Пронајдени пет безживотни тела на исчезнати скијачи на швајцарските Алпи

Телата на пет скијачи, пријавени за исчезнати, се пронајдени на швајцарските Алпи, соопшти полицијата, а локалните власти се уште трагаат по шестото лице.

Како што пренесува Би-би-си, во саботата е започната операција за пребарување и спасување, откако групата исчезнала во близина на планината Тет Бланш, висока 3 706 метри, на патеката Зермат-Арола, во близина на планината Матерхорн, која се протега блиску до граничната област меѓу Швајцарија и Италија.

Петмина од шесте скијачи биле пронајдени во 21:20 часот по локално време без знаци на живот, се наведува во соопштението на полицијата на швајцарскиот кантон Вале.

Во изјава за Би-би-си властите велат дека сите скијачи се швајцарски државјани и се на возраст меѓу 21 и 58 години. Локалната полиција соопшти дека лошите временски услови ја отежнале операцијата.

На Алпите веќе неколку дена дува силен ветер, а во последните 24 часа има обилни врнежи од снег.

Ањан Труфер, шеф на службата за спасување од воздух во Зермат, за Би-би-си вели дека времето е толку лошо што пребарувањето со хеликоптер не е опција бидејќи има многу силен ветер, обилен снег, висока опасност од лавина и нулта видливост.

Труфер вели дека групата скијачи можеби била совладана од лошото време, а не е погодена од лавина, бидејќи исчезнале на дел од рутата Зермат Арола каде што ризикот од лавина е мал.

Total
0
Shares
Поврзани објави