Зaнзибар е жариште, зошто јужноафриканската мутација е толку опасна?

Јужноафриканскиот сој се шири побрзо и полесно, а ризик претставува за повозрасната популација и за оние со хронични заболувања

И покрај сериозната опасност, претседателот на Танзанија (Занзибар е нејзина полуавтономна сојузна единица) се противи на вакцинацијата и смета дека таа е опасна за населението

Случајот со двајцата сопружници од Битола, кои по враќањето од одмор во Занзибар се хоспитализирани поради ковид-19, ги натера здравствените власти да предложат карантин за сите оние што ќе се вратат од патувања од африканските земји.

Според анализите што ги направи лабораторијата на МАНУ од брис од еден од сопружниците, детектирано е присуство на британскиот сој на вирусот.

„Во текот на утрешниот ден ќе биде извршена анализа на вториот пациент кој, исто така, патувал за Занзибар. Тој е ковид-позитивен и исто така е хоспитализиран“,

рекоа од Министерството за здравство.

Сопругот, шеесет и петгодишен битолчанец, во моментов е хоспитализиран во Центарот за дијализа во Струга, бидејќи имал проблеми со бубрезите, а неговата сопруга е хоспитализирана во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ во Скопје.

Директорот на Центарот за дијализа во Струга, Александар Попоски, вели дека битолчанецот 15 дена престојувал во Занзибар, а последните два дена имал симптоми на ковид-19.

„Пациентот сега е стабилен. Афебрилен е моментално. Рендгенски, еднострано има една почетна состојба на бронхопневмонија. Има покачен ЦР-протеин, кој е маркерна инфекција. Температура засега нема и е изолиран“, рече Попоски.


Оваа ситуација ја натера Комисијата за заразни болести да донесе одлука и да предложи нова мерка – двонеделен карантин за сите што ќе се вратат од африканските земји. Но, од Министерството за здравство не ја исклучуваат можноста и за нови порестриктивни мерки за заштита.

„Во моментов мерките што се во сила даваат резултат. Во зависност од епидемиолошката состојба и врз основа на проценка од страна на стручните лица, можно е и понатамошно заострување на мерките со цел заштита од ширење на вирусот во државата“, ни рекоа од Министерството за здравство.

Каков е јужноафриканскиот сој?

Сите вируси, вклучувајќи го и оној што предизвикува ковид-19, постојано мутираат во нови варијанти и соеви. Повеќето мутации може да бидат безначајни, но она што ги загрижува експертите е тоа што јужноафриканскиот сој се шири полесно и побрзо.

Во анализата на Би-би-си се вели дека засега нема официјална потврда дека оваа варијанта е посмртоносна или дека создава потешко заболување. Но, она што се знае е дека овој сој е ризичен за повозрасните лица, но и за оние со претходни хронични заболувања.

Она што дополнително ги загрижува епидемиолозите е дека со јужноафриканскиот сој може да заболат лица кои веќе еднаш го прележале „оригиналниот“ ковид-19. Тие го нарекуваат уште и „пандемија во пандемија“.

Откако се појави овој сој на вирусот на крајот на декември минатата година, производителите на вакцините против ковид-19 започнаа да прават испитувања дали тие ќе дејствуваат против оваа мутација, како и против британската мутација.

Компанијата „Фајзер/Бионтек“ и Универзитетот во Тексас изработија студија за јужноафриканскиот сој на вирусот и велат дека тој влијание на нивото на антитела, односно го намалува. Сепак, според нивната студија и само една примена доза од вакцината го намалува ризикот од потешко заболување.

Слични резултати се добиени и од клиничките испитувања на компанијата „Модерна“, односно се покажало дека вакцината штити од тешко заболување, со што директно му помага и на здравствените системи, со намалување на бројот на хоспитализирани.

Европската агенција за лекови (ЕМА) кон средината на февруари, побара од сите производители на вакцините против ковид-19 да направат испитувања и да споделат информации дали вакцините штитат од трите потврдени соеви од Јужна Африка, Бразил и Британија.

извор: анализата е изработена од 360степени и продолжува тука

Total
0
Shares
Поврзани објави