ЕКСКЛУЗИВНИ ДЕТАЛИ од истрагата на приведените за крвавиот четврток: Кога примил решение за притвор, му кажале дека мајка му умрела

Драма се случувала синоќа во Основниот суд 1 во Скопје кога еден од осомничените во доцните вечерни часови добил решение за притвор. Неговите бранители кога му соопштиле дека ќе оди во истражниот затвор Шутка , морале да му соопштат и дека неколку часа пред тоа починала мајка му. Осомничениот и бранителите барале од судијатата на претходна постапка Весна Димишкова да му одреди или куќен притвор или друга мерка токму поради смртта на мајката, но судијата одбила и донела решение по што осомничениот е однесен во Шутка. Денеска мајка му била погребана, но од судските власти не сакале да му овозможат да присуствува на погребот.
Овој осомничен не бил донесен со полициска придружба. Тој бил во својата викендичка кога добил повик да се јави службено во судот. Сам, без да го извести семејството дошол во судот и кога разбрал дека е дел од големата акција на полицијата повикал бранител. Во меѓувреме во неговиот дом починала мајка му, но додека не дал исказ никој не му кажал, за да може да биде добро сконцентриран пред судијата. Обвинет е за непреземање службено дејство вечерта на 27 април.
Распитот и работата на судиите траела до 6 часот изутрината. Дел од бранителите останале до 4 , а некои набрзина заминале до канцелариите каде по кус одмор и мала дремка се вратиле назад. Нив не им било дозволено да се измешаат со осомничените кои биле држени под силно полициско обезбедување со посебен режим на движење и комуникација.
Биле направени списоци кој осомничен кај кој од двајцата судии Весна Димишкова и Ненад Савески ќе даваат исказ. Почнал распитот и првичните информации дека се предвидуваат решенија за притвор. Адвокатите забележале дека сите кои излегуваат од канцеларијата на Димишкова добиваат притвори , а оние кои се на распит кај судијата Савески добиваат куќен притвор. Неколку пати и списокот на распоред кој каде ќе се сослушува бил менуван. Сите кои се паднале кај судијата Савески им било полесно оти се надевале и добиле куќен притвор.
Во судот посебен третман имале пратениците. Сите се повикале на пратеничкиот имунитет. Во текот на денот се проширија информации дека полицијата не може да го најде Јохан Тарчуловски. Иако јавноста надвор не го виде, сепак , тој заедно со адвокатот кој го бранеше во Хашкиот трибунал , дошол во судот добил решение и соодветна документација и си заминал . Судијата Весна Димишкова до Собранието достави известување дека бара симнување имунитет за претениците поради определување мерка притвор. Синоќа сите беа пуштени да одат дома , а во петок во 10 часот мора повторно да се јават во судот кога продолжува одлучувањето за нив. Оние кои веќе се во притвор, чекаат да помине рокот од 24 часа и жалбите на нивните адвокати, оти одлуките и решението на судијата не се правосилни додека Кривичниот совет и Апелација не ги потврдат.

Total
0
Shares
Поврзани објави