Денеска клучни договори: Средби на Мицкоски со Заев и Ахмети, на маса и предлогот за една изборна единица

На една недела пред очекуваното формирање на техничката влада, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ќе одржи средби со премиерот и лидер на владејачката СДСМ Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Најавено е дека Мицкоски прво ќе одржи средба со Ахмети во Собранието, а потоа ќе се сретне со Заев во Владата.

Заев синоќа, по Централниот и Извршниот одбор на СДСМ, каде за технички премиер беше избран досегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, а за вицепремиерка, на местото на Кочо Анѓушев, Мила Царовска, истакна дека тој на денешната средба со Мицкоски ќе го отвори прашањето и измени на Изборниот законик со воведување на една изборна единица, доколку лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ сака за тоа да разоговара.

– За една изборна единица можеме да одлучуваме сè до 12 февруари односно до 60 дена пред изборите додека работи Парламентот. Ние не се откажуваме од ова прашање, а и колегите од помалите политички партии, помалку бројните етнички заедници се про и сакаат. Тоа е и наше изборно ветување. Треба и другите политички партии, како ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да седнат, а јас утре ќе го отворам и тоа прашање, доколку и господинот Мицкоски сака да разговара. Убаво е ако за тоа одлучиме со консензус. Утре ќе ја искористам средбата со првиот човек на најголемата опозициска партија, можеби ќе најдеме одредено решение – изјави синоќа Заев.

Како што претходно беше најавено, според владини извори, Заев и Мицкоски на средбата ќе имаат консултации за техничката влада.

Согласно законот, опозицијата мора да дојде на консултација за предлогот за министер за внатрешни работи и тој да биде прифатен од власта (двете најголеми партии).

На лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, беше договорено на 12 април да се одржат предвремени парламентрани избори. Согласно процедурата, на 90 дена пред изборите треба да се формира техничката влада или во случајов тоа треба да се случи на 3 јануари.

Total
0
Shares
Поврзани објави