Хронично болните ќе седат дома само со потврда од специјалист

Хронично болните имаат рок до 23 септември да посетат специјалист и да добијат потврда дека поради нивната дијагноза не можат да се вратат на работа. Ова мерка се презема со цел да се избегнат злоупотреби на системот, хронично болни кои не се во ризична група од коронавирусот, да не одат на работа.

Министерството за здравство ќе пушти дополнителни термини на „Мој термин“ и е-амбуланта, а ако до 23 септември пациентите не стигнат да ги обезбедат потврдите, ќе се остави простор за пролонгирање.

Ова е заклучокот од утринската средба на министерот за здравство  Венко Филипче со претставниците на здруженијата на пациенти.

„Станува збор за широка категорија и идејата е да ја сведеме на поткатегории со цел да не се злоупотребува системот и да биде фер за сите, односно оние кои треба да се дома и кои се навистина во ризик, да останат дома. Реален проблем е тоа што бевме сведоци на злоупотреби“, тврди Филипче.

 Тој смета дека има има луѓе кои поради комплексноста на одредена хронична болест, не можат да одат на работа, но тоа да го утврди лекар специјалист.

„Пациентот може да извади соодветна потврда или уверение од специјалист и на тој начин да биде ослободен од работа“, вели Филипче.

Министерот Филипче вели дека нема простор за паника, ниту за незадоволство и дека мерката е  димензионирана така да го заштити здравјето на оваа критична ризична категорија на граѓани.

Тој најави измена на правилникот за боледување во Фондот за здравствено осигурување, со кои ќе се дозволи лекарот специјалист да даде потврда и за отсуство од работа на неопределено време или за одредено време, без контролни прегледи, праќање на комисии и дополнителни испитувања.

Total
0
Shares
Поврзани објави