Јанкулоска излезе од Идризово

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска од денеска (1 ноември) е на слобода откако и беше уважена жалбата и доби условен отпуст за остатокот од затворската казна во случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот мерцедес каде беше осудена на четири години.

Јанкулоска утрото го напуштила затворот „Идризово“, при што се јавила во пробациската канцеларија која е задолжена да го следи условниот отпуст. Тој ќе трае до 28 септември 2024 година до кога ексминистерката не треба да стори ново кривично дело.

Јанкулоска почна да ја издржува казната на 28 септември 2020 година. Одлуката за условен отпуст ја донесе Апелацискиот суд Скопје до каде таа се жалеше откако беше одбиена од Основниот кривичен суд.

Од Апелација наведоа дека ги ценеле личните прилики на осуденичката особено тоа што е мајка на петгодишно дете кое било лишено од мајчинска грижа и воспитување. Исто така, беше наведено дека предвид биле земени и податоците од затворот од каде управата навела дека Јанкулоска ги почитувала правата и обврските на куќниот ред, се вклопила во домската средина и имала максимално пријателски односи со останатите осуденички и коректно се однесувала кон службените лица односно не манифестирала насилни и конфликти однесувања.

„Сметано од 25.10.2022 година, осудената била работно ангажирана во библиотеката на женското одделение и својот ангажман го извршувала со посветеност, навремено и во целост, користела и погодности надвор од установата, што упатува дека осудената се поправила до степен што основано може да се очекува дека на слобода добро би се однесувала и дека нема да врши кривични дела“, соопштија од Апелациониот суд.

Случајот „Тенк“ е единствениот во кој ексминистерката досега беше правосилно осудена на затворска казна. Таа беше меѓу обвинетите и во предметот „Титаник“ кој се однесува на изборни нерегуларности. Таму Јанкулоска призна вина и од Кривичен беше осудена на две и пол години затвор, меѓутоа Апелација ја преиначи одлуката и ѝ одреди условна казна. Од судските процеси што се во тек, пак, ексминистерката седи на обвинителна клупа во „Таргет-Тврдина“ каде се гони во делот од предметот што се однесува на уништување на опрема за следење на комуникациите. Останатиот дел за масовното прислушување, во кој таа не беше опфатена, застаре по измените на Кривичниот законик.

Total
0
Shares
Поврзани објави