Нема гостување на пејачи по угостителски објекти

Владата синоќа ги прифати мерките што претходно ги препопрача Комисијата за заразни болести, забрана на гостување на пејачи и ограничување на јачината на музиката и на бројот на гости во угостителските објекти.

– Тоа значи дека повеќе нема да има гостување на пејачи и ди-џеи во угостителските објекти. Потсетуваме повторно дека дискотеките и ноќните клубови немаа, односно во ниту еден момент не добија дозвола за работа. Понатаму се намалува дозволената јачина на звукот на 55 децибели за да се одржи препорачаната дистанца и се намалува бројот на лица коишто седат на една маса од 12 на 4 лица, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Според усвоените протоколи за работа на угостителските објекти и на кафетериите, не се дозволува послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси.

Владата го прифати и укажувањето на Комисијата за потребата од строго почитување на забраната за работа на ноќни барови и дискотеки и потребата од преземање на ригорозни мерки од страна на надлежните институции во случај на прекршување на забраната.

Филипче оцени дека ваквите мерки се апсолутно оправдани и дека сега е добар период кога треба да се имплементираат.

Тој не исклучи можност да се ограничи работата на одредени економски субјекти и на бројот на луѓе во јавниот превоз, како и мерката за носење маски на отворено.

Според него, за други рестриктивни мерки би размислувале во подоцнежните есенски месеци, кога се очекува и појава на сезонскиот грип, настинки поради студеното време, како и зголемена загаденост на воздухот.

Total
0
Shares
Поврзани објави