Од утрово е почнато со гаснење на пожарот на планината Огражден над селото Бадилен во Општина Ново Село, во близина на бугарската граница, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Пожарникари од Струмица утрово со полициски хеликоптер биле префрлени во близина на пожарот на планината Огражден за да можат да започнат со гаснење од земја. Полицискиот хеликоптер, додаваат од ЦУК, ќе интервенира во гаснење на овој пожар, кој е на тешко пристапен терен. На овој терен горат борова и дабова шума и е зафатена поголема површина.
Командирот на Територијалната противпожарна единица од Струмица, Александар Гудев, синоќа изјави дека пожарот е на висок и непристапен терен.
За пожарот на планината Серта, од ЦУК велат дека во неговото гаснење ќе биде вклучен армискиот хеликоптер и оти од утрово од земја гаснат повеќе екипи.