Владата одлучи – Двојазични полициски униформи

Владата донесе Уредба која предвидува „двојазични полициски униформи“ во единиците на локалната самоуправа каде што најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот.

Во Скопје и во општините во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот ознаките на униформата на полицијата ќе бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборува етничкото малцинство.

Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата е донесена вечерва на владина седница.

„Оваа Уредба е донесена врз основа на Законот за употреба на јазиците, каде што, според член 8 став 3 е утврдено дека униформите на полицијата во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Северна Македонија и неговото писмо“ пишува во соопштението од владината седница.

Уредба влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“, а ќе почне да се применува во текот на една година од денот на стапување во сила.

Првиот вицепремиер Артан Груби, за време на седницата на Владата, се пофали на Фејсбук дека албанскиот јазик ќе стои на полициските униформи.

Total
0
Shares
Поврзани објави