Пресуда за „Ласкарци“: 14 години затвор за возачот на автобусот, сопственикот на „Дурмо Турс“ доби најблага казна од сите обвинети

Вкупно 39 години затвор добија сите обвинети во процесот „Ласкарци“, за несреќата на автобусот на „Дурмо Турс“, во која загинаа 16 лица, а над 30 лица беа повредени. И судијката Диана Груевска пред изрекување на пресудата кажа дека ова судење било предизвик за неа, бидејќи се работи за комплексен процес во кој правдата мора да биде изведена.

Станува збор за една од најголемите сообраќајни несреќи која длабоко ја потресе пошироката македонска јавност“, рече судијката Груевска.

Судот изрече 4 години затвор за првообвинетиот Дурмиш Белули, 6 години за второобвинетиот Ремзи Мифтари, по 5 години затвор за вработените во техничкиот центар на истоимената фирма, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, а 14 години затвор за возачот на автобусот на „Дурмо турс“, Маноил Трифуновски.

„Обвинетите се виновни затоа што од 2017 до 2019, Дурмиш Белули како сопственик и Ремзи Мифтари како одговорен во „Дурмо Турс“ не се придржувале до прописите за безбедност на автобускиот сообраќај иако биле свесни дека може да настапи штета и штетна последица и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето кои се превезувале со автобусот кој сообраќал Скопје-Гостивар-Скопје, поради што во сообраќајната несреќа настапила смрт на 16 лица, а со телесни повреди се здобиле 32 лица на начин што Белули, кој единствен имал сертификат, како услов за лиценца, спротивно на Законот за работно време, иако бил должен, не го организирал работењето и не ги известил возачите за работното време, времето за одмор, не го задолжил секој возач да го евидентира времето на управување на возилата, не водел евиденција за секој возач посебно. Иако бил должен, не организирал, ниту правел контрола за работа на возачите и техничка исправност на возилата. Иако знаел дека не смее, за исправноста на возилата и надзорот над возачите ги препуштил на обвинетиот Ремзи Мифтари, кој немал образование, ниту сертификација за вршење на таа работа. Тој не водел соодветна евиденција за исправноста на возилата, работно време на возачите. Имало прекинувач со кој се манипулирало правилното мерење на брзината, односно се бележела помала брзина отколку што автобусот се движел, со цел да се избегнуваат казни. Белули и Ремзи Мифтаи спротивно на законот за возила, дозволиле континуирано да учествува во сообраќај технички неисправен автобус, без да преземат мерки за поправка на возилото“, кажа судијката.

Таа посочи и дека вработените во техничкиот преглед два пати дале дозвола автобусот да сообраќа на патот Скопје-Гостивар-Скопје, иако знаеле дека автобусот е технички неисправен.

„Во станицата, сопственост на Дурмиш Белули биле вработени Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, кои ја проверувале исправноста на автобусот. Тие заеднички со несовесно вршење на работата, иако биле свесни дека со нивното сторување или несторување може да има последици, се согласиле и дозволиле да се случи несреќата. При вршење на периодичниот преглед, иако воочиле дека има низа неисправност кај автобусот, утврдиле резултати дека и за празно возило, автобусот нема ефикасност на сопирање, неправилностите не ги навеле, туку навеле дека нема забелешка за исправноста на автобусот. Иако биле свесни и знаеле дека може да има опасност, наместо да спречат понатамошна употреба на автобусот и да го известат МВР, тие овозможиле користење на автобусот. На 18.12.2018 година, при редовен преглед, Ѓорѓиевски и Дуковски без да извшрат контрола на исправноста на возилото, тие навеле дека нема забелешки за исправноста на автобусот, односно дека возилото е технички исправно“, рече Груевска.

Возачот Маноил Трифуновски пак, иако знаел дека автобусот не е исправен, сепак возел.

„Трифуновски како професионален возач, свесен дека управува возило со континуирана техничка неисправност, спротивно на законот за возила, го управувал автобусот во правец од Скопје кон Тетово, не се придржувал до правилата во сообраќајот при што настанала несреќата во која загинаа 16 лица. Тој го управувал автобусот со 19 километри на час повеќе од дозволената брзина од 80 километри на час. Тој автобусот го управувал со вкучен прекинувач за манипулирање на правилното мерење на брзината. Кога дошол во близина на селото Ласкарци, поради невнимателно свртување на лево, наместо да одржува движење, започнал лак во лево и со предниот лев страничен дел од автобусот удрил во оградата, при што продолжил и удрил во левата заштитна ограда за спротивната насока, продолжил да се движи попречно во обратната насока, пред да удри намалил до 67 километри на час. Поради техничката неисправност на системот за сопирање и големата брзина, удрил во оградата, и излетал со автобусот. Со задниот лев страничен дел удрил во асфалтната површина, по што продолжил да се лизга со левата страна од автобусот преку коловозот и застанал на нива со горниот дел од автобусот, по што настанала смртта на 16 лица“, посочи Груевска во читањето на пресудата.

Сите беа обвинети дека знаеле дека автобусот има неисправни сопирачки, но сепак, го пуштиле да го помине техничкиот преглед. Првите тројца се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека останатите за соучество во истото дело.

Во обвинението беше наведено дека последните технички прегледи автобусот на „Дурмо турс“ ги минал во станица која е во сопственост токму на газдата на „Дурмо турс“. Во вештачењето на Обвинителството пак, се нотираат нефункционалност на АБС-системот, голема разлика во коефициентот на сопирање меѓу левата и десна погонска оска, неправилности при техничкиот преглед.

izvor – a1on.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави