 од 30.03.2024 година, односно наредниот ден по настанот, сведокот М.Д. изјавил дека со обвинетиот В. се познавале од средно. Познато му било дека имал изнајмено станови како би чувал наркотична дрога која би можел понатаму да ја препродава. Во станот кој се наоѓа во К., каде што биле легитимирани од страна на полициски службеници, доаѓале повеќе луѓе да конзумираат наркотична дрога. Тој стан, колку што му било познато на сведокот, бил сопственост на друго лице, а лицето од кое обвинетиот го земал станот на користење се викал Д.. На сведокот му било познато дека обвинетиот продавал марихуана и кокаин. Критичната вечер, се договорил со сведокот И. да одат да пушат марихуана, па откако таа претходно се слушнала со обвинетиот В., кој и кажал дека тргнал накај О., за да и таму продава дрога и кажал на сведокот да одат во станот, бидејќи бил отклучен. Продажбата на дрогата обично се одвивала надвор, откако обвинетиот ќе се договорел со лицата кои сакале да купат, а ова се со цел да не се дознае каде точно се наоѓал станот. Сведокот изјавил дека во овој стан бил само два пати, еднаш при претресот и околу 4 дена пред настанот. При вршење на претресот, била пронајдена дрога, а познато му било дека обвинетиот не криел дека работи со продажба на дрога, па кога бил во станот насекаде имало пари марихуана и други видови дрога, мислејќи на кокаин. Во однос на станот во Ц., сведокот изјавил дека му било познато дека обвинетиот се познавал со тоа женско лице, со кое најверојатно ја работеле истата работа. Имено, кога се сретнал со обвинетиот В., тој му рекол дека прво требало да помине негде и да заврши некоја работа, па откако сведокот го земал обвинетиот со автомобил, прво поминале во станот во Ц., при што обвинетиот го немало 10-ина минути, а потоа се вратил назад. Сведокот појаснил дека заедно со полициските службеници и сведокот И., која знаела дека ова женско лице по име Л. имала куче, ја забележале додека го шетала кучето, па сведокот И. ја прашала дали е таа Л., а откако потврдила, сведокот и рекла „ние сме за една паковка“, а таа веднаш извадила од џебот и му подала, при што била фатена од полицијата, а потоа и во тој стан бил извршен претрес.

Судот го ценеше исказот на сведокот М.Д. и поклони верба во делот каде што наведе дека со обвинетиот В. се познавале од претходно и дека се состанувале во станот на ул.”…”, каде што се собирале за да се дружат, да пијат, а некои пушеле канабис. Воедно, судот поклони верба и на наводите на сведокот дека критичната вечер со сведокот И. биле во станот на ул.”…”, од каде што по претходно одобрение на обвинетиот В. земале три паковки дрога, а во станот останале уште паковки наркотични средства, како и тоа дека дрогата била на обвинетот В.. Судот го прифати за веродостоен и делот од исказот на овој сведок дека критичната вечер, откако ги зеле паковките наркотична дрога со сведокот И., биле пресретнати од полициски службеници, од кои им била одземена наркотичната дрога и на чие барање ги однеле во станот на ул.”…”, од каде што ја зеле дрогата и каде што по обезбеден налог, полициските службеници извршиле претрес и при тоа била пронајдена и одземана и друга количина на дрога. Воедно, судот поклони верба и на исказот на сведокот  во однос на делото од т.2 од изреката на оваа пресуда, каде што наведе дека му било познато дека обвинетиот В. се познавал со обвинетата Л. и со истата соработувал при продажбата на канабис, како и тоа дека му било познато дека постоел и друг стан во Ц., каде што обвинетиот имал контакт со обвинетата Л.. Исто така судот го прифати и делот од исказот на сведокот дека критичната вечер по барање на службените лица на Министерството, заедно со сведокот И. се упатиле на местото каде што живеела обвинетата Л., од која што побарале паковка дрога и во моментот кога истата му ја подала, била фатена и лишена од слобода од ОСЛ на Министерството.

 На овој дел од исказот на сведокот, судот поклони верба, не само затоа што е неспорен и за самиот сведок, туку пред се затоа што најде поткрепа во изведените материјални докази кои подетално ќе бидат елаборирани во образложението на оваа одлука. Во оваа прилика, судот само накратко ќе ги наброи, станува збор за, записникот за претрес на дом и други простории бр.23.21.15.1-390 од 29.03.2024 година, со кој се потврдува во овој дел исказот на сведокот дека предметите кои биле пронајдени при претрес на станот на ул.”…”, кој бил извршен во присуство на сведокот, биле на држателот на станот, односно на сега обвинетиот В.Ј., како што впрочем  изјавил и самиот сведок на записникот, а особено што помеѓу останатите предмети, како што е прашкаста материја, за која подоцна со вештачење е утврдено дека претставува наркотична дрога марихуана и кокаин, била пронајдена и платежна картичка “Visa”, токму на име на сега обвинетиот В.. Воедно, исказот на сведокот во овој дел наоѓа целосна поткрепа и во потврдата за привремено одземени предмети од Министерството Секторот С. ЕНТ бр.23.21.15.1-61 од 29.03.2024 година, за која потврди дека потписот во графата “предметите се одземени од”, бил негов, а со која од сведокот се одземени две паковки НН прашкаста материја. Покрај тоа, овој дел од исказот на свеодкот најде целосна поткрепа и во неговиот првично даден исказ пред ОЈО С., непосредно дента по случување на настанот, кога меморијата за кривичниот настан му била најсвежа и за кој што исказ и самиот сведок изјави дека во однос на извесни остапувања во неговиот исказ  на главна расправа дека се точни наводите кои што најпрвин ги дал пред ЈО при ОЈО С., бидејќи после овој настан започнал многу да пие и меморијата не му била добра.

 Меѓутоа делот од исказот на сведокот М., даден на главна расправа, каде што наведе дека иако првично мислел дека обвинетиот продавал наркотична дрога, дека после настанот откако се распрашал дознал дека всушност обвинетиот на другарска база им давал наркотична дрога на другарите и другарките, меѓутоа дека не е сигурен дали и продавал. За судот се неприфатливи ваквите наводи на сведокот, не само затоа што сведокот беше колеблив и несигурен во ваквиот исказ, туку пред се затоа што се спротивни на неговиот исказ даден на записник пред ОЈО, каде што јасно изјавил дека сепак му било познато дека обвинетиот продавал дрога, па дури го опишал и начинот на кој продавал дрога и дека становите ги изнајмувал за да таму ја чува дрогата, дека во станот се конзумирала дрогата, а продажбата ја вршел надвор од станот, со цел да не се дознае локацијата на станот каде истата се чува. Од друга страна судот дури и да прифати за веродостојно дека сведокот не бил директен очевидец на средбите каде се продавала дрогата, не го менува фактот дека сведокот знаел дека обвинетиот продавал дрога, бидејќи како што изјвил и самиот пред ОЈО дека, обвинетиот В. не криел дека продавал наркотична дрога марихуана, а претпоставува дека продава и кокаин, како и тоа дека кога бил во станот насекаде имало пари, марихуана, но и друг вид на дрога, односно кокаин, па дури и критичната вечер, обвинетиот заминал за О. за да продава дрога, како што кажал сведокот во својот исказ пред ОЈО С..

Впрочем и самиот сведок, во однос на ваквите отстапувања на неговиот исказ на главна расправа во однос на исказот даден пред ОЈО С., изјави дека се точни наводите кои што најпрвин ги дал пред ОЈО С., бидејќи после овој настан започнал многу да пие и меморијата не му била добра. Наведеното претставува уште една дополнителна причина поради која судот не го прифати овој дел од исказот на сведокот, во кој се забележува контрадикторност како во однос на сопствениот исказ првично даден пред ОЈО С., така и во однос на позитивно оценетите докази. Судот цени дека со вака дадениот исказ, сведокот потикнат од другарски побуди спрема обвинетиот се обидува да му помогне за да ја избегне кривичната одговорност.

Сведокот И.Н., при нејзиното испитување на главна расправа наведе дека работејќи во кафичот “Р.”, кој е лоциран до зградата на ул.”…” каде што живее, се запознала со обвинетиот В.. Тој доаѓал во кафичот, па истите се дружеле и се зближиле, а тој ја запознал со неговото друштво и така почнале да излегуваат. Се дружеле во кафичот “Р.”, седеле на клупите позади зграда, а се дружеле и во станот на ул.”…” …, од кој сите имале клуч, бидејќи како што наведе, станот бил ничиј. За станот, сведокот дознала преку обвинетот В. и неговото друштво со кое се дружела. Појасни дека станот никогаш не бил платен, ниту изнајмен, туку бил преизнајмуван, а сопствениците не ги познавала. Појасни дека во зградата никогаш не видела деца, па и станало чудно кога наеднаш почнала да среќава млади луѓе на нејзина возраст. Наведе дека од другарот Д., дознала дека станот се преизнајмува на луѓе, бидејќи тој работел со станови. Отпосле дознала дека во станот се собирале, седеле, а и таа имала клуч, поточно пред станот имало сандаче со пин, па сите го знаеле пинот и од друштвото сите го користеле станот. Во станот имало марихуана, но ништо друго не видела. Истакна дека за  марихуната која што ја конзумирала, никогаш немала дадено пари, со оглед дека секогаш некој од друштвото имал марихуана, па таа кога сакала да конзумира марихуана, се јавувала кај другарите и земала од нив, бидејќи како што изјави, никогаш не би дала пари за тоа. Наведе дека станот бил користен од сите, па и од обвинетиот В.. Единствен начин на кој располагале со дрогата бил заради конзумирање и за тоа им служел станот. Сведокот наведе дека многу се дружела со обвинетиот, па доколку тој продавал дрога, таа би знаела, а потоа додаде дека не била сигурна, се сомневала, а сомнежот потекнувал оттаму што, обвинетиот секогаш во него имал дрога за сите, но не знаела дека потекнува од него. Во еден момент кога се шетале заедно, се случило обвинетиот да нема дрога со него, па земал за да конзумираат и така сведокот сфатила дека тој не се занимавал со тоа, туку дека имало некој друг.

Критичниот ден на 29.03.2024 година, сведокот била излезена со пријателот М., со кого се запознале преку обвинетиот В. и дошле на идеја да конзумираат марихуана, но слушнале дека никој од друштвото немало, бидејки сите заминале во О., а со нив и В.. Сведокот појасни дека била најблиска со обвинетиот В. и дека секогаш кога имал и давал дрога, па се слушнала со него и тој и рекол дека може да оди во станот на ул.”…” и да си земе, а тие земале малку повеќе. Појасни дека го побарала токму В., затоа што мислела дека ќе и даде број од лицето од кое што тој земал дрога и дека ќе и среди, меѓутоа тој и кажал дека имало нешто ситно што би можела да го земе. Наведе дека не ја интересирало чија била дрогата, најверојатно била на обвинетиот В.. Откако земале три спакувани мали пакетчиња, за кои истакна дека не оставиле ни денар, со сведокот М. се упатило позади зграда, каде се случувале сите собиранки и сакале да седнат да поуживаат во дрогата, но само што стапнале на паркингот биле фатени од полиција. Сведокот наведе дека не знаела што да каже во тој момент на полицијата, па најлесно и било да каже дека дрогата била на обвинетиот В.. Потоа сведокот М. на полициските службеници им го покажал станот на ул.”…” и сите заедно влегле внатре, каде што полцијата извршила претрес. После претресот, сведокот М. кажал и за некој друг стан во Ц., па тогаш сведокот дознала од каде потекнувала дрогата. Во врска со станот во Ц., сведокот имала сознанија дека се наѓал кај кафичот И., бидејќи еднаш била таму со обвинетиот В., од каде што тој се појавил со мала количина дрога и оттогаш почнала да се сомнева дека продава дрога, од која сведокот му побарала за да конзумира. Со обвинетиот В. шетале мало куче, за кое отпосле дознала дека било на сега обвинетата Л., која што иако не ја познавала, сепак знаела дека е во станот во Ц., од каде земале дрога во мали количини. Додаде дека таа му продавала дрога на обвинетиот, иако не видела кога му продава, сепак и се разјаснило дента кога биле фатени од полицијата, дека имало вистина дека повозрасна жена се занимавала со илегални работи. Во станот во Ц., ја фатиле обвинетата Л., за која сведокот знаела дека има куче, кое го шетале со обвинетиот, меѓутоа не и била позната релацијата на обвинетиот со станот во Ц.. Вечерта кога ја виделе обвинетата Л., како го шета кучето, со сведокот М. си рекле ова може да е Л., па се упатиле кон неа. Сведокот М. и се обратил со зборовите „Л. ова што се договоривме со В. за петче“, а таа му рекла на сведокот М. „Ова е Л.“. Во тој момент таа им рекла „Како сте“, имала јакна и од џебот извадила за да им даде дрога, но во тој момент полицаецот и ја фатил раката. Таа вечер, сведокот за прв пат влегла во станот во Ц., каде што видела дека имало дрога, марихуана, паковки, ваги, т.н. “бело“ за шмркање.

При директното испитување на сведокот И. од страна на застапникот на обвинението, јавниот обвинител истакна дека нејзиниот исказ отстапува во поглед на клучните работи од исказот кој претходно го дала пред ОЈО С., поради што застапникот на обвинението го прогласи овој сведок за непријателски и побара истата вкрстено да ја испита. Откако на сведокот и беше предочен записникот за испитување сведок пред ОЈО С. КО.број.1354/24 од 30.03.2024 година, истата потврди дека лично ги потпишала сите страни на записникот.

Испитана во вкрстено испитување, како непријателски сведок на застапникот на обвинението, сведокот потврди дека дала исказ пред ОЈО каде била поучена дека давањето лажен исказ е кривично дело. Откако беше цитиран дел од нејзиниот исказ даден пред ОЈО, каде изјавила „Конкретно за станот на ул.”…” каде вчера се вршеше претрес, а тоа е всушност зградата каде што живеам јас, знам дека В. го користеше и таму често доаѓаа другари за да се дружиме и собираме. Точно е дека сум одела таму и дека имав видено спакувано зипер ќесички со марихуана и познато ми е дека В. откако ќе му се јавеше некој на телефон, земаше од дрогата и одеше надвор на паркингот и мислам дека ја продаваше, ама не сум  сигурна“, наведе дека оваа изјава не била точна, туку дека било точно дека се сомневала во В. и мислела дека продавал. Во однос на делот од изјавата „Бидејќи В. знам дека имаше изнајмено друг стан чија локација не ја знам, ја пренесе цела роба таму, па вчера кога отидовме имаше нешто ситно останато и ги земавме овие кесички“, сведокот наведе дека била под стрес и не знаела зошто кажала така во моментот и дека тоа не било точно. Сведокот пред ОЈО изјавила „Бидејќи од муабет знаев дека има уште еден стан и дека некое женско лице повозрасно му ги врши работите на В., односно дека заедно се занимаваат со продажба, но не знаев, а ни В. не ми кажуваше каде се наоѓа станот, само знаев дека е во близина на кафичот И.“, сведокот наведе дека тоа било откако се посомневала дека обвинетиот В. продавал, знаела дека се работи за повозрасна жена, но не била сигурна. Сведокот истакна дека така изјавила затоа што биле под притисок од полицијата која барала некого и тие морале некого да кажат, меѓутоа на конкретно прашање дали тоа значи дека лажно сведочеле пред полицијата и ЈО и дека лажно го пријавиле обвинетиот В. дека продавал наркотична дрога, како и тоа дека во ваквата работа е во координација и со друго повозрасно женско лице, на кое што сведокот децидно одговори дека не сведочела лажно, односно дека имало вистина во сето тоа што го кажала, но била под стрес, а полицијата и пришла со фотографја од обвинетиот дека него го барале. Во однос на тоа дали сведокот била под притисок на полицијата кога го давала изказот и пред ОЈО С., истата наведе дека полицијата не присуствувала кога давала исказ пред ОЈО, но дека и рекле да каже дека обвинетиот продавал дрога.

Сведокот додаде дека зборовите со кои се обратиле кон обвинетата Л., кога сведокот М. и рекол дека со обвинетиот договориле „петче“, биле измислени. Дента кога го шетале кучето заедно со обвинетиот В., откако завршила со часовите по пеење, му се јавила на обвинетот за да се видат и тој ја викнал на кафе, а таа рекла дека сака да конзумира марихуана и дали има нешто ситно. Потоа прошетале, па обвинетиот и рекол да го почека, при што обвинетиот земал нешто ситно, меѓутоа не дошол сам туку со него имал кученце и и рекол дека завршил работа, а за услуга да го прошетаат кучето. Сведокот наведе дека немала видено поголема количина марихуана, ниту пак видела кокаин, а таа конзумирала само марихуана, наведе дека можеби некој друг конзумирал нешто друго. Додаде дека обвинетиот В. конзумирал марихуана и дека тој ја купувал за пари, меѓутоа од друштвото никој не му се оддолжувал за добиената количина на наркотична дрога, бидејќи сето тоа било другарски, таа ќе го почастела кафе во “Р.” и тоа не било само помеѓу нив двајца, туку на другарска база и со останатите од друштвото.

Сведокот И.Н. дента после настанот, на записник пред ОЈО С. КО.број 1354/24 од 30.03.2024 година, изјавила дека работела во кафичот “Р.” од каде и го запознала обвинетиот В. со кој започнале да се дружат. Конкретно за станот на ул.„…“ каде се вршел претрес критичната вечер, бил во истата зграда каде што и таа живеела. На сведокот и било познато дека обвинетиот го користел станот и често доаѓал со друштво, се собирале и се дружеле. Точно било дека одејќи во станот видела зипер кесички со марихуана и познато и било дека откако на обвинетиот ќе му се јавел некој на телефон, земал од дрогата и одел надвор на паркингот, мислела дека ја продавал дрогата. Критичната вечер со другарот М. одлучиле да конзумираат марихуана, бидејќи знаела дека во станот имало, отишле знаејќи каде стоел клучот, го отвориле станот и земале две ќесички марихуана. Сведокот знаела дека обвинетиот имал изнајмено уште еден стан на друга локација која не и била позната, каде што ја пренел целата роба, па кога отишле во станот, имало останато само нешто ситно и ги земале тие кесички. Сведокот пред ЈО изјавила дека од муабети дознала дека обвинетиот имал уште еден стан, во близина на кафичот „И.“ и дека некое повозрасно женско лице, му ги вршела работите, односно дека заедно се занимавале со продажба, а за тој стан знаел и сведокот М..

Судот го ценеше исказот на сведокот И.Н. и на истиот поклони верба во делот дека се познавала со обвинетиот В. и со неговото друштво, па оттука почнале да се дружат и да се собираат во станот на ул.„…“. Судот поклони верба и на наводите на сведокот дека во станот видела дека имало марихуана, а впрочем станот покрај дружбите, им служел и за конзумирање на марихуана. За овој суд прифатливи се и на наводите на сведокот дека знаела дека обвинетиот имал изнајмено уште еден стан на друга локација, каде ја пренел целата роба и дека заедно со женско повозрасно лице се занимавале со продажба на дрога. Вака дадените наводи на сведокот наоѓаат поткрепа и во останатите материјални докази, особено во известувањето во врска со проследување на доказен материјал  рег. бр.23.21.15.1-294-1 од 30.03.2024 од Министерството, Бирото, Секторот, ЕНТ ОЕКР,  записникот за претрес на дом и други простории бр.23.21.15.1-56/391 од 29.03.2024 година, двете потврди за привремено одземени предмети бр.23.21.15.1-63/391 и бр.23.21.15.1-64/391, двете од 30.03.2024 година, но исто така и во фотодокументацијата каде што на сликовит начин е прикажана предметната дрога, начинот на кој истата била спакувана и спремна за продажба.

 Меѓутоа, судот не поклони верба на делот од исказот на сведокот, во кој се обидуваше да прикаже дека обвинетиот не бил држател на станот, односно како што наведе не бил на никого и го користеле цело друштво. Овој дел од исказот на сведокот е спротивен на самиот себе, кога истиот сведок наведува дека критичната вечер се јавила токму на обвинетиот В. пред да отидат во станот, а тој и рекол дека може да оди во станот на ул.”…” и да си земе наркотична дрога. Фактот што сведокот му се јавила на обвинетиот В., а не на било кој друг од друштвото, единствено упатува на заклучок дека критичниот период, со станот во кој што била пронајдена наркотичната дрога располагал токму обвинетиот. Покрај тоа, овој дел од исказот на сведокот е спротивен и на материјалниот доказ-записникот за претрес на дом и други простории бр.23.21.15.1-390 од 29.03.2024 година во станот на ул.„…“, на кој што претрес присуствувале и сведоците М. и И., а кои во однос на пронајдената дрога и платежна картичка која гласела на име обвинетиот В.Ј., изјавиле дека пронајдените предмети припаѓале на држателот на станот, односно на обвинетиот В.Ј..

Покрај тоа, судот не поклони верба ниту на делот од исказот на сведокот која што негираше дека обвинетиот В. продавал наркотична дрога и се обидуваше пред судот да прикаже дека тој ја набавувал дрогата и дека на сите од друштвото им давал исклучиво на другарска база. Ова не само од причина што ваквиот исказ на сведокот е тешко да се прифати според логиката на нештата за да купената дрога туку-така се споделува само на другарска база, туку затоа што и самиот сведок не беше категорична и децидна при вака дадениот исказ, изразувајки различни степени на сигурност, како на пример дека мисли или дека се сомневала дека обвинетиот продавал дрога. Ова дотолку повеќе што, овој дел од исказот на сведокот е крајно спротивен на првично дадената изјава на сведокот пред ОЈО, и тоа ден после настанот, на 30.03.2024 година, кога изјавила дека било точно дека одејќи во станот видела зипер кесички со марихуана и познато и било дека откако на обвинетиот ќе му се јавел некој на телефон, земал од дрогата и одел надвор на паркингот, каде што претпоставува дека ја продавал. Начинот на кој што била спакувана дрогата, секоја во зипер кесички со различна грамажа, го поткрепува убедувањето на овој суд, дека крајната цел на обвинетиот била продажба на дрогата. Овој факт се потврди и со исказот на сведокот М. на кој му било познато дека обвинетиот се занимавал со изнајмување на станови каде ја чувал дрогата и му било познато дека обвинетиот продавал дрога, марихуана и кокаин и дека соработувал со Л. во продажбата на марихуана. Како што впрочем изјави овој сведок, обвинетиот воопшто не криел од нив дека продавал дрога, бидејќи кога одел во станот забележал пари, марихуана и кокаин. Од исказите на сведоците произлезе начинот на кој се продавала дрогата, односно сведоците на речиси идентичен начин детално појаснија дека продажбата се одвивала надвор од станот со цел да не се дознае локацијата на станот. Во период кога обвинетиот бил во О., со оглед да бил отсутен, тенденциозно ја имал префлено предметната дрога во другиот стан во Ц. каде престојувала обвинетата Л., а кое нешто се утврди од исказот на сведокот И. која на записник предупредена дека лажното сведочење претставува кривично дело, изјавила „Бидејќи В. знам дека имаше изнајмено друг стан чија локација не ја знам, ја пренесе цела роба таму, па вчера кога отидовме имаше нешто ситно останато и ги земавме овие кесички“. За судот се крајно неприфатливи и наводите на сведокот дека под притисок на полицијата морала да го посочи токму обвинетиот В. како држател на наркотичната дрога. Ова од причина што, сведокот И. го посочува обвинетиот В. во својот исказ даден пред застапникот на обвинението, кога полицијата воопшто не била присутна, а сведокот била предупредена за последиците од лажно сведочење. Впрочем сведокот и на главна расправа изјави дека не сведочела лажно кога токму обвинетиот В. го посочила како држател на наркотичната дрога.

Имајки ја во предвид ваквата нелогичност и неконзистентност во исказот на свеодкот И. од една страна, а од друга страна контрадикторноста со останатите позитивно оценети докази, судот смета дека исказот на сведокот И. во овој дел е даден тенденциозно со цел да му помогне на обвинетиот В., со кој имале изградено блиски релации и често се дружеле, обидувајки се на тој начин да прикаже дека сите дејствија кои обвинетиот ги преземал во врска со наркотичната дрога биле исклучиво заради потребите на друштвото и била споделувана на другарска база. На овој начин, сведокот повеќе од очигледно е дека сака да му помогне на обвинетиот, па за судот не е прифатлив овој дел од нејзиниот исказ, поради сите погоре образложени причини.

Битните факти и околности поврзани со предметниот кривичен настан, неспорно произлегоа од материјалниот доказ-известување во врска со проследување на доказен материјал  рег. бр.23.21.15.1-294-1 од 30.03.2024 од Министерството, Бирото, Секторот, ЕНТ ОЕКР. Од овој материјален доказ, судот утврди дека на ден 29.03.2024 година, околу 21,00 часот од страна на полициски службеници од ЕНТ на паркинг простор на ул.”…“ позади зградата бр…, било извршено легитимирање и преглед на лицата И.Н. и М.Д., при што истите доброволно предале и тоа И. една паковка со НН растителна материја, а М. две паковки со НН растителна материја. Истите доброволно изразиле волја за соработка по што изјавиле дека пронајдените паковки кај нив биле во сопственост на обвинетиот В.Ј.. Воедно, посочиле две локации (станови) каде што обвинетиот неовластено чувал поголема количина наркотична дрога марихуана и кокаин. Од едниот од становите, сведоците зеле паковки, по претходен телефонски разговор со обвинетиот В., по што истиот им посочил дека станот бил отворен, сами да влезат и да си земат. По обезбедена судска наредба КПП бр.190/24 од 29.03.2024 година, бил извршен претрес на дом и други простории во станот лоциран на ул.„…“ бр…., каде привремено престојувал обвинетиот, во присуство на сведоците М.Д. и И.Н., додека обвинетиот бил телефонски известен, но истиот не дошол, бидејќи изјавил дека бил во О.. При претресот биле пронајдени 1-една платежна картичка „Visa“ од Н. Банка на име обвинетиот, 1-една ќеса во која имало 14-четиринаесет паковки НН растителна материја, 1-една паковка со НН бела прашкаста материја и 2-две најлонски паковки со НН растителна материја. По обезбедена судска наредба КПП бр.189/24 од 29.03.2024 година, за вршење претрес на дом и други простории на ул.„…“ бр…., каде престојувала обвинетата Л.Ј., стан во кој обвинетиот В. чувал предмети кои потекнуваат од кривично дело, биле пронајдени 1-една бела поголема најлонска ќеса со НН растителна материја, 1-една поголема најлонска ќеса со НН растителна материја, 1-една најлонска ќеса со НН растителна материја, 1-една помала бела ќеса со НН растителна материја, 2-две најлонски ќеси во кои имало по 34 зипер или вкупно 68 зипер ќесички со НН растителна материја, 1-една хартиена кутија во облик на срце со НН растителна материја, 1-една зипер ќесичка со НН бела грутчеста материја, 2-две дигитални ваги со остатоци од НН материја. Предметите биле одземени за понатамошни анализи.

Од увид во записникот за претрес на дом и други простории бр.23.21.15.1-390 од 29.03.2024 година, се утврди дека на 29.03.2024 година, по претходно издадена наредба од судија на претходна постапка на овој суд КПП 190/24 од 29.03.2024 година, бил извршен претрес на ул.„…“ бр…, кој се одвивал во присуство на сведоците М.Д. и И.Н. и при тоа биле пронајдени предметите наведени во известувањето во врска со проследување на доказен материјал рег. бр.23.21.15.1-294-1 од 30.03.2024 од Министерството, Бирото, Секторот, ЕНТ ОЕКР. Во записникот е истакната забелешка дека пронајдените предмети, присутните сведоци при претресот, изјавиле дека се на држателот на станот, обвинетиот В.Ј.. Записникот бил прочитан и потпишан од сведоците М.Д. и И.Н..

Од увид во записникот за претрес на дом и други простории бр.23.21.15.1-56/391 од 29.03.2024 година, се утврди дека истиот ден, по претходно издадена наредба од судија на претходна постапка на овој суд КПП 189/24 од 29.03.2024 година, бил извршен претрес и во вториот стан, кој го посочиле сведоците М. и И., а кој е лоциран на ул.„…“ бр…. во С., во кој престојувала обвинетата Л.Ј. и во нејзино присуство, во дневната соба во плакар над телевизорот, била пронајдена предметната дрога погоренаведена во известувањето во врска со проследување на доказен материјал. Записникот го потпишала обвинетата  Л.Ј..

Околноста дека претресот на дом и други простории во двата стана на наведените адреси, бил извршен по претходно издадена наредба од судот, се потврди со увид во двете наредби издадени од овој суд КПП.бр.190/24 и КПП бр.189/24 и двете од 29.03.2024 година.

Околноста дека на 29.03.2024 година, во 21.00 часот од сведокот И.Н. била одземена една полиетиленска паковка со НН растителна материја, а од сведокот М.Д. биле одземени две паковки со НН растителна материја, како и 1-една платежна картичка „Visa“ од Н. Банка на име обвинетиот, 1-една ќеса во која имало 14-четиринаесет паковки НН растителна материја, 1-една паковка со НН бела прашкаста материја и 2-две најлонски паковки со НН растителна материја, предмети кои биле пронајдени при претрес во стан на ул.„…“ бр…. во С., се утврди со увид во трите потврди за привремено одземени предмети бр.23.21.15.1-60 и бр.23.21.15.1-61 и бр.23.21.15.1-62, сите издадени од Министерството Секторот С. ЕНТ од 29.03.2024 година. Потврдите се потпишани лично од сведоците М. и И..

Со увид во фотодокументацијата со 14-четиринаесет фотографии SК-1174-2024 од 29.03.2024 година, се утврди надворешниот изглед на зградата лоцирана на ул.„…“ бр…. во С. и внатрешниот изглед на станот лоциран на истата локација каде се пронајдени платежната картичка „Visa“ од Н. Банка на име обвинетиот В., 1-една ќеса во која имало 14-четиринаесет паковки НН растителна материја, 1-една паковка со НН бела прашкаста материја и 2-две најлонски паковки со НН растителна материја, истите прикажани на фотографиите со реден број 4, 7, 9-14. 

Во фотодокументацијата со 8-осум фотографии SК-1173-2024 од 29.03.2024 година, прикажани се фотографии од зградата лоцирана на ул.„…“ бр… во С., каде во станот во плакар биле пронајдени предметите, детално опишани во известувањето во врска со проследување на доказен материјал  рег. бр.23.21.15.1-294-1 од 30.03.2024 од Министерството, Бирото, Секторот, ЕНТ ОЕКР. Пронајдените предмети се прикажани на фотографиите сликани одблиску, а начинот на кој предметната дрога била спакувана во полиетиленски зипер ќесички е евидентен на сликата со реден број осум.

Околноста дека во станот лоциран на ул.„…“ бр…. во С., каде привремено престојувала обвинетата Л.Ј., по претходен договор и заедно со обвинетиот В.Ј., држеле наркотична дрога марихуана и кокаин, која од полициски службеници била пронајдена во плакарот над шкафот и тоа: 1-една бела поголема најлонска ќеса со НН растителна материја, 1-една поголема најлонска ќеса со НН растителна материја, 1-една најлонска ќеса со НН растителна материја, 1-една помала бела ќеса со НН растителна материја, 2-две најлонски ќеси во кои имало по 34 зипер со НН растителна материја, 1-една хартиена кутија во облик на срце со НН растителна материја, 1-една зипер ќесичка со НН бела грутчеста материја и  2-две дигитални ваги со остатоци од НН материја, се утврди со увид во двете потврди за привремено одземени предмети бр.23.21.15.1-63/391 и бр.23.21.15.1-64/391, двете од 30.03.2024 година. Погорецитираните предмети биле одземени од обвинетата Л.Ј., која се потпишала на потврдите.

Вака привремено одземениот НН растителен и прашкаст материјал бил предмет на понатамошна анализа со цел да се утврди количината, природата и особеностите на истиот. Одделот за форензички испитувања при Министерството, Бирото, врз основа на добиените резултати од извршената анлиза, дошол до заклучок дека растителната материја од зипер ќесичката со нето маса од 1,20 гр. одземена од сведокот И., растителниот материјал од две зипер ќесички со вкупна нето маса од 2,49 гр. одземени од сведокот М., претставуваат марихуана-опојна дрога, која се добива со сушење, дробење или ситнење на врвни делови-вршунки и лисја од растението Cannabis. Белата прашкаста материја од зипер ќесичка со нето маса од 0,24 гр. пронајдена во станот на ул.„…“бр…. и белата грутчеста материја од раскината полиетиленска ќесичка со нето маса од 16,43 гр., пронајдена во стан на ул.„…“ бр…., претставува кокаин. Растителниот материјал од 14 зипер ќесички и две полиетиленски ќесички со вкупна нето маса од 23,95 гр., пронајдени во станот на ул.„…“ бр…., претставува марихуана. Растителниот материјал од две полиетиленски ќеси ставени во друга полиетиленска ќеса, полиетиленско пакување и полиетиленската ќеса во која има раскинато полиетиленсо пакување, картонска кутија во форма на срце и 68 зипер ќесички, пронајдени во станот на ул.„…“ бр…., со вкупна нето маса од 279,3 гр., претставува марихуана. Остатоците од белата прашкаста материја од двете дигитални ваги пронајдени во станот на ул.„…“ бр…., претставуваат кокаин, додека во налепните остатоци од материјата со зелена обоеност е утврдено присуство на тетрахидроканабинол-психоактивна компонента која влегува во состав на растението Cannabis. Наведеното произлезе од извештајот од вештачење ТД 3235/24 од 30.03.2024 од Министерството Бирото,  .

Непобитниот факт дека обвинетиот В.Ј. имал контакт и со наркотичната дрога, која се наоѓала во станот во Ц., на ул.„…“ бр…., каде престојувала обвинетата Л.Ј., несомнено се утврди со увид во извештајот од вештачење ДКТ – 496/2024 од Министерството, Бирото,  од 05.04.2024 година. Имено, од овој материјален доказ, прозилезе дека со вештачење на траги од папиларни линии пронајдени на една прозирна најлонска ќеса со триесет и три мали зипер ќеси-на едната страна од проѕирната најлонска ќеса биле предизвикани траги од папиларни линии, кои при извршена детекција на хумани идентификациони траги при Одделот за форензички испитувања (), се утврдило дека биле погодни за идентификација на лице и истите потекнувале токму од обвинетиот В.Ј., при што утврдено е дека, трагите означени со Л6 потекнуваат од показалецот на левата рака, трагите означени со Л7 потекнуваат од дланка на левата рака, трагите означени со Л8 потекнуваат од палец на левата рака и трагите означени со Л9 потекнуваат од палец на десната рака. Судот ќе напомене дека проѕирната најлонска ќеса со 33 зипер кесички, била пронајдена точно во станот во Ц. на ул.„…“ бр…., каде престојувала обвинетата Л.Ј., за која се раздвои постапката и која призна сторување на предметното кривично дело.

Со материјалниот доказ, записник за извршен преглед на лице, превозно средство или багаж бр.23.21.15.1-391 од 29.03.2024 година, се потврдува исказот на сведоците М. и И., дека критичната вечер кога и пришле на обвинетата Л. и кога го спомнале името на обвинетиот В. за тоа што се договориле, дека истата од џебот иззвадила една зипер кесичка со НН растителна материја. 

Околноста дека обвинетиот не евидира во казнената евиденција со изречени казни, ниту против него како дете биле изрекувани воспитни мерки или казна затвор за деца и против него не се водат постапки за други кривични дела, се утврди со увид во потврдата од казнена и кривична евденција на овој суд  КР-14332/24 од 30.03.2024 година, на име обвинетиот.

            При вака утврдена фактичка состојба, судот најде дека во дејствијата на обвинетиот В.Ј., се содржани битните елементи на кривичното дело- Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.1 од КЗ, според кое „ тој што неовластено организира, произведува, преработува, продава или нуди на продажба или заради продажба купува, држи или пренесува или посредува во продажба или купување или на друг начин неовластено пушта во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори…“, а обвинетиот го сторил делото во соизвршителство со обвинетата Л.Ј. во време, место и на начин како што е опишано во т.2 од изреката на оваа одлука.

Имено од изведените и позитивно оценети докази несомнено се утврди дека на  29.03.2024 година, во станот на ул.„…“ бр…. во С., кој привремено го користел обвинетиот, неовластено заради продажба, држел наркотична дрога марихуана и кокаин, на начин што полициски службеници од НТ, при легитимирање на сведоците И.Н. од С. и М.Д. од С., поточно на паркинг просторот позади зграда бр…., пронашле кај истите паковки со растителна материја-марихуана, па откако сведоците посочиле од каде ги зеле, по добиена Наредба за претрес КПП бр.190/24 од 29.03.2024 година, од судија на претходна постапка при Основен кривичен суд С., во станот кој обвинетиот го користел се пронајдени 1-една ќеса во која има 14-четиринаесет зипер ќесички со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со поединечна нето маса од 1,24 грама, 1,19 грама, 1,38 грама, 1,31, грама, 0,58 грама, 1,14 грама, 1,22 грама, 1,28 грама, 1,27 грама, 1,14 грама, 1,21 грама, 1,27 грама, 1,21 грама и 1,17 грама и 2-две најлонски паковки со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со вкупна нето маса од 23,95 грама и 1-една паковка со бела прашкаста материја со нето маса 0,24 грама која претставува дрога кокаин, кои се одземени. На 29.03.2024 година во станот на ул.„…“ бр…. во С., во кој привремено престојувала сега обвинетата Л.Ј., за која е раздвоена кривичната постапка, по претходен договор со обвинетиот В., заедно неовластено заради продажба држеле наркотична дрога марихуана и кокаин, на начин што откако обвинетата Л. излегла пред влезот од зградата и пришле сведоците И.Н. и М.Д. од С., па најпрво се доближила И. која и се обратила со зборовите „Еј Л. ти ли си“, а М. и се обратил со зборовите „За тоа што се договоривме со В.“, обвинетата им одговорила „Да, да“ и од џебот извадила една ќесичка со растителна материја со нето маса од 1,24 грама која претставува опојна дрога марихуана, по што пристапиле овластените службени лица и ја одзеле дрогата, а по издадена наредба за претрес од судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд С., КПП бр.189/24 од 29.03.2024 година во станот во кој привремено престојувала обвинетата Л.Ј. на ул.„…“ бр…., се пронајдени: 1-една бела поголема најлонска ќеса со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со нето маса од 38,2 грама, 1-една поголема најлонска ќеса со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со нето маса од 12,8 грама, 1-една најлонска ќеса со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со нето маса од 101,0 грама, 1-една помала бела ќеса со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со нето маса од 24,6 грама, 2-две најлонски ќеси од кои едната со 33-триесет и три зипер ќесички со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со поединечна нето маса од по 0,82 грама до 1,34 грама, а другата со 35-триесет и пет зипер ќесички со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со поединечна нето маса од по 1,15 грама до 1,38 грама или сите со вкупна нето маса 83,90 грама, 1-една хартиена кутија во облик на срце со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со нето маса од 18,8 грама или се со вкупна нето маса од 279,3 грама наркотична дрога марихуана, како и 1-една зипер ќесичка со бела грутчеста материја со нето маса од 16,43 грама која претставува дрога кокаин и 2-две дигитални ваги со остатоци од наркотична дрога кокаин и марихуана, кои со потврда за привремено одземени предмети се одземени од обвинетата.

Судот со посебно внимание ја ценеше одбраната на обвинетиот В.Ј. кој во своја одбрана наведе дека заедно со неговиот пријател Д., имале повеќе станови, кои на интернет ги огласиле за изнајмување и хонорарно се занимавале со подолгорочно изнајмување на истите на месечно ниво. Конкретно, станот кај “Р.”, многу слабо се издавал на пазарот и се случувало многу често да биде празен, па така после испитна сесија, често го користеле како место за релаксирање. Во истиот период купувале “трева”, бидејќи често ја конзумирале, а им било скапо со оглед да не биле вработени, па нашле алтернативен начин за да дојдат до поголема количина од 10 гр., која чинела 3.000,00 денари, на начин што се собирале по 5-6 другари и учествувале со по 500,00-600,00 денари. Неколку недели пред да бидат извршени претресите, тој земал наркотична дрога од обвинетата Л., која му давала бесплатно и по поефтина цена. За возврат, тој и пазарел, и купувал за јадење и го шетал кучето неколку пати, бидејки таа била скоро оперирана, стара и изнемоштена. Со обвинетата Л. биле во контакт, таа го викнала кај неа дома и заедно пушеле џоинт. Обвинетиот не знаел со што точно се занимавала обвинетата Л., па тогаш имал можност подетално да му раскаже дека кога се вратила од Ш., започнала да се занимава со продажба. Во однос на пронајдените паковки во станот, обвинетиот појасни дека некои биле купени, а некои му биле дадени како подарок. За обвинетата Л. дознал откако претходно таа му се јавила, бидејки неговите родители се сомневале дека конзумирал дрога и ја познавале истата како некој што подолго се занимава со таква работа. Немал никакви други релации со обвинетата Л.. Имало моменти кога купувал од неа, но не работеле заедно, тој бил само купувач, а таа продавач. Обвинетиот изјави дека, дрогата пронајдена во станот на ул.”…”, не била во негова сопственост, туку повтори дека тој само купувал од обвинетата, а за возврат и пазарел и го шетал кучето. Кога го повикала во нејзиниот дом, обвинетата Л. му рекла дека ова била многу лоша “трева” и  дека таа ќе му донела подобра. Критичниот ден, наведе дека немал комуникација со обвинетата Л., истиот и заѕвонил, но таа не му одговрила на повикот.

Судот поклони верба само на делот од исказот на обвинетиот каде што наведува дека го имал изнајмено станот на ул.”…”, каде што често со друштво се собирале и каде што при извршениот претрес била пронајдена наркотична дрога, како и тоа дека истиот бил во контакт со обвинетата, за која и самиот потврди дека се занимавала со продажба на наркотична дрога.

Меѓутоа, делот од одбраната на обвинетиот, каде што негира дека се занимавал со продажба на наркотична дрога и сака да прикаже дека наркотичната дрога тој само ја купувал од обвинетата Л. за да ја уживаат заедно со друштвото, во кое по 5-6 лица собирале по 500,00-600,00 денари за да од обвинетата Л. купат околу 10-тина гр.дрога, а често пати дека дрогата ја добивал и како противнадомест за извршена услуга на обвинетата Л., за овој суд е крајно неприфатлива. Ова пред се од причина што, овој дел од одбраната е контрадикторен на исказите на сведовите М. и И., кои јасно го посочија начинот на кој обвинетиот вршел продажба на наркотична дрога, односно дека тоа го правел надвор од станот, со цел да не се открие неговата локација. Од друга страна пак, ниту сведокот М., ниту пак сведокот И., која изјави дека била многу блиска со обвинетиот В. во своите искази не потврдија дека наркотичната дорга која што обвинетиот В. им ја давал да ја конзумираат, дека ја плаќале и дека собирале пари за да заеднички си купат, како што тоа сака да го прикаже обвинетиот. Наспроти тоа, и двајцата сведоци беа категорични дека не плаќале за дрогата која ја добивале од обвинетиот В., а сведокот И. конкретно наведе дека и за трите пакетчиња наркотична дрога која ја земале критичната вечер од станот на обвинетиот, дека не оставиле ниту денар. Според тоа, овој дел од исказот на обвинетиот не наоѓа поткрепа во ниту еден доказ. Напротив, сведокот М. изјави дека обвинетиот не криел од нив дека продава дрога, како и тоа дека му било познато дека обвинетиот В. соработувал со обвинетата Л. во продавање на канабис.

За судот е крајно неприфатлив и делот од одбраната на обвинетиот дека, дрогата пронајдена во станот на ул.”…”, не била во негова сопственост, туку тој само купувал од обвинетата, а за возврат и пазарел и го шетал нејзиното кучето. Овој дел од исказот на обвинетиот не само што е крајно нелогичен, ако се земе во предвид вредноста на наркотичната дрога, за која што обвинетиот сака да прикаже пред судот дека ја добивал туку-така како противуслуга, туку е крајно контрадикторна и на позитивно оценетите докази. Пред се овој дел од исказот на обвинетиот е контрадикторен на извештајот од вештачење ДКТ – 496/2024 од Министерството, Бирото, од 05.04.2024 година, од кој несомнено се утврди дека обвинетиот В.Ј. имал контакт и со наркотичната дрога, која се наоѓала во станот во Ц., на ул.„…“ бр…., каде престојувала обвинетата Л.Ј., при што со вештачење на траги од папиларни линии, пронајдени на една прозирна најлонска ќеса со триесет и три мали зипер ќеси, се утврдило дека потекнуваат токму од обвинетиот В.Ј.. Покрај контрадикторноста на исказот на обвинетиот на овој материјален доказ, истиот е контрадикторен и на вербалите докази, односно а исказот на сведокот М., кој во својот исказ даден пред ОЈО С., за кој изјави дека е веродостоен, изјави дека му било познато дека обвинетиот имал изнајмено станови како би чувал наркотична дрога која би можел понатаму да ја препродава, а во однос на станот во Ц., изјавил дека му било познато дека обвинетиот се познавал со тоа женско лице, со кое најверојатно ја работеле истата работа. Воедно и сведокот И. на главна расправа потврди дека обвинетата Л. му продавала дрога на обвинетиот, додека пак на записник пред ОЈО С., изјавила дека обвинетиот В.  имал изнајмено друг стан чија локација не ја знаела и дека таму ја пренел целата роба, па вчерта кога отишле во станот на ул.”…”, имало само нешто ситно останато и ги земале кесичките кои биле пројандени кај нив при претресот.

Според оценка на судот вака дадената одбрана на обвинетиот е со единствена намера да ја префрли кривичната одговорност на обвинетата Л., која го призна сторувањето на кривичното дело, сторено како соизвршител со обвинетиот В., а која пресуда сеуште не е правоислна. Па така наводите на обвинетиот дека обвинетата Л. поодмана се занимавала со продажба на наркотици и дека подобро била упатена во квалитетот на марихуаната, како и тоа дека обвинетиот од неа набавувал дрога само за потребите на друштвото и за сопствени потреби, а за возврат на сето тоа и го шетал кучето и пазарел, претставуваат само однапред добро смислен концепт на одбрана, кој има за цел да ја префрли вината на соизвршителот на ова кривично дело, поточно на сега обвинетата Л.. Поради постоење на сите погоренаведени причини, судот оценувајки ја одбраната на обвинетиот како паушална, непоткрепена со докази, нелогична и крајно контрадикторна на позитивно оценетите докази, не ја прифати истата, во однос и на двете кривични дела за кои се терети обвинетиот.

Предмет на грижлива анализа и оценка на овој суд, беа и наводите на бранителот на обвинетиот, адвокат П.Н., дадени во завршен збор кој истакна дека двајцата сведоци на обвинителството, на чии што искази се темели обвинението, на главната расправа од страна на застапникот на обвинението биле прогласени за непријателски сведоци, па на тој начин се доведувала во прашање доказната вредност на нивните искази. Меѓутоа, судот ќе истакне дека сведокот М. испитан на главна расправа, за недоследностите кои се јавуваат во однос на неговиот исказ даден пред ОЈО С., категорично изјави дека е точен исказот кој првично го дал, односно пред застапникот на обвинението, кога и меморијата за настанот му била многу посвежа, а дека оттогаш многу пиел и сеќавањата му ослабнале, а при тоа битно е да се напомене дека токму во неговиот првично даден исказ пред ОЈО С.,  истиот потврдува дека обвинетиот В. се занимавал со продажба на наркотична дрога. Во поглед на исказот на сведокот И., судот даде доволно аргументирани причини, поради кои не го прифаќа делот од нејзиниот исказ даден на главна расправа, без при тоа судот да се повторува во своите наводи. Покрај тоа, судот ќе повтори дека во однос на второто кривично дело, кое обвинетиот го сторил како соизвршител со обвинетата Л., постојат и материјални докази, односно вештачење на папиларни линии, кои потекнуваат токму од обвинетиот В., а биле пронајдени на ќеса со наркотична дрога во станот на обвинетата Л.. Според тоа, во услови кога пресудата донесена врз основа на признание за обвинетата Л. сеуште не е правосилна, па од таа причина судот не може да ја цени ваквата нејзина изјава дека го сторила делото како соизвршител со обвнетиот В., но при постоење на сите останати непобитни докази, за кои погоре стана збор, особено и материјалниот доказ – извештајот од вештачење ДКТ – 496/2024 од Министерството, Биротоод 05.04.2024 година, според оценка на судот, во никој случај не се доведува во прашање фактичката состојба за кривичните дела и одговорноста на обвинетиот В..

За судот се неприфатливи и тврдењата на одбраната дека обвинителството не докажало дека законит држател на станот на ул.”…”, бил токму обвинетиот, бидејки во таа насока не бил доставен никаков формален акт-договор, преддоговор, плаќање, поседување на клуч или било кој друг посреден или непосреден доказ кој би го потврдил тој факт. Ова од причина што, од исказите на сведоците М. и И., несомнено се утврди дека токму од обвинетиот В. побарале одобрение да влезат критичната вечер во станот, а впрочем и самиот обвинет во својата одбрана наведе дека предметниот стан го користеле собирајки се со друштвото, затоа што не можеле да го изнајмат. На овој заклучок упатува и фактот дека во станот при претресот, била пронајдена платежна картица токму на име обвинетиот, како и исказот на двајцата сведоци на запсиникот дека предметите затекнати во станот се на обвинетиот.

Во однос на изведените материјални докази и тоа фотодокументацијата и потврдите за привремено одземени предмети, според одбраната, ниту еден од овие материјални докази предложени од ОЈО, не се однесувале на обвинетиот, туку на лицата кои биле испитани како сведоци во постапката. Меѓутоа, судот за потсетување на одбраната ќе истакне дека, критичната вечер обвинетиот В., според кажувањата на сведоците бил заминат за О., па според тоа и не бил присутен во станот при вршење на претресот, а неспорно е дека и двајцата сведоци потврдија дека влегле во станот, по претходно одбрение токму на обвинетиот В. и при тоа при извршениот претерс посочиле дека пронајдените предмети припаѓаат токму на обвинетиот. Токму од таа причина, обвинетиот не е потписник на записникот за претрес и на потврдите за привремено одземени предмети. Меѓутоа факт е дека меѓу останатите одземени предмети во станот на ул.”…”, била одземена и платежна картичка Visa, која гласела токму на име обвинетиот В., кој факт повторно го потврдува заклучокот на судот дека предметите, меѓу кои и наркотичната дрога, затекнати во станот, припаѓале на обвинетиот В., како што врочем кажуваат и сведоците дека дрогата била негова. Во однос на фотодокументацијата сочинета од два фотоалбуми, чија доказна вредност одбраната исто така ја оспорува затоа што не се однесувала за обвинетиот, судот ќе истакне дека на фотографиите се прикажани двете локации на становите, од кои се доби јасна слика за местото и начинот на кој била држена дрогата, особено и начинот на кој била спакувана, а бројноста на зипер кесичките во кои била спакувана, само укажуваат на фактот дека дрогата била наменета и подготвена за продажба.

Во однос на наводите на бранителот со кои одбраната се обидуваше да ја оспори доказната вредност и на материјалниот доказ-вештачење на траги од папиларни линии, наведувајќи дека вештачењето било изготвено од орган кој што учествувал во фаза на предистражна постапка, па оттука одбраната се сомнева во непристрасноста на изготвителот овој извештај. Судот ќе истакне дека, согласно чл.236 од ЗКП, вештачење се определува кога за утврдување или оцена на некој важен факт треба да се прибави наод и мислење од лице кое располага со потребното стручно знаење. Начелно секогаш мора да се нареди вештачење кога фактите кои треба да се утврдат ги преминуваат границите на професионалната стручност и општото образование на органот којшто ја води постапката (јавниот обвинител или судот). Користењето на науката и разни други знаења во утврдувањето на фактите во кривичната постапка, односно користењето на вештите лица несомнено дека е значаен чекор во објективизирањето на процесот на докажување. Причините поради кои органот којшто ја води постапката, одлучува да се определи вештачење (како едно од законските доказни средства), не се состојат само во фактот за немање потребна стручна спрема, знаење или вештина, туку и поради тоа што улогата на вештак во текот на кривичната постапка е неспоива со ниту една друга улога во постапката. Затоа фактот за чие утврдување е потребна посебна стручна спрема не може да го цени самиот орган којшто ја води кривичната постапка, дури и во случај кога самиот тој располага со соодветно стручно знаење. Ова од причини што фактите кои во текот на акузаторната кривична постапка се утврдуваат со докази, кои треба да бидат непосредно изведени и треба да бидат предмет на оцена на странките во текот на контрадикторната главна расправа. Она што го испитува вештакот е предмет на докажување, но наодот и мислењето на вештото лице не се некаков дефинитивен суд за предметот на докажување, туку доказ како и секој друг, кој допрва судот треба да го цени во констелација на сите други докази. Согласно чл.236 од ЗКП, кога се работи за сложени предмети, а постојат високообразовни, научни или стручни институции за вештачење, или вештачењето може да се изврши во рамките на орган на државната управа (Секторот за криминалистички вештачења во рамките на Министерството), тие им се доверуваат на овие институции. Како во конкретниот случај, вештачењето врз основа на претходно издадена наредба го изготвиле стручни лица при Одделот за Ф.И. при Бирото, Министерството на РСМ, неспорно е дека е изготвено стручно и непристрасно, врз основа на најдобро знаење на вештите лица. Оттука, судот ќе истакне дека со особено внимание го ценеше матерјалниот доказ- ДКТ – 496/2024 од Министерството, Бирото  од 05.04.2024 година, од кој несомнено се утврди дека трагите од папиларни линии пронајдени на една прозирна најлонска ќеса со триесет и три мали зипер ќеси, за која со вештачење се утврди дека е наркотична дрога-марихуана, потекнуваат токму од обвинетиот В.Ј. и тоа од показалецот на левата рака, дланката на левата рака, палецот на левата рака и палецот на десната рака. Со оглед на ваквиот добиен краен резултат од вештачењето, се потврдија и наводите на сведокот И., дека обвинетиот ја префрлил целата роба во другиот стан, како и исказот на сведокот М., дека обвинетиот не криел од нив дека продава дрога, како и тоа дека му било познато дека обвинетиот В. соработувал со обвинетата Л. во продавање на канабис. Судот ќе истакне дека во утврдување на фактичката состојба го ценеше секој доказ посебно и сите докази заедно во една доказна целина, па според тоа, матерјалниот доказ- ДКТ – 496/2024 од Министерството, Бирото од 05.04.2024 година во целост наоѓа поткрепа и во останатите позитивно оценети докази од страна на судот, поради што сомневањата на одбраната за непристрасноста на изготвителот на вештачењето, судот цени дека се истакнати единствено во насока да се намали доказната вредност на овој непобитен материјален доказ, а со тоа обвинетиот да ја избегне и кривичната одговорност.

Останатиот дел од наводите на бранителот, во кој ги истакнува олеснителните околности кои се на страна на обвинетиот, односно дека од казнената евиденција произлегло дека истиот до сега не евидира во казнената евиденција како сторител на други кривични дела, ниту против него се водат други постапки, како и дека истиот е млада личност, судот ги ценеше и прифати при изрекувањето на видот на кривичната санкција.

Судот при одмерување на видот на кривичната санкција – воспитната мерка – заводска мерка, упатување во воспитно поправен дом, ги имаше во предвид одредбите од чл.39 од КЗ, кои се од влијание за индивидуализација на истата. Како отежнувачки околности, судот ги ценеше природата и карактерот на овој вид кривични дела, кои претставуваат деликт на апстрактно загрозување на здравјето на луѓето како примарен објект на заштита на овој вид кривични дела, особено помладата популација, посебно здравјето и развојот не само на младината, туку и воопшто на целокупната популација, за која била наменета предметната дрога, општествената опасност од аспект на позачестеното извршување на овие дела, преземањето на дејствија на обвинетиот за кои знаел дека се противправни и казниви, побудите за сторување на ова кривино дело, поточно можноста за брза заработка која ја овозможува продажбата на наркотичната дрога, оттука и лукративната цел заради која што била вршена продажбата на предметната дрога марихуана која потекнува од растението канабис (лат.Cannabis plant), која се добива со сушење, дробење или ситнење на врвни делови-вршунки и лисја од растението Cannabis, но исто така и опојна дрога кокаин (лат.Cocaine), кои спаѓаат во првата категорија на опојни дроги кои се забранети, согласно Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции-редакциски пречистен текст и Листите за класификација на супстанции и растенија во листите од меѓународните конвенции за опојни дроги и психотропни суптанции во категорија на опојни дроги и психотропни супстанции, донесени од Министерството 2 (Сл. Весник на РСМ, бр.104 од 10.05.2021 година), а кои обвинетиот неовлстено ги држел во стан на ул.„…“ кој го користел, а заедно и со обвинетата Л. во станот на ул.„…“, во кој таа привремено престојувала.

Сите овие околности, судот ги ценеше во корелација со личните, семејните и материјалните прилики на обвинетиот, кој е многу млада личност, роден … година, на возраст од неполни 20 години, а делата за кои се товари ги сторил во период кога имал 19 години, односно на прагот на полнолетсвото, кое нешто укажува на тоа дека во време на сторување на делата немал некое животно искуство како полнолетен. На оваа околност судот особено обрна внимание, со оглед на младоста на обвинетиот, кој немал доволно животно искуство како полнолетен, со оглед да со настапувањето на полнолетството секој млад човек се судира со проблемите и предизвиците за кои често се несвесни и истите не ги прифаќаат доволно сериозно. На оваа возраст помладите полнолетни лица често можат да западнат во сериозни проблеми, не размислувајќи за последиците, како и тоа дека постапките како полнолетни поинаку се третирани одошто истите би биле третирани во нивниот малолетничкиот период. Судот како олеснителна околност ја ценеше и семејната и материјалната положба на обвинетиот, кој е со завршено средно образование, моментално студент, невработен, неимотен, околноста дека обвинетиот не евидира во казнената евиденција, што значи првпат доаѓа во судир со законот, а против истиот ниту како дете не биле изрекувани воспитни мерки или казна затвор за деца, ниту пак се водат постапки за други кривични дела.

Во контекст на сето погоре наведено, судот цени дека постојат законски претпоставки за примена на одредбата од чл.71 од Законот за правда на децата (Сл.весник на РСМ 66/24 од 20.03.2024 година), како lex specialis и на обвинетиот му изрече кривична санкција како во изреката на оваа одлука.

Судот го респектира и го застапува ставот дека целите на кривичните санкции не треба да претставуваат казнување и одмазда на сторителите, туку пред се нивна ресоцијализација за да во иднина не се јавуваат како извршители на други кривични дела.

Согласно чл.4 од КЗ, кривични санкции се: казни, алтернативни мерки и судска опомена, мерки на безбедност и воспитни мерки.

Според чл.39 ст.1 алинеа 3 од Законот за правда на децата, како еден од видовите на воспитните мерки е пропишана и заводската мерка – Упатување во воспитно-поправен дом.

Во чл.40 од Законот за правда на децата е пропишано „При изборот на воспитната мерка, судот ја зема во предвид возраста на детето, степенот на неговата психофизичка состојба, наклонетоста, побудите од кои го сторил дејството, дотогашното воспитување и образовниот статус, средината и приликите во кои живеел, растел и се развивал, тежината на стореното дејство, дали кон детето порано била изречена воспитна мерка или казна затвор за деца и сите други околности што влијаат врз одредувањето на видот на воспитната мерка за постигнување на нејзината цел, опредеелна со закон”.

Имено, согласно чл.21 ст.1 алинеа 12 од Законот за правда на децата, помладо полнолетно лице е лице кое во времето на пресудувањето за дејство со закон предвидено како кривично дело, наполнило 18 години, а не наполнило 21 година.

Согласно чл.71 ст.1 и 3 од Законот за правда на децата, „На сторител кој како помладо полнолетно лице извршило дејство што со закон е предвидено како кривично дело, а во времето на пресудувањето не наполнило 21 година, судот може да му изрече воспитна мерка засилен надзор или заводска мерка, ако со оглед на неговата личност и околностите под кои е сторено делото, може да се очекува дека и со воспитната мерка ќе се постигне целта што би се остварила со изрекување на казната. Изречената воспитна мерка може да трае најмногу до наполнети 23 година на возраст на сторителот“.

Судот ценејки ги личноста на обвинетиот, неговата младост и  недоволното животно искуство, опкружувањето во кое се нашол во време на сторување на делата, во друштво каде што конузмирањето на наркотици очигледно било секојдневие, а од друга страна пак се јавува и како соизвршител на дело со далеку повозрасно лице, со кое поради нејзината возраст би можел да има и родителски однос, но наместо од истата да научи позитивни и воспитни работи за животот, со неа се впуштил во инкриминирани дејствија, воедно судот го ценеше и однесување на обвинетиот и во таа смисла искажаното жалење и каење за стореното, особено грижата на совест за предизвиканиот срам на неговите родители и фактот што и нив ги довел во непријатна ситуација, околноста дека обвинетиот е со оформено задолжително средно образование, а со моменталниот студентски статус очигледно е со тенденција да стане и академски граѓанин, истиот потекнува од функционално семејство, па сите овие околности ценети во корелација со тежината на кривичните дела кои ги сторил, судот цени дека изречената воспитна мерка, заводска мерка-упатување во воспитно поправен дом, која ја овозможува Законот за правда на децата, е адекватна на кривично-правната одговорност на обвинетиот и дека целите на казнувањето во конкретниот случај спрема истиот, како помлад полнолетник, ќе се постигнат и со ваков поблаг вид на кривична санкција. Судот ќе истакне дека, изречената воспитна мерка, заводска мерка-упатување во воспитно поправен дом е одраз на напорите на овој суд за строга индивидуализација при определувањето на видот и висината на кривичната санкција.

Со вака изречената кривична санкција, судот смета дека ќе се постигне целта на казнувањето согласно чл.32 од КЗ, а во смисла на специјалната и генералната превенција, односно воспитно ќе се влијае врз сторителот и другите да не прават вакви и слични кривични дела. Имено, судот, со вака изречената воспитна мерка – заводска мерка-упатување во воспитно поправен дом Т., на обвинетиот како помлад полнолетник му дава можност, воочената и направената грешка да ја отстрани без потешки последици за него, за одреден временски период да го оттргне од средината, која очигледно лошо му влијаела, но сепак тоа да не биде во казнено-поправна установа, туку во воспитно-поправен дом, каде што и едукативниот процес нема да затаи, а се со цел обвинетиот да биде насочен кон еден правилен пат и развој и да стане корисен член на општествената заедница. Ваквиот вид на кривична санкција овој суд смета дека ќе има силно влијание во позитивна смисла за неговото понатамошно однесување во текот на животот, особено имајќи во предвид дека досегашната мерка притвор определена и продолжувана со решенија на овој суд, влијаела пред се од воспитен карактер, да обвинетиот размисли што сторил, кои се последиците и сериозноста на ова кривично дело, последиците по однос на здравјето од конзумација на ваков вид дрога кои само го однеле на лош пат. Оттука, на обвинетиот му се дава уште една можност да го поправи своето поведение, да продолжи да чекори кон правиот пат, оттргнат од негативни дејанија.

Согласно чл.48 ст.3 и ст.4 од Законот за правда на децата, обвинетиот во воспитно поправниот дом останува најмалку 6-шест месеци, а најмногу 5-пет години, односно до наполнети 23 години, поточно најмногу до 12.08.2027 година.

Согласно чл.48 ст.4 од Законот за правда на децата, времето поминато во притвор на обвинетиот В.Ј., сметано од 02.04.2024 година до 31.07.2024 година, се засметува во времетраењето на заводската мерка -Упатување во воспитно поправен дом.

       Огласувајќи го за виновен, судот го задолжи обвинетиот В.Ј. согласно чл.102 и чл.105 ст.1 од ЗКП, да плати на име судски паушал износ од 5.000,00 денари на жиро сметка број 100000000063095, сметка на буџетски корисник 2901000973, единка 631, корисник 10, приходна шифра 724132, програма 20, начин 2, примач Основен Кривичен суд С., депонент НБРСМ, согласно чл.102  ст.2  т.6  од ЗКП, како и да ги надомести трошоците на постапката, така што да плати износ од 3.233,00 денари на име трошоци за спровод на глава расправа од 29.07.2024 година и износ од 3.240,00 денари за спровод на главна расправа од 31.07.2024 година, согласно два трошковника-профактура од КПУ Затвор С.-С., а солидарно со обвинетата Л.Ј., за која е раздвоена кривичната постапка, да ги надомести и трошоците во вкупен износ од 10.160,00 денари, од кои износ од 3.000,00 денари на име трошоци за увид, превозни и други трошоци за службени лица, согласно два трошковника од Министерството Секторот С., Одделение за К.Т., како и трошоците за спровод од КПУ Затвор С.-С. пред ОЈО С. на 16.04.2024 година во износ од 3.920,00 денари и трошоците за спровод на глава расправа од 24.07.2024 година, во износ од 3.240,00 денари, согласно два трошковника-профактура од КПУ Затвор С.-С., се во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата, а под страв на присилно извршување.

Согласно чл.215 ст.7 од КЗ, од обвинетиот В.Ј. се одземаат: 1-една платежна картичка „Visa“ на име на обвинетиот В.Ј., 1-една ќеса во која има 14-четиринаесет зипер ќесички со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со поединечна нето маса од 1,24 грама, 1,19 грама, 1,38 грама, 1,31, грама, 0,58 грама, 1,14 грама, 1,22 грама, 1,28 грама, 1,27 грама, 1,14 грама, 1,21 грама, 1,27 грама, 1,21 грама и 1,17 грама и 2-две најлонски паковки со растителна материја која претставува опојна дрога марихуана со вкупна нето маса од 23,95 грама и 1-една паковка со бела прашкаста материја со нето маса 0,24 грама која претставува дрога кокаин, одземени со Потврда за привремено одземени предмети од Министерството, Секторот, С. бр.23.21.15.1-62 од 29.03.2024 година. 

ОСНОВЕН КРИВИЧЕН СУД С.,

VI К.бр.1439/24 од 31.07.2024 година

 Записничар,                                          Претседател на совет-судија,

Маја Богатиноска с.р.                    Даниела Алексовска-Стојановска с.р.

ПОУКА: Против решението дозволена е жалба во рок од 15 дена по приемот преку овој суд до Апелациониот суд С..

Д.Н.    – ОЈО С. КО.бр.1354/24

          -обвинетиот В.Ј. бул.„…..“ бр…. С.

       – бранителот О.М. адвокат од С.

– бранителот П.Н. адвокат од С.

Total
0
Shares
Related Posts