Путин: Кинескиот мировен план за Украина е добра основа за преговори, но тоа зависи од подготвеноста на Западот и Киев 

Кинескиот мировен план за Украина може да се искористи како основа за ставање крај на војната, но тој е изводлив единствено кога за тоа ќе бидат подготвени на Запад и во Киев, изјави рускиот претседател Владимир Путин по средбата со својот кинески колега Си Ѓинпинг, пренесува Би-би-си.  

Двајцата лидери вчера имаа средба во Москва на која разговараа за конфликтот во Украина и за односите меѓу двете земји.  

„Многу одредби од кинескиот мировен план може да се земат како основа за решавање на конфликтот во Украина, секогаш кога Западот и Киев се подготвени за тоа“,изјави Путин на заедничката прес-конференција со кинескиот претседател по завршувањето на разговорите. 

Но, Русија допрва треба да види таква „подготвеност“ од другата страна, додаде тој. 

Застанат покрај рускиот лидер, Си Ѓинпинг рече дека неговата влада е за мир и дијалог и дека Кина е на „вистинската страна на историјата“. 

Тој повторно истакна дека Кина има „непристрасна позиција“ во однос на конфликтот во Украина. 

Планот на Кина, кој беше објавен минатиот месец и содржи 12 точки, не бара експлицитно Русија да ја напушти Украина, туку повикува на мировни преговори и почитување на националниот суверенитет, без конкренти предлози.  

Од друга страна, Украина инсистира Русија да ги повлече своите трупи од нејзината територија, што е главен услов на Киев за било какви разговори, но од страна на Русија нема знаци дека е подготвена да го стори тоа.

За време на посетата на кинескиот претседател на Моксва, тој и рускиот претседател потпишаа два договори за продолжување на нивното стратешко партнерство до 2030 година. 

Путин, кој во услови на инвазијата на Украина е прилично изолиран на меѓународната сцена, рече дека двајцата лидери потпишале големи договори за проширување на нивната стратешка соработка, како и за зголемување на руските енергетски испораки за Кина. 

По средбата, Путин ги поздрави разговорите како „успешни и конструктивни“, додека Си ги опиша како „отворени и пријателски“.

Кинескиот претседател, кој е еден од ретките светски лидери што ја посети Москва откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина минатата година, му врачи возвратна покана на Путин да го посети Пекинг подоцна во годината. 

Поканата доаѓа откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Путин поради наводна депортација на деца од Украина, но ниту Русија, ниту Кина, а ниту САД, не ја признаваат јурисдикцијата на судот, што значи дека посетата на Пекинг нема да го стави Путин во опасност. 

Инаку, за време на посетата на кинескиот претседател на Москва, украинските власти соопштија дека во експлозија во анектираниот Крим се уништени руски ракети додека биле транспортирани со железница, а биле наменети за руската црноморска флота. Дополнително денеска има непотврдени информации за нов напад со беспилотно летало на Крим, чија цел бил пристанишниот град Севастопол. 

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Илјадници луѓе се понудија да го посвојат бебето Аја, кое кога го пронајдоа спасувачите во Сирија се уште беше поврзано со папочна врвца со нејзината мајка

Илјадници луѓе се понудија да го посвојат девојчето кое се роди под урнатините на урната зграда во северозападна…