Мечки се сликани над Тетово на патот Бродец – Шипковица

Жителите на Тетово успеале да фотографираат мечка во планинскиот предел во правец кон месноста Бањиче и долж патот Бродец – Шипковица. Фотографиите се споделуваат на социјалните мрежи со предупредување за внимателност, сметајќи дека ова диво животно во чести случаи знае и да нападне луѓе.

Од друга страна членовите на здружението за заштита на мечки „Шари Беар“ од тетовско Доброште за овие ретки и заштитени диви животни прават разни активности за да им помогнат да ги преживеат суровите услови во планина.

Претседателот Ирфан Селими за разлика од вообичаено мислење дека мечките се опасни за луѓето, го смета спротивното.

–Тие се плашливи повеќе од другите животни и се опасни само ако се гладни. Главниот инстинкт кај мечките е да јадат и кога се сити потоа не се опасни. Кога немаат најдено храна, знаат да се доближат до местата каде има луѓе како и бачила и пчеларници. Така само ги напаѓаат овците за да се нахранат. Ако се нахранети не знааат да прават некоја беља. Сме се сретнале со мечките во шума без да имаме некоја опасност. Тие кога се сити не ризикуваат – објаснува Селими.

Здружението „Шари Беар“ дејствува во подрачјето на шумите околу Доброште на 20 километри од Тетово каде според нивната евиденција има 12 мечки.

– Во шумите на неколку места имаме поставено како пунктови на кои оставаме храна за мечките. Им оставаме зеленчук и пченка. Имаме поставено видео камери од каде гледаме како овие животни го поминуваат времето во шумите, – вели Селими.

Мечките во Македонија со Законот за ловство од 1996 година се трајно заштитен дивеч кој не смее да се лови. Р.Д.

Total
0
Shares
Поврзани објави