Семејствата на покојните од трагедијата во Кочани ќе организираат ,,Марш за ангелите” за ден 29.04.2025 година (вторник) со почеток во 12 часот и 05 минути како симболика за задоцнета реакција во Скопје. Маршот ќе започне пред обвинителството во Скопје, ќе продолжи на градскиот плоштад во Скопје и ќе се продолжи пред собранието на Македонија.
„Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат па пуштаат, па свесни ли се дека и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со фати па пушти без да имаме јасно образложение за таа законска процедура што се создава во нашите мисли кои и онака се на работ на себе уништување“, истакнаа семејствата во писмено соопштение и додадоа:
„Бараме одговори кои ги заслужуваме за насилната смрт на нашите деца. Се повикуваат сите граѓани на Македонија“.
Се огласија од обвинителството :
Во текот на утрешниот најавен протест на семејствата на жртвите во пожарот во кочанската дискотека “Пулс”, Јавното обвинителство поканува на средба претставници на семејствата кои би сакале подетално да се запознаат со сите аспекти на истражната постапка. Доколку кај блиските на жртвите постои таков интерес, тие можат да определат свои претставници (најмногу по еден член од семејство на секоја од жртвите) кои ќе остварат средба со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и обвинителите кои постапуваат во предметите.