Грција не престанува да се тресе: Серија земјотреси и утрово околу Санторини

Во текот на ноќта и рано утрово продолжија умерените земјотреси во близина на Санторини, но грчките сеизмолози уверуваат дека ситуацијата се следи внимателно и нема причина за паника. Сепак, според грчките медиуми, голем број граѓани од синоќа го напуштаат островот.

Последниот земјотрес што ја стресе Грција утрово беше со јачина од 4,7 степени според Рихтер, во близина на селото Оиа кое се наоѓа на Санторини.

Според податоците од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, земјотресите во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос не надминуваат 4,4 степени.

Директорот на институтот, Василис Карастатис, истакна дека епицентарот на последователните потреси се поместува североисточно од Санторини, што, според него, е позитивен знак, бидејќи го намалува ризикот од сериозни последици врз инфраструктурата на островот.

Училиштата се затворени, а екипите за итни случаи беа испратени на вулканскиот грчки остров Санторини денеска, откако сеизмичката активност нагло се зголеми во последните денови. Сеизмолозите изразија загриженост за потенцијално силен земјотрес.

Мерки на претпазливост беа наредени и на неколку блиски острови – сè попопуларни дестинации за летни одмори – откако во изминатите три дена беа регистрирани повеќе од 200 подводни земјотреси во областа, пишува Екатимерини.

Total
0
Shares
Related Posts